Великопосна маргина

1. Како Црква, најголемата опасност ни се заканува од нас самите. Ваквата опасност е секогаш преобразена соодветно на духот на времето низ кое плови Црквата. Денес, тоа е малограѓанскиот, малодушниот и малополитиканскиот дух. Можеби и затоа уште поусрдно треба да го искористиме времето за да молитвословиме со зборовите на св. Ефрем Сирин.

2. Ни се случува бела чума, старееме како народ и човештво. Сè повеќе смрт по улиците, сè помалку живот во срцата. Беда, очај, безнадежност. И страв. Многу, многу страв. А свесни сме дека нешто не е в ред, но не го согледуваме проблемот до крај. Повикуваме на заштита на семејството и животот, моралот и вредностите, и самите тие, а не Христос, ни се целта. Тоа нема да роди добар плод. Да не дозволиме да бидеме абортирани од Царството. А ќе бидеме, ако наместо за Христовата, ревнуваме за нашата непостоечка правда и нашата победа што значи пораз.

3. Веќе и нема разговор што ми се случува, а да не се слушнам себеси или другиот како со презир се споменува нечие трето име, име на ближниот за кого треба и животот свој да го положиме. Градиме некаква си антитроичност во името на некаква умислена праведност. За благовестие, благослов и благонарав нема место во нашите горки умови. Помилуј нè, Господи.

4. Свети Андреј Критски бил свесен за својата паднатост, и затоа стопати смирено повикува: „Помилуј ме, Боже, помилуј ме.“ Затоа и бил осветен и обожен. Ние, слепи за нашите гревови, аплаудираме на неговата литерарна творба. Литургијата и службите ги обоготворивме. Чиниш, Шекспир и Гете ги читаме и естетски се насладуваме од формата на зборовите, глуви за нивната содржина. Инаку би трепереле, зашто нашата осуда ја слушаме и читаме. Да, токму ние кои херувимите…

Милан Јаковчевски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz