Велики Четврток: Евхаристија

Путир

Во името на Отецот, и Синот и Светиот Дух,

Кога Господ на Тајната Вечера ја востанови онаа тајна на нашата вера која ја нарекуваме Света Литургија или Евхаристија, околу Себе ги собра Своите ученици; ги собра оние кои Му останаа верни до смрт, но и оној кој веќе се беше подготвил да Го предаде својот Учител. И Тој го соочи него, како и другите, со надумната љубов Божја, оти, да се биде примен на нечија трпеза значи дека тој, нашиот домаќин, нè смета за еднакви со него, за негови другари во вистинскиот смисол на зборот, за луѓе кои се привилегирани да го прекршат лебот со него, да го споделат она најосновното за живот. Еднакви во љубовта Божја, еднакви со Бога преку Неговата љубов кон нас – токму ова е дел од она што ни се открива низ чудесниот настан кој ние го нарекуваме Тајната Вечера.

Но, сме му дале и поинакво име на тој настан, го нарекуваме и Евхаристија, од грчкиот збор кој истовремено значи „подарок“ и „благодарење“. Навистина, лесно може да се види дека прочестувањето со Телото и Крвта Христови е најголемиот подарок којшто Бог може да ни го подари: заедничарење и еднаквост, бивање сотрудници Божји. И преку чудесната, надумна сила и моќ на Духот ние биваме воведени и се храниме со Божјите нестворени енергии, станувајќи богови по благодат, богови по восиновување, богови по сотрудништво, затоа што лебот повеќе не е само леб, и виното повеќе не е само вино, но вистински се претворени во Тело и Крв на вистинскиот Дародавец. Заедно со Оној Кој навистина е воплотен Син на Отецот, ние стануваме целосно откровенски луѓе, и во нас Бог се открива, целосно се открива Христос онаков, каков што св. Игнатиј Антиохиски ни Го открива. Дури и повеќе од ова, повозвишено и подлабоко, во ова заедничарење во животот на Единородниот Син, по зборовите на св. Иринеј Лионски, заедничариме со самиот Бог Отец преку Синот.

Ова е дарот, но каде е благодарењето? Што ние имаме да Му понудиме на Господа? Лебот и виното – зарем тие не се Негови? Нашите животи? Зар не се негови и тие? Тој ни од што нè повика, во нас го вложи сето она што ние сме, и сето она што го имаме. Тогаш, што ние можеме да Му понудиме, а што е навистина наше? Св. Максим Исповедник вели дека Бог може сè да стори, освен едно: а тоа е, да го натера и најмалото од Неговите созданија да Го љуби, затоа што љубовта е крајна слобода. И токму тоа е единствениот подарок којшто можеме да Му Го понудиме на Бога: дарот на срцето кое Му верува.

Но, зошто тогаш на оваа таинствена Евхаристискa Вечера од нас се бара благодарење повеќе од сè друго? Што да Му возвратиме на Бога? Ова прашање си го поставил и псалмопејачот, неколку векови пред Христос да дојде и да ни ја објави Божјата љубов, а неговиот одговор бил толку неочекуван и толку вистинит. Тој вели: „Што да Му возвратам на Господа за сè што ми даде?“, и одговара: „Чаша на спасение ќе примам, и името Господово ќе го повикам пред сите луѓе Негови“. Врвниот чин на благодарење не е возвраќањето, затоа што оној кој прима и возвраќа, плаќа за подарокот, и на еден начин, го уништува самиот подарок: и двете страни се изедначуваат, и двете страни подариле нешто, и двете страни се подарувачи, но реципрочноста на подарувањето ја уништило радоста. Доколку посакаме, само доколку сме способни сесрдно да го примиме подарокот кој ни се дава, само тогаш ја изразуваме нашата целосна доверба, нашата вера дека љубовта на Оној Кој ни го дава подарокот е совршена; токму во таа простодушна сесрдност ние Го радуваме Оној, Кој сесрдно ни го подарил подарокот.

Ова е точно дури и во меѓучовечките односи; честопати посакуваме да возвратиме на некој подарок само за да се ослободиме од благодарноста, од „заробувањето“ во кое се вовлекуваме кога примаме дар од некој кој несесрдно нè љуби, и кого ние несесрдно го љубиме. И токму затоа Евхаристијата е највозвишеното благодарење на Црквата, и највозвишеното благодарење на земјата: луѓето кои целосно и сесрдно ѝ веруваат на љубовта Божја, без и да помислат на возвраќање на даровите од Него примени, радувајќи се во таа љубов, од Бога го примаат не само она што Тој може да им го подари, но Го примаат Него Самиот, учествуваат во Неговиот живот, во Неговата вечност, во Неговата љубов Божествена, во Она што Он е.

Само доколку сме способни за даропримање во совршено благодарење и совршена радост, нашето учество во Евхаристијата ќе биде вистинско, и само тогаш Евхаристијата за нас ќе биде совршено дело на благодарност. Но, благодарноста е тешка, затоа што од нас бара да имаме срце кое љуби, кое може да се радува кога ги прима даровите, но и совршена доверба и вера во љубовта на Оној Кој ни ги раздава даровите, вера дека даровите ни ги дава не за да нè зароби или посрами. И токму затоа, од ден на ден мора да возрастуваме во способноста да љубиме и да бидеме љубени, во способноста да благодариме и да се радуваме, за Тајната Господова Вечера за нас да стане совршен дар Божји, и совршен човечки одговор од земјата. Амин.

Митрополит Антониј Сурожски

Оставете коментар

1 Comment on "Велики Четврток: Евхаристија"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Велики Четврток: Евхаристија […]

wpDiscuz