Што е тоа пост?

Втор дел од преписот од аудио записот на едно предавање на проф. д-р протоѓакон Андреј Кураев посветено на Великиот Пост

Зборот „пост“ во рускиот јазик, како и во латинскиот, има две значења. Пост како време на воздржание и пост како место, кадешто се наоѓа караулниот, дежурен војник. Во латинскиот јазик, од кадешто овој збор, најверојатно, и дошол кај нас, го означува истото. Пост е време кога душата треба да застане на стража, кога христијанинот сугубо си спомнува дека самиот е војник. Секој од нас, независно од возраста и од полот, е Христов војник. И секому од нас му е доверена светиња со невидена вредност на чување. Самиот Творец на световите слезе при нас и се распна „заради нас луѓето и заради нашето спасение“.

Секој од нас е Христов воин.
Секој од нас, независно од возраста и од полот, е Христов војник.
И се случува чудно нешто: луѓето се спремни да се дават еден со друг по вратовите за правото навладеење со нафтените извори, тие се спремни на престрелки заради владеење со некаков прифитабилен ресторан, тие се спремни да се убиваат еден друг и дури да убиваат и деца, фрлајќи атомски бомби еден врз друг заради поделба на пазарите, каде би можеле да го продаваат својот производ, заради стекнување на земја итн. Спремни се еден со друг да водат смртна војна заради разликите во политичките погледи. Но, што вреди владеењето со некакво парче земја, или какви и да било нафтени и дијамантски извори, во споредба со човечката душа? И настанува чудна ситуација: колку е поагресивен човекот кон надворешното, колку е поагресивен во заштитата на надворешните вредности, обично толку поинфантилен и понебезбеден е тој, кога станува збор за заштита на најглавното – за заштита на неговата сопствена душа.

Црквата секогаш повикува кон тоа човекот да стражари над чистотата на својата душа, за да не допушта таму зло. Гревот постепено приоѓа во душата на човекот, постепено навлегува во неа. Понекогаш се случува и како на забрзана снимка, кога во забрзан ритам го прикажуваат филмот и фигурите бргу се движат – понекогаш со таков скок му се случува и на човекотда направи некаков грев. Живеел во нормална состојба и ненадејно го удрило в глава, побрзал и некого навредил, убил или уште нешто друго сторил. Но, всушност, ако побавно почнеме да ја прегледуваме истата снимка, ќе видиме дека, сепак, немало ненадејност, туку, како правило, постоел некаков редослед на она што се случило.

Најпрво во умот на човекот навлегла некаква помисла. На пример, човек оди по патот и гледа некаков натпис на ограда. Но, тој не го напишал тој натпис. Тој си одел и од него ништо не зависело, ја прочитал или не – самиот натпис му се фрлил в очи. Така што, содржината на помислите речиси не зависи од човекот. Таквите првични помисли, според светоотечката терминологија, се нарекуваат „предлози“. Реков „речиси“, затоа што тука исто така треба да се прецизира. Како што еднаш о. Павел Флоренски се изразил: „Има воспитани сонови, но има и невоспитани сонови“. Затоа што дури и содржината на просторот на нашата потсвест во многу зависи од тоа, како го живееме дневното време од деноноќијата, во свесното време на нашиот живот.

Но, сепак, најчесто нешто во нас продира однадвор. Тоа не зависело од нас, но што зависи од нас? Како да изреагираме на тоа продирање? Зашто во нашата глава постојано светка калеидоскоп од некакви мисли, претпоставки, парчиња мисли, претстави, чувства. Одвреме навреме ја замрзнуваме сликата. Всушност, ние постојано правиме такви стопирања и велиме: „Стоп, ова ме заинтересира. Што е тоа? Да видам подобро“. Човекот започнува да гледа во новото нешто, што му влегло сега во главата, во неговиот душевен живот. Разгледува и почнува да прашува. Ете, во таква ситуација христијанинот треба да праша: „Чиј си ти?“ Да побара пасош. Треба да се користи со советот на Владимир Илич Ленин. Ленин советувал: „Во секоја политичка ситуација прашувајте: кому му е тоа во полза?“ Ти светнала во главата мисла: „Дали да одам и да се опијам до бесвест?“ Постојано се појавува, но вие сè уште не сте согласни со неа. Се прашуваш од каде ли се појавила и кој ветер ја навеал. Можеби Бетовен го давале на радио, па таквата мисла таму била кодирана, или, пак, нешто друго, малку ли нешта има? Да одам ли и да се напијам? Така, ти си ја осознал таа мисла и се обидуваш да разбереш: ако ја исполнам, што ќе се случи поради тоа? Имам Ангел Пазител над десното рамо (барем се надевам, aко тој е сè уште таму и не сум го избркал засекогаш) а, несомнено, и над левото рамо има некоја персонажа, која обично ја изобразуваат со рогови.

И еве го елементарното прашање: ако ја последувам таа помисла, од каде ќе има одобрување? Кого ќе израдувам? Оној што е над десното или оној што е над левото рамо? Кому тоа ќе му биде пријатно? Се чини како просто прашање, примитивно! Но обидете се барем понекогаш да си го поставувате тоа прашање и многу нешта во животот ќе станат појасни.

Значи, јас сфаќам дека ако постапам според тој предлог, т.е. помисла – ќе има аплаузи одлево. Што треба тогаш да направам? Мојата душа е територијата што ја штитам и имам јас свој систем на ПВО (противвоздушна одбрана). И да речеме, во воздушниот простор на Русија навлегол некој непознат летечки објект. Штом го забележале, веднаш му испраќаат кодиран сигнал, системот за разликување на „свој – туѓ“. Тоа е кодиран сигнал од определена фреквенција со определена секвенца. И како на сите, така и на овој летечки објект има приемник кој автоматски, без волјата на пилотот го прима тоа барање, кој го препознава тој бран, бидејќи е така програмиран. И, откако автоматски го примил барањето, дава одговор: „Наш сум, не ме допирај“. Но, ако навлегол странец – тој молчи, тој не одговара на тој бран, на тоа барање. И тогаш настанува тревога, разбирливо, бидејќи тоа е туѓинец, па некои оддели треба да бидат подготвени и да се реши прашањето, како оној да биде отстранет од територијата на нашиот воздушен простор.

И токму така, таа мисла навлегла во моето сознание, а јас ѝ испраќам барање: „Ти, чија си?“ Станува јасно дека таа не е од Христа. Тогаш од неа треба да се побара да си замине. Но, на учтивото барање тешко дека таа ќе се отповика („Почитувано искушение, денес не ме искушувај без потреба“ итн.). Затоа, очигледно, останува неучтивиот начин: „Ти при мене навлезе без прашање, така и јас тебе без прашање ќе те избркам“. Се сеќавате кога апостолот Петар му рече на Христа: „Немој да одиш во Ерусалим, не се распнувај, остани со нас“. Христос му одговара многу гневно и остро: „Бегај од мене, сатано“.

Од Творецот на луѓето им е даден голем дар – дарот на гневот. Си спомнувате, „Бог на гневот и жалоста“? Гневот или омразата се дар, кој во душата ја исполнува истата функција, како и системот на имунитет во нашиот организам. Се појавила инфекција во моето тело, во мојата крв, се испраќаат соодветни антитела на таа инфекција и ја уништуваат. Точно така, кога во мојата душа ќе навлезе некоја помисла, енергијата на гневот или омразата треба да ја исфрли неа оттаму: „Не сакам! Бегај од мене! Не се согласувам!“

Ние денес погрешно се користиме со гневот и омразата. Наместо на гревот, се гневиме на грешникот. Наместо на злото, најчесто се гневиме едноставно на луѓето, дури и на Бога се гневиме. Но, тоа е само прашање…, и секирата знае да биде страшна, во невештите и зли раце. Ама, во самата секира нема ништо лошо.

(продолжува)
Претходно: Великиот Пост е пост со голема буква

протоѓакон Андреј Кураев
Приредил: м-р Георгиј Глигоров

Оставете коментар

1 Comment on "Што е тоа пост?"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Што е тоа пост? […]

wpDiscuz