Влезот за богатите

А Исус им рече на учениците Свои: „Вистина ви велам, богат мачно ќе влезе во царството небесно, и уште ви велам: полесно и е на камилата да мине низ иглени уши, отколку на богатиот да влезе во царството Божјо.”

Матеј 19, 23-24

Парите се отепувачка. Парите се топлинка во староста. Доволно е да имаме здравје, ама здравје без пари нема. Малку контрадикторни преданија од предците кои скоро невидноизменети егзистираат и денес во размислите на современиот човек. Се превагнува кон желбата да се има во миговите на силен телесен процут кој ја стимулра илузијата дека може да се грабне целиот свет и носи во сопствените раце. Подоцна пак, се игнорира нивниот мирис и боја кога скоро сите атоми на енергија се потрошени во болест или уште полошо на претсмртна постела, и кога ожалостениот на драго срце би ги менувал со погледот врз уште неколку изгрејсонца. За жал богатството нема да се додефинира само со парите како би можеле таа категорија да ја апсолвираме како исцрпена и доволно истрошена за да ни создава грижи. Таа ќе се модифицира во вишок, модернизација и бренд на недвижности, подвижности, привилегии, луди идеи, контроверзна моќ, па се до копнежот на Мамона да се постане Бог. Така и настанаа луѓето кои наместо по преобразбата по Неговиот образ се намерија по Престолот.

ikona-pari

Богат сум од малечко дете. Во закрилата на родителите секогаш со златна лажичка го конзумирав појадокот, односно само оној дел од него кој беше раритет за моите вкусови, додека остатокот заедно со трошките беше за немашните. Не ми требаше Бог кога имав татко кој ми остави сѐ на хартијата поради која многу ме возљубија. Има многу луѓе околу мене кои со драго срце кое великодушно им го исплаќам, се грижат сонце да не ме пече и ветер да не ги бранува моите мисли кон нешто негодно. Ако само пукнам со два прсти или ги напишам моите иницијали, тој простор каде тоа се слушна и гледа станува свето место на кое не само чевлите туку некои и повеќе се расоблекуваат. Зошто би се обидувал малку помал од камила да се провлекувам низ иглени уши или во царството Небесно кога царството земјено е полно со интерес и похот која привлекува, раскинува, па составува. И што би можело да понуди дрвото на животот со своите лисја многу повеќе од белата прашина која во еден момент те претвора во авион, во друг во духот на Аладин, а во трет пак во подморница. И колку повеќе возвишено би звучел хорот на харфите на Небото од шумот на кредитната картичка која купува, од врисокот на пијаната толпа која ги живее последните мигови на реалноста или шепотот, навидум срамежлив на лицемерните дека сум се зацарил на земјата.

Богат мачно ќе влезе во царството небесно, скоро како камила низ иглени уши. Златната лажичка му помогнала да заборави да ја испружи раката кон храната предвидена за воздржување и го направил телото господар врз неговата душа. Таткото се погрижил да дава риба наместо камен, но исто така и да ги остави сите искушенија кои станаат билет за бездната. Послугата, далеку од ангелската чувствителност, ќе го напушти во моментот кога тој ќе застане пред Судијата и подголнувајќи нема ниту да се сети на сопствениот одраз во огледалото, широко насмевнат во анархија. Надвор од портите, заедно со грешниците ќе го ѕирка дрвото на животот со лисја кои вечност значат и ќе посакува барем птица да беше со слободен влез и лет над неговите гранки, проследувана со поглед од во бело облечените. Таму се слуша и хорот на псалми и славословија кој раскажува за наградените на небото кои веќе го заборавиле светот и сѐ што беше негово. Пред портите ќе стои херувим со огнено оружје кое се врти и наваму и натаму за да го пази патот и воопшто не е заинтересиран за износот во кредитната картичка или блесокот на златото. Многу блиску сокриено ќе биде демончето кое и на крајот ќе има понуда до последните патници. Тоа прифаќа и кеш и компензација и трампа, но најмногу се пазари за парче душа. Во замена ја нуди илузијата со која човек може да се намали до отворот на иглени уши. Оние кои што ќе прифатат, задолжително ќе останат надвор од портите.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz