Во риболов

Царството небесно прилега исто така, и на мрежа, која се фрла во морето и уловува секакви риби, и кога ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот и седнуваат, па добрите риби ги собираат во садови, а лошите ги фрлаат. Така ќе биде и при свршетокот на светот, ќе излезат ангелите и ќе ги одделат лошите од праведните, и ќе ги фрлат во вжарена печка, таму ќе биде плач и крцкање со заби.

Матеј 13, 47-50

Ако мрежата се надвие и го затскрие Небото при нејзиниот обид да бидеме богат лов во намерата да се приграби што повеќе, а јас сум неподготвен да станам плен и план за селекција, тогаш не ми преостанува ништо друго освен да се помирам со она што ќе се случува. A, тоа ќе биде привремено припаѓање на друг кој го има во рацете изборот на распределба во сад или во просторот за отпадоци. На исходот од тоа каде ќе припаднам мислев му претходеше, како што реков, подготовка која ќе ми помогнеше да доживеам очекуван крај. Тоа се состоеше воглавно во осознавање на тоа дали сум добра или лоша риба и дефинирање на мојот квалитет во рамките на стандардите на рибарот, или можеби денешната негова расположба односно стрес според кои лесно наместо на десната би ме фрлил на левата страна. Но, многу малку простор има за моето претходно и навремено правење на нешто што би ми овозможило излез од денешната каша. Прво, требаше, а тоа не можам да го изведам селфи, генетски да се декодирам и повторно програмирам со вкус и развој на риба која би завршила во погоден сад. Но, прашање е дали мојот очај ќе занемеше ако сум во тие садови, подоцна информирајќи се дека следната дестинација на таа траса е оган и трпеза. Или второ, наместо вечната потрага по вкусен црвец, некоја минута во текот на денот требаше да ја потрошам на учење на лукавоста како да се скриеш во школка кога видното поле е преполно со ловци. Но, сега е доцна, со самото откинување од водата, мојата природна средина и дом, заврши едно постоење и спомени за миговни блаженство и покој.

Ловци на луѓе

Кога мрежата се надвие и го отвори Небото во тој суден, последен ден, а јас сум неподговен да станам плен и план за селекција, ќе биде премногу доцна нешто да се стори освен да се помирам со фактот дека не бев риба без многу избори. На исходот од тоа каде ќе припаднам уверен сум дека пресудно влијание има подготовка или уште поблиску наречен начин на живеење карактеристичен по своето едноумие од утро до вечер и непрестајна борба против сите мисли и дела кои сакаат да го попречат тој мисловен процес или му воведат нешто друго кое би ја извалкало неговата невиност. На почетокот многу важно е осознавањето на тоа дали сум добар или лош човек и дефинирање на мојот квалитет во рамките на стандардите на Рибарот. Има голема веројатност тука да погрешам со оглед на суетните бариери и земски поглед на работите кој одделување од вишокот и дарување на сиромашните го нарекува милостиња, додека копнеж по пријателите и студенило кон останатите го именува љубов. Но, секоја грешка ќе преставува лекција и можност за каење, а тоа пак солзи кои успешно ќе ги мијат срцевите рани. Така и ќе се одвиваат чекорите по трнливиот пат, понекогаш бавно со долго трпение и очекување, понекогаш брзо со радост и душа лесна, прелетна. Единствено сигурни во оваа фаза ќе бидат верата: дека на крајот на тунелот е обилната Светлина, надежта: дека сите заповеди се послушани, а оние кои не се, се простени, и љубовта: дека ништо нема да остане од гробот освен прав и возљубеноста која ќе ја понесеме.

И при свршетокот на светот, ангелите ќе ги одделат лошите од праведните и ќе ги фрлат во вжарена печка. Не сакам ниту да помислам како е таму, освен во моментите кога сум премногу дрзок пред сопственото смирение. Веројатно е жешко и влажно од плачот и бучно од крцкањето со заби. Поразително е знаејќи дека таму се сите оние кои ме наговараа против Бога нудејќи ми од страстите, сега со раскезени заби и вистински облик на ужас, подмолно сокриени пред да загосподарат со нашите души. Ќе зборуваат со вистинскиот речник, со фразите со кои ме измамија и ја донесоа илузијата од меур сапуница, но сега со акцент на секој збор пеколно мрачен. Не сакам ниту да помислам како е таму земајќи во предвид колку силно се молам против темнината.

С. П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz