Во ново стадо

Ете, Јас ве праќам како овци меѓу волци, бидете мудри како змии и незлобни како гулаби.

Матеј 10, 16

Не ме мачеше само мирисот во новото стадо, оној што ме потсетуваше на волчја глад и исплазен јазик натопен во лиги кои капат од застрашувачки наизглед преострени заби кои ги гледав во документарните стории, туку и изгледот на новите соседи, нивната трансформација ту во накострешеност, ту во издресирана, но немирна скротеност, а најмногу нивниот поглед во варијации од затапен во привидно мирна отсутност, па сè до искричав и жарлив до гнев. Ме прати Бог таму и не размислував ниту за причините, ни последиците од престојот, уверен во Промислата која или посакала да ме подготви за покајанието кое тешко го зачнував во условите во кои приоритет му давав на телото и неговите желби, или пак да ме провери во печката во која се проценува чистотата, а се гасат страстите, или пак не знам зошто поради сè уште немудрото движење по Божјите патишта. А, ако се погледнам како курир на Радосната вест, засрамено ќе го одвратам погледот кој е спремен да продолжи во илузијата дека јас сум еден од пратените.

Да се биде мудар како змија е една од поставките која од самиот почеток ми е скептично прифатлива, пред сè поради карактерот на змијата, нејзиното учество во отпадот, приказните во кои се јавува како закуподавец на својата форма за цели на Лукавиот, а и пророштвата во Откровението во кои се напоменува нејзиното име и крајот во огненото езеро. Но, апостолот преку Духот тоа го запишале, па да се потрудам да ја пронајдам мудроста на ова животно и искористам како наметка на моите чувства, а можеби подоцна и како својство за опстанок или уште подоцна и како начин за промени во новото стадо. Да бидам мудар и ја одбранам верата дека гробот не е последното коначиште на човекот туку само сон во пазувите на земјата до конечно издигнување пред Судот кој прераспределува. Или мудар и посеам надежта дека има само десет инструкции или само две кои ги содржат претходните, кои треба да се запазат, односно покае прекршувањето поради несовршеноста да се додржат, за да се најдеме пред пресудата на Судот која води кон оние со бели облеки. Или мудар и поделам љубовта на гордите во новото стадо кои не знаат што прават и на скршените во новото стадо кои го отфрлиле волкот во себе и копнеат за Новата земја.

Да се биде незлобен како гулаб е веќе мојата девиза во животот, мојот парадокс да се влета со добрина која се судрува со својата потемна половина, мојот апсурд да се настапи со молк кој се судрува со својата врева и мојот триумф да се почувствува Небото кој се судрува и со својот пекол. Нивните немирни очи складно разиграни пред патеката на нивната аеродинамика, слаткиот полничок профил кој привлекува внимание да биде пердувесто погален, и сè до кратките самогласници кои излегуваат низ клунчето во вид на гугуткања, се доволна асоцијација на нешто само по себе мерливо со нежноста на пакетот од ангел, крилја и ореол. Верувам дека нивниот страв и брзо прелетување пред раката која им дава храна, но има таинствени зли помисли, набрзо преминува во добродушна наивност и одлучност да се издржи до некој од стадото и по цена до самопожртвуваност.

Не ме мачеше само мирисот во новото стадо туку по малку и однесувањето во него. Иако претходно бев подготвен и верував во пророштвата, го гледав својот крст и не се плашев од тежината, го чекав крајот и вечноста после него, … Не ја довршив реченицата за да акцентирам дека сето тоа го пренесував и на стадото, но мнозинството беа целосно незаинтересирани и верни на светот.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz