Толкување на Великопосната молитва на св. Ефрем Сириски (1)

Молитвата на свети Ефрем Сириски се чита секојдневно за време на Чесниот пост на крајот од секоја служба (освен во сабота и недела), а верниците тогаш прават метанија и се молат „Боже, очисти ме мене, грешниот“.

Светиот Лука Кримски ја нарекува молитва на чистото срце, затоа што се излеала од совршено очистеното срце на великиот подвижник. Оттука и таквата моќ и таквото таинствено дејство на оваа чудесна молитва врз христијанското срце. Преподобен Ефрем Сириски не само што Го моли Бога да му даде дух на добродетели и да го ослободи од духот на пороците, туку Го моли и да нема ни трага од пороците, и душата да му биде во Христа благомирисна, оти е многу полесно човек да се ослободи од поодделни пороци, отколку од самиот дух на тие пороци.

Бидејќи мрзеливоста е мајка на сите пороци, преподобниот Ефрем Сириски својата молитва ја започнува вака: „Господи и Владико на мојот живот, дух на мрзеливост не давај ми“. Мрзеливоста е особено погубна во духовниот живот. Светиот Лука Кримски вели: „Мрзеливоста на душата е неправењето на добри дела душата ја водат во погибел и ја доведуваат до тоа таа да зарасне во плевелот на гревот. Животот ни е подарен за да итаме кон вршењето на големото дело на чистење на своето срце преку следење на Господ Исус Христос. Чекорењето по Господа е делување и честопати многу тешка работа, а не мрзеливост“.

Поради мрзеливоста паѓаме со духот и затоа преподобниот Ефрем Сириски моли: „Господи и Владико на мојот живот, дух на униние не давај ми“. Дух на униние или дух на мрзоволие всушност е бегање од активната духовна борба. Против унинието треба да се бориме преку молитвата. Молитвата е разговор со Бога и во тој разговор Бог нѐ утешува и го изгонува од нас духот на унинието. Подеднакво е погубно и властољубието, и затоа преподобниот Ефрем Сириски моли: „Господи и Владико на мојот живот, дух на властољубие не давај ми“. Поради властољубие од Небесата паднал и првиот меѓу ангелите. На Своите ученици, а преку нив и на сите нас, Господ ни рекол: „И кој меѓу вас сака да биде прв, нека им слугува на сите“. Светиот Лука Кримски нѐ потсетува дека славата бега од оној кој по неа трча и ја посакува, а ги стигнува оние кои бегаат од неа.

Господ рекол дека за секој празен збор ќе дадеме одговор на Страшниот Суд. Затоа преподобниот Ефрем Сирин Го моли Бога: „Господи и Владико на мојот живот, дух на празнословие не давај ми“.

Свети Лука Кримски вели: „Секој добар и мудар збор живее во човечките срца и со години донесува добри плодови, но и секој лош збор, како клевета, лага, оговарање, исто така живее многу долго и се вовлекува во умот и срцето не само на нашите ближни, туку и на многу други луѓе, и влијае на нивните мисли и желби. Мудрите луѓе, оние кои живеат духовен живот, никогаш не празнословат. Тие секогаш се молчаливи и задлабочени во своите моли. Многу е значајно да се стекне власт на својот јазик! Во своето Соборно послание светиот апостол Јаков вели: »Ако некој не греши со зборови, тој е совршен човек, моќен да го заузда и своето тело«, што значи да го потчини телото на возвишените цели на духовниот живот, да ги заузда своите похоти и страсти, сето она лошо кон коешто нѐ влече телото. Започнете од зауздувањето на јазикот!“

(продолжува)

Оставете коментар

1 Comment on "Толкување на Великопосната молитва на св. Ефрем Сириски (1)"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Толкување на Великопосната молитва на св. Ефрем Сириск… […]

wpDiscuz