Во Господа се упокои митрополитот Полошко-Кумановски Г. Кирил

На 79-годишна возраст утринава (11 јуни 2013) во 2 часот се упокои во Господа полошко-кумановскиот митрополит Г. Кирил.

Митрополитот Кирил е роден на 23 јуни 1934 година во селото Царев Двор, Преспанско. Средно богословско училиште завршил во Призрен. Во 1964 година се замонашил во Воведенскиот манастир во Кичево. Студирал на Московската духовна академија на Руската православна црква во Загорск каде завршил прв степен на студиите.

Во 1967 година во соборниот храм „Свети Димитриј“ во Скопје, бил хиротонисан во епископски чин. Раководел извесен период со Австралиската и со Американско-канадската епархија. Во 1987 година бил назначен за Полошко-кумановски митрополит.

Коавтор е на монографијата “Почит кон Свети Кирил Солунски-Десетте поклоненија на Светикириловиот гроб во Рим”, Скопје, 1979 година.

По упокојувањето на Архиепископот Доситеј, од 22 мај до 19 август 1981 година, до изборот на новиот поглавар Архиепископот Ангелариј времено ја извршувал должноста на архиепископскиот трон.

Прогласен е за почесен граѓанин во повеќе од 15 града во САД и во Канада и во неколку града во Австралија. Добитник е на повеќе признанија, плакети, како и на Орден заслуги за народот.

Повеќе детали за погребението, како и за назначувањето на местобљустител на Полошко-Кумановската катедра се очекува Светиот Aрхиерејски Синод на МПЦ-ОА да објави денес.

Вечнаја памјат, владико свјати!

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz