Во сенката на Великиот Инквизитор

glazunov53

Можеби најпознато поглавје во сите дела на Достоевски е она за „Великиот Инквизитор“ во „Браќа Карамазови“. Тоа е една „поема“ прилежна на карактерот на Иван Карамазов, фантастична приказна која го олицетворува сиот цинизам што може да се собере во Иван.

Во едно претходно поглавје, „Бунт“, Иван поставува една разорувачка жалба против Бога во врска со проблемот на злото. Откако завршува со неговите приказни за неправдата (во кои најчесто се вклучени деца, а за кои тој на крај Го обвинува Бога), Иван не извикува дека Бог не постои, туку дека едноставно „го враќа билетот“. Тој нема да Го прифати Христа и да чека еден ден сета неправда да му биде објаснета. Нему му е доволно.

Во „Великиот инквизитор“ Иван се префрла на една инаква сцена. Во оваа „поема“ тој замислува дека Христос се вратил на земјата за време на инквизиторските судови во средовековна Шпанија. Таму Христос се соочува со Црквата која Му вели дека Тој треба да си оди. Речено му е дека Тој не успеал на луѓето да им го даде тоа што тие сакаат и дека Црквата ќе треба да ја заврши работата. Тој е веќе непожелен.

+ + +

Овие две поглавја од Достоевски се меѓу најпотресните во современата христијанска литература. Тие се особено моќни затоа што во себе ја носат сета сила на современите обвинувања со кои Бог треба да се носи (и сето ова во еден христијански роман). Ниту Достоевски не се однесува кон нив лесно. За читателите на Достоевски е јасно дека единствениот одговор даден на ваквите философски тиради е примерот на христијанските животи [што луѓето ги] живеат.

Секогаш е вака. Аргументите за моќ се секогаш презаситени од добри причини. Аргументите за прошка се крајно слаби. Вообичаено оние кои Христовите заповеди ги сфаќаат сериозно и постојано се трудат да живеат според нив, неизбежно изгледаат како будали наспроти оние чие знаење и цинизам придобива светска моќ.

Во „Великиот инквизитор“ на Достоевски одговорот на бесот и философијата на стариот Кардинал е Христовиот молк и бакнеж.

Има многу современи облици на Великиот Инквизитор – или барем на она за што е напишано ова поглавје. Нашите човечки животи не еднаш се искушувани да се зафатат со одредени „христијански“ цели и да ги остварат. Навистина, засилената организираност и ефективност на современиот човек изгледа доста способна за искоренување на гладот, насилството, негрижата и сличните работи. Зачудувачки, многуте напори за ваквата световна совршеност (во име на општото добро) ја натрупаа историјата со пропаднати шеми и повремени преголеми касапења.

Постојано пишувам: Христос не дојде во светот за лошите да ги направи добри, туку мртвите да ги оживее.

Нема да успееме да создадеме овоземен рај преку големите шеми на еден обединет свет, или една обединета Европа. За мене е комично (да не беше толку трагично) што едно од првите достигнувања на европските судови е одлуката за отстранување на распетијата од италијанските училишта. Колку гладни стомаци ќе се нахранат од ова? Инквизиторот (сега во Стразбур) ќе ни каже дека се работи за слободата на децата.

Борбените линии не се политички (никогаш и не биле). Отстранувањето на еден Инквизитор е просто за да се направи место за следниот. Навистина, христијанскиот одговор не е одговор на дела човечки: тоа е одговор на Божји дела.

Одговорот што Достоевски го дава на Великиот Инквизитор не е еден усовршен аргумент – туку еден бакнеж – тоа се животите на светите ликови како [оној на] старецот Зосима и младиот Аљоша Карамазов. За нас, тоа е животот, ден по ден, на едноставниот верник: „Оној, Кој е во вас, е поголем од оној што е во светот“ (1 Јн. 4,4). Одговорот на Црквата, настрана од сè друго, е да се живее преобразувачкиот живот на Христос Кој во нас живее. Христијаните ќе бидат гонети во овој свет. Ќе ни ги одземат распетијата, ќе ни ги испокршат иконите и ќе ни кажат дека попусто си го трошиме времето. Ќе ни изнакажат многу работи.

Но, Христос ни вели: „Не бојте се, зашто Јас го победив светот“ (Јн. 16, 33).

Отец Стефан Фримен

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz