Варосани гробови

Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти многу личите на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистотија, така и вие, однадвор им се покажувате на луѓето како праведни, а внатре сте полни со лицемерност и беззаконие.

Матеј 23, 27-28

Праведничкото однесување овде на земјата и покрај својата неоспорна светост и еден од начините да се досегне Небото, мислам дека е многу непопуларно барем заради невидливите придобивки веднаш и сега, а често и поради контраефектот кој носи исмејување. Имено, во секоја гранка на меѓучовечките односи и подгранка на трговијата со стоки и чувства на крајот ќе се дефинира една засегната, една полузадоволена, и евентуално некоја многу ретко среќна страна. Човечкиот аршин не дозволува поинакво гледање на работите освен компарација помеѓу туѓото и своето, нивната еднаквост во волумен, квалитет, вискозност и намена. А, уште полошо ако се навидум еднакви, анализата продолжува до микроскопска прецизност и себеубедување дека завршницата не не прегазила. Револуцијата за сопствената правда не престанува и покрај едноставното сознание дека голи допатувавме, па така и ќе си заминеме, што значи ниту влакно со материјални димензии ќе можеме да пренесеме во Новиот свет. Тоа значи дека праведноста има своја вредност само ако се стекнува според Божји мерила и Неговиот благослов да биде како што беше.

И тогаш, ако веќе се согласивме дека праведничкото однесување заради одредени причини, а ниту една од нив е беспоговорно чекорење кон Светоста, е само некомплетно подвизување, и уште еднаш тогаш зошто луѓето се склони кон негово подражавање? Претпоставувам дека тоа е дел од нивниот мозаик, коцка која им недостасува да бидат почитувани од усните на оние кои оценуваат во заблуда. Ако јас сум варосан гроб и ако животот сум го посветил на однесување според лекциите на таткото сатана и тоа ме довело на врвот што означува моќ или слава тогаш што ќе ме направи уште посреќен, чувство што дотогаш не се поттикнало после газење на живи трупови или самосебеугодување? Претпоставувам тоа ќе биде обожување од оние кои сум ги оставил гладни, жедни, во затвор, со испружена, но неисполнета рака, сум ги изневерил, измамил и убил. Зошто да го споменуваат и сакаат Бога, кога ме имаат мене и покрај сета несреќа што им ја сторив. Ги поседував нивната вера, љубов, спокој, молитви и очи полни со солзи, им остана уште душата полна со омраза кон ваквите како мене. И затоа волкот во јагнешка кожа ќе допира до нивните последни надежи и ќе им каже она што сакаат тогаш да го слушнат, па механички без одредена волја да се приберат покрај неговите нозе. Тогаш мозаикот е готов и дебелата суета последователно ќе овозможи да се надвикува на крстопатите, да се биде напред во синагогите и да се доживува почит по плоштадите. И кој ќе погледне внатре во варосаните гробови?

farisej-gracanica-agapi

Црниот хумор, иако за мнозина неприкладен, вели дека гробиштата се преселиле во градовите, низ улиците, помеѓу куќите. Секој ден гледам варосани гробови со широко развлечени усни во насмевка кои ја восфалуваат мојата личност и однесување, и не обидувајќи се да го избегнат мојот поглед кон детектирана лага. Ги слушам нивните озборувања полни со пресуди кои можеби и доживотно не би ги покајал. Ги гледам нивните понудени раце за помош кои треперат од помислата да се повлечат и поради небенефитна причина да помогнат и поради зелената боја на зависта. Ги чекам нивните ветувања заколнети во чест и името на најмилите, често неисполнети и трагично монотони од повторување. Но, не им замерувам имајќи ја во предвид сопствената варосаност и нечистотија. Стојам пред нив и се преправам дека ги љубам согласно заповедтта за ближниот. Со широко развлечени усни во насмевка ја восфалувам нивната личност немајќи ја строгоста на Јагнето кога ги истурка масите на храмоскрнавителите. Не се обидувам да го избегнам нивниот поглед и кажувам лаги кои ме печат повеќе од пресна изгореница попрскана со сол. Ги озборувам кога не ме слушаат, потсетувајќи се често на што тоа наликува еден кандидат за ангел. Ги нудам моиве раце за помош со надеж дека Господарот на срцата ќе ми прости барем поради делата кои се трудат да ја замолкнат испаничената совест. Ги давам своите ветувања без заклетва, туку едноставно со „да“ дека ќе го сторам тоа и со „да“ дека ќе биде направено за Јагнето.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz