Вистинска вера

А Исус им одговори и рече: „Вистина ви велам: ако имате вера и не се посомните, не само тоа што стана со смоквата ќе извршите, туку, ако и на оваа планина ѝ речете: ‘Дигни се и фрли се в море!’ ќе биде и сѐ што и да побарате во молитва со вера, ќе добиете.“

Матеј 21, 21-22

Верувам дека утре ќе биде топол ден. Тоа го рекоа знаците на небото, една стара бабичка според вртежот во колената и медиумите со шарена компјутерска презентација со насликани ветрови и сонце. Но, можеби и ќе погрешат и утре колебливо ќе го милувам чадорот како мој спасител. Верувам дека овој месец ќе заврши со добра заработка за мене. Тоа го вели пазарот, економските експерти и мојот книговодител кој упорно ги трие рацете покажувајќи задоволство. Но, можеби и ќе погрешат имајќи ги во предвид прелевањата на светските кризи и во нашите поточиња. Верувам во моите пријатели. Тоа го велат кафеаните каде се дружиме, ветувањата кои полупијани ги разменуваме и нивната насмевка кога ги поткрепувам финансиски. Но, ја губам нивната трага понекогаш и често кога ми треба рамо за плачење. Верувам во мојот нов автомобил, во удобната куќа со базен во дворот, политичките партии на власт, севкупната цивилизација сосема одговорна за да не се самоуништи, безбедноста на озонската обвивка и во сѐ она што ми овозможува да го живеам и утре.

Ако на планината ѝ речам да се дигне и фрли во морето, тоа и ќе биде. Секако ако имам вера и не се посомневам. Но, јас сум толку мал наспроти нејзиниот габарит и условно кога би бил многу силен не би знаел како да ја опфатам и ја фрлам во морето. Тогаш треба да сум мудар и да ѝ речам таа самата да си го стори тоа. Но, како една толкава древна големина ќе го послуша мојот заповеднички тон и ќе стори нешто што би ја подмрднало од нејзиното вековно стојалиште? Ако верувам дека моите зборови ќе предизвикаат земјотресна катаклизма и ќе го распукаат нејзиното подножје, таа и нема да има друг избор освен да падне во морето. Ако не се посомневам во чудото за постоење на вулкан под нејзината основа длабоко во земјата и негово активирање после моето барање, можеби растопувањето на балансот помеѓу притисокот и издржливоста ќе се денивелира и ќе доведе до пропаѓање со единствен избор да се пласне во морето. Ако поверувам дека ќе можам да ја замолам со љубезен глас, ведра насмевка и облак топлина, од најскриените делови на срцето кои најгласно зборуваат, со очи искрено пријателски кои ветуваат добар крај, да ја замолам да се фрли во морето, можеби така и ќе биде. Но, ниту верувам, ниту пак можам да не се сомневам. Јас сум толку мал наспроти нејзиниот габарит и кога стојам на нејзините падини се плашам од нејзините лавини и од она што таа ќе го помисли за мојата дрскост и недоволна воспитаност да се ставам во улога на заповедник.

Етиопија

И сѐ што побараме во молитва со вера, ќе добиеме. Се помолив да бидам најбогатиот човек на земјината топка. Не се сомневам дека Бог тоа може да ме направи бидејќи Тој е многу моќен, а такви ги оставил да се направат и челниците на светот. Но, немам доволно вера знаејќи дека Бог го условил влезот на богатите во Неговото царство. Се помолив да бидам многу славен и да ме познаваат дури и птиците на дрвата. Не се сомневам дека Бог тоа може да ме направи бидејќи такви ги оставил да се направат и медиумските миленичиња. Но, немам доволно вера знаејќи дека суетата, па насладата, па пропастот се придружници на славата. Се помолив да го видам наредното изгрејсонце. Не се сомневам дека Бог тоа ќе го направи бидејќи имам уште неколку незавршени работи на земјата. И имам доволно вера знаејќи дека тогаш си го благословувам сопственото постоење и благодарам за уште една милост. Се помолив за трошка радост која изнудува весело срце и насмевки. Не се сомневам дека Бог тоа ќе го направи бидејќи Неговиот дом во мене беше уредно осветен. И имам доволно вера знаејќи дека блажени ќе бидат чистите по срце. Се помолив да биде според волјата Божја, а не како што јас тоа го сакав. Не се сомневам дека Бог тоа ќе го направи бидејќи Тој повеќе знае за она што ми е потребно. И имам доволно вера знаејќи дека ако на татко му побарам риба, а тој не ми даде камен, колку повеќе Татко ќе се погрижи за мене за да не ми недостасува ниту влакно од главата.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz