Јади сè, само луѓе не!

Во древниот Патерик има ваков расказ, кој модифицирано често се случува во нашиот живот. Дошол некој човек кај старецот, духовникот, и му рекол: „Отец! Еве, постот настапува, што да јадам?“ Или како што еднаш слушав за еден свештеник во советската епоха. Дошла некоја жена и му рекла: „Отец, јас работам во советска институција, а таму не можам да постам, бидејќи во мензата таму, ден за риба е само четврток, сè е мрсно, и секогаш јадам пред очите на својот началник, партискиот координатор. Ако постам, ќе бидат поставени прашања. Што да правам, што да јадам?“ Како одговор слушнала: „Јади сè. Луѓе немој“.

Најважно е воздржанието од канибализмот. Не јади луѓе: не гневи се, не осудувај, не раздразнувај – тоа и ќе биде вистинска жртва. Во врска со тоа, добро е да обратиме внимание на уште еден детаљ.

Каменување на св. архиѓакон и првомаченик Стефан

Во последно време се појави проблем што не постоеше пред 8 или 10 години. Се појави едно извртување на постот, би рекол. Знаете, кога пред десетина години, во советско време, човекот започнувал да пости, тоа имало единствено значење: тој ќе јаде пржени компири, одвреме навреме заменувајќи ги со ориз и макарони, а на големите празници, ако се може, тој ќе си купи увозна икра од модар патлиџан (= ајвар) и одвреме навреме ќе ја додава на краевите од својата чинија. Нешто повеќе и не може да купи. Геврек по пат ќе јаде. И постот навистина ќе биде пост.

А денес многу често ќе влезеш во православен дом и те послужуваат со „посен ручек“: бриселска зелка, октоподи, лигњи, школки. Навистина сè е посно. И кога сè ќе собереш – некакво увозно слатко, џем, посни маргарини, кокосово млеко (тоа е посно, но млеко, многу интересно) испаѓа дека тој „скромен“ посен ручек, всушност, чини поскапо од бифтекот. И тука се појавува прашањето: а што е смислата на нашиот пост? Св. Јован Златоуст вака ја појаснувал смислата на постот: „Пресметај колку пари чини твојот мрсен ручек, кога ти јадеш месо. Потоа пресметај колку ќе чини твојот ручек ако не јадеш месо, а разликата дај им ја на бедните“. Ова е смислата на постот, вели тој. Не само да јадеш, туку за сметка на тоа да се стекнат вишок пари, со кои би можело да се помогне на човек.

А сега се случува феноменално нешто. Кај нас тоа сè уште не се чувствува, но јас некогаш сум се наоѓал во таква ситуација, кога бев во Италија, на пример. Православен манастир. И гледаш – тие не јадат риба, туку месо. Не кога е пост, туку кога не е. Но, според руските претстави, во манастир да се јаде месо – тоа е едноставно беззаконие. И јас, исто така, сето тоа го гледав со гнев, осудувачки: „Ама како тоа, ова е манастир и вие месо јадете тука. А да купевте риба!“ И ми објаснуваат: „Кај нас рибата е двапати поскапа од месото“. Навистина, секој човек што ги знае западните цени на производите, знае дека рибата чини двапати поскапо, отколку некои пилешки копани, отколку месото. И се јавува прашањето: зошто тогаш манастирот би собирал пари од парохјаните, од даренијата, и тие пари да ги троши на надворешната страна на постот? Зашто, со надворешноста на постот – јадат риба, а всушност во исто време со таа риба ја јадат лептата на вдовицата. Така што треба и за ова да се предупреди. Сепак, постот е време, повторно велам, кога треба да бидеме малку подобри христијани од вообичаено. А да се биде христијанин – тоа не значи да се љуби само Бога, но и својот ближен.

Последно што сакам да Ви кажам. Ви говорев, дека саботите и неделите не се сметаат за денови на Великиот Пост. Но тоа не значи дека во тие дни црковниот устав претпоставува, еве, штом ќе дојде црковното утро и веднаш пржиш јајца за време на Велики Пост. Не. Станува збор за време, кога човекот може да се радува во храмот. Тоа е време, кога нема покајни молитви. Време, кога нема литургиски пост. Всушност, двете цели што ги спомнав – олеснување на молитвеноста и скротување на плотта – се такви офанзивни дејствија, кои имаат потреба од систематичност. За една седмица нема да добиеш ефект. Т.е. можеш да добиеш, но ако тоа е многу строг пост итн.

Осми дел од преписот од аудио записот на едно предавање на проф. д-р протоѓакон Андреј Кураев посветено на Великиот Пост

(продолжува)
Претходно: Великиот Пост е пост со голема буква | Што е тоа пост? | За ропството вавилонско | За сиропусната седмица | Помилуј ме Боже, помилуј ме | На пат кон Пасха: пост или диета? | Борба со пеколот во себе

протоѓакон Андреј Кураев
Приредил: м-р Георгиј Глигоров

Оставете коментар

1 Comment on "Јади сè, само луѓе не!"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Јади сè, само луѓе не! […]

wpDiscuz