Во рајот ќе бидеш близу до Бога

Крит

Денес ќе ти кажам добри вести. И сакам овие вести да ги прифатиш од сѐ срце. И да ја почувствуваш радоста што те исполнува како кога слушаш нешто пријатно. Добрата вест што сакам да ти ја кажам е дека ќе одиш во рајот! Ќе се спасиш! Засекогаш ќе бидеш близу до Бога.

Но, сакам да ти кажам и еден детаљ. Ќе ти кажам кој друг ќе биде со тебе. Од една страна, со тебе во рајот можеби ќе бидат и некои криминалци и некои грешници што се каат.

До тебе, близу, можеби ќе биде Хитлер, ќе биде Диоклецијан. Кој знае и кој друг… Ти пречи ли тоа? Гледам, како да си намуртен, како да имаш проблем со ова. Не ти се допаѓаат овие луѓе, а? Чувствувам дека не сакаш сите овие да бидат покрај тебе. Во ред. Седни, ајде, да го смениме составот на друштвото за во рајот. И да те сместиме во една друга група.

Значи, во рајот, каде и да се наоѓа, со тебе ќе биде еден од твоите браќа, и тоа токму оној со кого што не зборуваш. Се сети кој е? Оној за кого што глумиш дека не го гледаш кога одиш на свадба… Или поради кого не одиш на нечија свадба, поради кого велиш „Нема сите да одиме, зашто не сме блиски со семејството – во наше име ќе оди еден од нас, ќе нѐ претстави сите.“ Е па, во рајот ќе бидеш покрај овој брат.

Ни ова не ти се допаѓа? Се сеќаваш дека ми кажа оти сте се развеле со жена ти? Но, во рајот ќе бидеш со неа. Покрај тебе ќе биде жена ти. Гледам, пак си ми намуртен. Ни ова не ти се допаѓа? Но, ти велам дека ќе бидеш во рајот, а ти сакаш да ми речеш дека не сакаш. „Ама не сакам да одам во рајот и покрај мене да бидат тие луѓе, не сакам да одам. Во рајот покрај мене сакам да бидат луѓето што јас сакам да бидат покрај мене! А не луѓе коишто не ги сакам и не ги љубам. Сакам да бидам со оние со кои добро ми оди. Со нив, а не со другите.“ Всушност, ти сакаш да одиш во рајот, но според твои правила и услови.

Не избрзувај и не ми вели дека зборувам глупсти. Ова што ти го велам го прочитав во една духовна книга, во која пишуваше: „Размислувај дека во рајот ќе бидеш покрај Хитлер. Како ќе се чувствуваш?“

Ти мислиш дека е факт дека некои луѓе не можат да се спасат. Но, дури и да се спасат, ти не би сакал ги видиш. За среќа, ти не си Бог. За среќа, и јас не сум Бог. Оти, Бог размислува многу поинаку. Понаку ги обмислува нештата во Неговиот ум. Бог љуби.

„Многу ми е тешко да го прифатам оној бог којшто го љуби мојот непријател како што ме љуби мене. Да ме љуби мене, разбирам. Но, да го љуби мојот непријател и него да стави во рајот? Умов не може да го сфати тоа.“

Да, но што ако овој човек се покае во последниот момент од својот живот? Да не го знаеш неговиот крај? Можеш ли да знаеш што на крајот од својот живот направил некој криминалец?
Не можеш дури ни да замислиш да го прифатиш тоа дека и тој го гледа лицето Божјо. Зар никогаш не си помислил дека човекот што го здогледуваш по пат, и бегаш за да не го сретнеш, дека можеби Господ го прифаќа, го љуби, го носи во својата прегратка заедно со другите Негови чеда?

Ова што го велам не е некаква претпоставка или фантазија. Реалност е, го знаеме ова. Он ни го кажа тоа: „Јас сите ги љубам. Потреба за лекар имаат болните, а не ти, кој – наводно – си добар.“

Архимандрит Андреј Конанос

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz