Во сенката на свештеникот

Кога една жена се стапува во брак со човек кој се подготвува да биде свештеник, таа се венчава, истовремено и со неговата идна парохија и свештенство. Кога нејзиниот сопруг ќе биде ракоположен, често се случува неговата жена да биде потисната во еден живот на изолација, запоставеност и постојан надзор од очите на злобните луѓе.

Без разлика дали ја викаме „попадија“, „матушка“ или „презвитера“, самото име ни кажува еден дел од приказната. Жената на свештеникот станува негов продолжеток. Жените кои мислат дека на овој начин ќе здобијат подобар статус или чест најчесто грешат. Во поголемиот број случаи, ова само ги прави цел (на отворени напади), така што жените на свештениците најчесто патат од стрес којшто е поголем дури и од оној на нивните сопрузи.

+++

При едно истражување на Институтот за истражување „Албан“ што неодамна спроведе програма за справување со стресот меѓу свештенството, беше заклучено дека стресот со кој се соочуваат жените на клириците е поголем од стресот со којшто се соочува самиот клирик.

Во листата на фактори кои влијаат на ваквиот стрес се јавиле следните проблеми:

  1. Изолацијата
  2. Недостигот на поддршка од парохијата, која на жената на свештеникот обично гледа како на пример, отколку на личност
  3. Претпоставката дека кога архиерејот го поставува парохискиот свештеник на парохија, истовремено и неговата жена е поставена и на некој начин одговорна за животот на парохијата
  4. Товарот од водењето на домот на тенок буџет под будното око на прекритичните и несочувствителни парохјани
  5. Финансиските потешкотии при одгледување деца и водење домаќинство со една свештеничка плата

И можеби најважно од сè, фактот дека свештеникот е овенчан најпрво со својата парохија, па дури потоа со својата сопруга.

+++

Матушка Александра знаела дека тоа што е жена на свештеник не е никаква гаранција дека нема да се соочи со брачни проблеми. И самата била ќерка на свештеник, така што ја гледала мајка си како се бори со запоставување и изолација. Но, кога го запознала Сергиј, кој бил ученик во богословија, и одлучиле да се венчаат, таа била убедена дека нивниот брак ќе биде различен. „Мислев дека сè ќе сторам како што треба“, вели денес со цинична насмевка, откако проживеала дваесет години како попадија. „Имав една прекрасна, идилична слика. Ќе бевме тим. Сите ќе ги љубевме, и сите ќе нè љубеа.“

Свештеник со своето семејство
Свештеник со своето семејство

На Александра не ѝ требало многу време за да сфати дека, исто како и мајка ѝ, поголемиот дел од времето ќе биде сама, и тоа соочена со многу нељубовни, а понекогаш дури и злобни, злонамерни парохјани.

Во првата парохија во која биле назначени, имале четворособна куќичка во црковниот двор. Таа не можела ниту да готви, ни да пере или да чисти додека луѓето биле в црква на состанок; звуците и мирисите од нејзината работа би можеле да бидат осетени од луѓето в црква или салата за состаноци. Кога добиле деца, тие морале да бидат тивки за да не ја попречуваат работата на нивниот татко. Кога и да излегле во дворот да поиграат, секогаш се најдувало некој да се пожали на нив.

Парохјаните постојано навраќале ненајавени, со очи полни осуда за недомаќинлукот на попадијата.

+++

Таткото на попадијата Марија се упокоил само една недела по губењето на нејзиното прво чедо. Ја надвасала депресија и пошла во болница да се лекува. Некои од парохјаните веднаш му се јавиле на епископот, велејќи му: „Не сакаме поп чија попадија има емотивни проблеми“.

Кога попадијата се вратила дома, се шокирала од недостигот на поддршка. Една жена грубо ѝ рекла: „Мислам дека ќе ти биде подобро ако не поминуваш толку време мислејќи само на твоите проблеми“. Речиси и да немало поддршка од парохјаните, ни од нејзиниот сопруг кој секогаш бил зафатен со парохиските потреби; морала да се соочува сама со сите проблеми – сопругот имал време за секого, само не за неа. „Туѓите потреби беа секогаш поважни од моите“.

+++

Разводите се тешки за сите семејства, но за свештеничките семејства тие претставуваат особен проблем. Во бракот со свештеник, од жената се очекува секогаш да го завземе последното место, да се соочува со откажување на своите планови поради нечии смешни проблеми, да се навикне на тоа дека нејзините деца ќе бидат постојано осудувани и обвинувани; ова понекогаш создава толку многу стрес, што многу жени се откажуваат од брачниот јарем.

Презвитера Јулијана била многу ревносна кога се венчала со Никола, кој пак требал да заврши богословија. Бивајќи исто така ревносен, тој се фрлил на работа, запоставувајќи ја. Каде и да одела, таа одела сама: во галерии, на изложби, во парк. „Како да бев вдовица. Имавме една ќерка, и јас сакав да имаме уште деца, но ниту за тоа немаше време. Мојот сопруг постојано беше со парохјаните, во болница, во дом за страри лица, во книжара. Се восхитував на неговата работа, но и јас сум човек, жена, сопруга.

„Доколку не му бев сопруга, ќе ми посветеше повеќе време и внимание, како на парохјанка“. Отец Никола сè повеќе се оглушувал на нејзините поплаки, и таа на крај сфатила дека нејзиниот живот тоне во испразнетост и осаменост. На крај, не можела да се носи со тоа и побарала развод, за да може да започне живот за себе.

+++

Еден од главните проблеми со кои се соочуваат попадиите е фактот дека многу од луѓето се обидуваат да се приближат до свештениците преку нив. Многумина ги носат своите поплаки (кои пак, најчесто се или непостоечки, или себични) на свештениците токму кај нив, и им додеваат со нив, очекувајќи дека попадиите ќе повлијаат на нивните сопрузи, и овие ќе им ги исполнат желбите. Други пак, се однесуваат злобно кон попадиите или нивните деца, за на тој начин да го покажат своето несогласување или непослушание кон самите свештеници.

Кога домашниот живот на свештеникот е пореметен на овој начин, тој не може вистински да ѝ послужи на својата парохија. Жените на свештениците честопати тешко и беспотребно се измачуваат од непромисленоста на парохјаните и запоставувањето од своите сопрузи. Се случува, и тоа не ретко, кон нив никој да не пројави основна култура и почит, каква што доликува во обраќањето кон секое човечко битие.

Парохјаните мора да го знаат ова. Наместо постојано да ја озборуваат или осудуваат попадијата, зошто да не го променат начинот на однесување кон неа? Колку подобар и помирен домашен живот ќе има нивниот парохиски свештеник, толку подобар ќе биде и парохискиот живот.

Љубовта, разбирањето и состраданието неопходни во нашиот живот како православни христијани.

Оставете коментар

1 Comment on "Во сенката на свештеникот"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

soprugata i soprugot se kako dve kuli , i dovolno blisku za da se vo sojuz no i dovolno daleku da ne precat edna na druga.Koga sme kaj kulite Marijo od Magdala moli go Boga za nas!

wpDiscuz