Отец Џон Бер

Џон Бер

Отец Џон Бер е декан на Академијата „Св. Владимир“ и професор по патристика, догматика и егзегеза. Потекнува од Англија, иако неговите корени се германско-руски. По руската страна, неговиот прапрадедо бил испратен од mитрополитот Евлогиј да служи како свештеник во Лондон; татко му, исто така, бил свештеник, ракоположен од Митрополит Антониј Сурошки. Свештеници биле и неговиот чичко (јеромонах во светогорскиот манастир „Св. Павле“), и тетин (свештеник во Кентаки, САД). Неговиот дедо по мајка, пак, бил лутерански пастор во Германија.

По завршувањето на студиите по философија во Лондон во 1987 година, о. Џон поминал една година на доусовршување во Грција. Потоа магистрирал на Оксфорд, под менторство на eпископот Калист Вер, кој му бил тутор и за време на докторските студии. Токму додека го пишувал докторатот, во 1993 г. бил поканет да предава на „Св. Владимир“; во 1995 г. станува дел од тамошниот професорски колегиум, а за свештеник е ракоположен во 2001 г. Пред да стане декан во 2007 г., бил уредник на академскиот тромесечник, како и патристичката едиција.

Првично се занимавал со аскетски и антрополошки теми, со акцент на делата на св. Иринеј Лиониски и Климент Александриски. Откако на проучувањето на вториот век му посветил речиси десет години, о. Џон започнал со издавање на книшки под наслов „Обликување на христијанското богословие“, едиција која денес ги проучува петтиот и шестиот век. Не многу одамна ја довршил и објавил и студијата на преостанатите текстови од Диодор Тарсиски и Теодор Мопсуетиски. Покрај ова, има објавено и вовед-компилација на богословието на раната Црква, во која се разгледува Таинството на Богочовекот Христос.

Неформално, отец Џон е страствен велосипедист. Во јули секоја година, целото семејство ја следи трката Tour de France. Неговата сопруга предава англиски јазик, а нивните три деца ги воспитуваат да ги почитуваат врвните точки на француската култура: француските велосипедисти, Le Grande Boucle и… француското сирење.

Предавање на о. Џон на тема: „Во кој Бог веруваш?“

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz