Велики Вторник: Во очекување на Женихот

Tогаш царството небесно ќе заприлега на десет девојки, кои ги зедоа своите светилници и излегоа да го пречекаат младоженецот. Петте од нив беа мудри, а петте – неразумни. Неразумните, како ги зедоа светилниците свои, не понесоа со себе елеј; а мудрите, заедно со светилниците, зедоа во садовите свои и елеј; и бидејќи младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа. А на полноќ се чу викање: »Ете, младоженецот иде, излезете да го пречекате!« Тогаш сите тие девојки станаа и ги приготвија своите светилници. Неразумните, пак, им рекоа на мудрите: »Дајте ни од елејот ваш, зашто нашите светилници гаснат.« Мудрите им одговорија и рекоа: »Да не би да не ни стигне и нам, и вам: подобро отидете кај продавачите и купете си!« А кога отидоа тие да купат, пристигна младоженецот и спремните влегоа со него на свадбата, и вратите се затворија. Потоа дојдоа и другите девојки и викаа: »Господаре, господаре, отвори ни!« А тој им одговори и рече: »Вистина, ви велам: не ве познавам!« И така, бидете будни, оти не го знаете ни денот, ни часот, кога ќе дојде Синот Човечки.

Мт. 25, 1-13

Евангелската парабола за десетте девојки со светилките е уште една од поуките што Спасителот ги кажа за да нé поучи како да го стекнуваме Царството Небесно. На самиот почеток Тој повторно го споредува литургиското време, заедницата во евхаристискиот принос со свадбена гозба. За таа надисториска свештена пригода, Спасителот, како добар Домостроител, Господар и Домаќин, Младоженец и свадбена Анафора, Оној Кој принесува и Оној Којшто се принесува, сé приготвил совршено добро. Божествената гозба, во сето нејзино благолепие и поредок, светотаински му се предава на човекот. И, иако параболите за Небесното Царство во својата символика како по правило ја опфаќаат целата човечка историја во прегратките на есхатонот, сепак во смисла на историско раскажување тие ни го откриваат Спасителот како Оној, Кој веќе ја извршил спасителната мисија во светот. Со други зборови, Господ Исус Христос во своето вечно воскресение и вознесение нé повикува во литургиска заедница, очекувајќи го нашето преображение. Од историски аспект, во обратната перспектива на историјата која сé уште се исполнува, во очекување на второто Христово доаѓање во слава, ние луѓето заприлегаме на девојките од параболата кои во неизвесно време Го очекуваат Младоженецот со чие доаѓање ќе започе свадбата, т.е. вечноста. Означувањето на вечноста како свадбена свеченост уште повеќе го потенцира литургиското време како она, што не í припаѓа на историјата. Оттаму и нашето благодатно учество во евхаристискиот принос ни дава предвкус имено во есхатолошкото постоење, кое е надвор од метежното секојдневие. И, тука започнува раскажувањето.

Велики вторник

Десетте девојки ја изразуваат полнотата на човечкиот род од прародителите, па сé до второто доаѓање на Спасителот. Секој човек, секоја човечка душа е како невеста која ја очекува спасителната средба со својот божествен Младоженец. Благодатен опит во неа, како што рековме, имаме во литургиската заедница со Телото и Крвта Господови. Но, вистинското сретение ќе се случи со завршувањето на овој наш тегобен и крстострадален живот. Од апкет на вечноста, Богочовекот, седејќи на престолот Божји, го очекува нашето доаѓање, во времето кое не го знаат ниту ангелите, ниту Синот Човечки, туку само Небесниот Отец, како што сведочи Евангелието. Од аспект на историјата, пак, сите ние кои веруваме во светата Парусија, како девојките со светилки, во истиот тој неизвесен час, го очекуваме доѓањето на божествеиот Жених, или Младоженец. Сепак, доаѓањето на долгоочекуваниот нема пасивна конотација. Господ, преку оваа и на неа подобните параболи, нé советува дека почетокот на есхатолошката свадба не треба да нé стрешти од ненадеж, неподготвени или во параноичен страв. Не раба да го доживуваме како некоја неизменлива судбина, или фатум. Иако исполнувањето í е неизвесно, подеднакво колку што е и лично, т.е. личносно искуство. Секој човек е девица, т.е. невеста. Тоа го должиме на нашата богообразност. Секој човек, како двојките од параболата има светилка во раката, т.е. дарот на богоподобието. Поинаку кажано, секој од нас ја има можноста благодатно да Му се уподобува на Спасителот. Секој. Она што нé разликува, што ги разликуваше девојките од евангелската приказна, е маслото. Благочестивата твар без која ниту светилките, ниту невестите имаат функција во есхатолошката свеченост. Петте од нив беа мудри, а петте – неразумни. Неразумните, како ги зедоа светилниците свои, не понесоа со себе елеј; а мудрите, заедно со светилниците, зедоа во садовите свои и елеј; и бидејќи младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа.

Веднаш да кажеме дека тоа, што сите задремаа и заспаа повторно не означува некаков пасивен однос кон исполнувањето на времето на свадбата и средбата со Младоженецот. Заспивањето ја има семантиката на неизвесноста, на незнаењето на спасителниот час, а исто така и долготрајноста на очекувањето и трпението. Но, да им се вратиме на светилките и маслото. Мудроста на едните и неразумноста на другите се покажа во подготвеноста да се дочека Долгоочекуваниот. За оние што ги полнат своите садови со маслото на духовниот подвиг и благочестие, за нив свадбата ќе биде љубовна радост и исполнување на секоја надеж. За неподготвените, оние коишто се испразниле себе си од добродетел, за нив доаѓањето на Младоженецот и свадбената гозба ќе останат недостапни и далечни. Токму онака како што Господ, зборувајќи за последните дни, ги сожалуваше оние што наликуваат на неразумните девојки: “Тешко на бремените и на оние што дојдат во тие дни. Затоа молете се да не стане бегањето ваше зиме, или во сабота; оти тогаш ќе биде мака, каква што не била од почетокот на светот па досега, а и нема да биде”(Мт. 24, 19-21). Тешко тогаш на оние што сé уште не го родиле плодот на спасението, или на оние на коишто плодот им е мал и неразвиен како доенче, зашто во тие последни времиња, времето кога неразумнте девојки трчаат кај трговците по елеј, може да биде предоцна. Неизвесноста на тој час може да биде и во времето кога, како во зима, ништо не дава плод, или како на празник, во саботен ден, кога не е благословено веќе ништо да се работи. Затоа не треба да се одлага поправањето. Затоа садовите на духовната подготвеност треба секогаш да бидат полни со елеј.

Светилниците и маслото се исклучително силни метафори во параболата за десетте девојки. Според некои од отците, толкувачи на ова евангелско место, светилниците го символизираат знаењето, а пак, маслото – подвигот. Колку што е потребно за секој христијанин добро да ја знае својата вера, да има вистинско познание за сето она во што верува, зашто и самата вера е еден начин на знаење, подеднакво му е потребен и подвигот, духовниот труд во постојаната преобразба на животот според спасоносните Христови заповеди. Зашто, ниту светилката може да засветли без масло, ниту маслото без светилка. Друго толкување на овие две клучни метафори во евангелската парабола, освен како взаемодејствие на верата и делата, е и взаемодејствието на милосрдието и смирението. На многу места во библиските четива маслото е символ на божјото милосрдие. Смиението, пак, го подразбира постојаното согледување на нашата вистинска мера во образот на Христовото истоштение. Зашто, преку смирението човекот се преобразува себе си, а преку милосрдието тоа свое преображение делотворно го рефлектира и надвор од себе. На тој начин, ако човекот не се потруди околу овие две нешта, ако не се измени и однадвор и одвнатре, тој, како и неразумните девојки ќе остане надвор од свадбената одаја. Зашто внатрешното преобразување без плодови на љубовта е егоизам, а само надворешно привидно благочестие без суштинска внатрешна промена е лицемерие. Само двете заедно, како маслото и светилката, можат да засветлат и да ја исповедаат нашата спасоносна мудрост во очекувањето на Најслаткиот.

Од светилниците и маслото можеме да подразбереме уште многу други значења, меѓутоа, она што е евангелска поента е дека за наследство на Небесното царство и радоста на свадбената трпеза на Женихот, ние треба сé да исполниме што ни е заповедано, секоја јота и црта од Законот, и тоа да го направиме благовремено, неодложувајќи го подготвувањето за некоја неизвесна иднина. Зашто, не само едно нешто спасува, но неисполнувањето на само еден, навидум мал дел од заповедите може човекот да го погуби. Тогаш свештената гозбата ќе започне, а портите од свадбената одаја ќе бидат затворени. Оние што ќе останат надвор, како неразумните девојки, ќе викаат: Господаре, господаре, отвори ни! – и ќе го чујат гласот на Христа Младоженецот: Вистина, ви велам: не ве познавам!

Затоа да бидеме будни, оти не го знаеме ни денот, ни часот, кога ќе дојде Синот Човечки.

Митрополит Методиј Златанов

Оставете коментар

1 Comment on "Велики Вторник: Во очекување на Женихот"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Велики Вторник: Во очекување на Женихот […]

wpDiscuz