Ѓакон Андреј Кураев: Валкана тема (1)

Има такви теми што меѓу Христијаните
„не треба ниту да се спомнуваат“ (Ефес 5,3).

Како и во областа на вероучението „злобата на еретиците нѐ принудува да правиме недозволени нешта, да излегуваме на недостижни височини, да говориме за неискажливи предмети, да спроведуваме забранети испитувања; заблудите на другите нѐ принудуваат да тргнеме на опасен пат во објаснување со човечки јазик на оние тајни, кои би требало со благоговејна вера да ги чуваме во нашите души“ (св. Илариј Пиктависки, За Светата Троица, 2,2) – така и во областа на моралот понекогаш се појавува потреба да се навлезе во испитување на забранетото. А тоа веќе не е навлегување во областа на возвишена чистота (како што е случај при осмислувањето на догматското богословие), туку возвишена нискост

Во периодот пролет – лето 1999 година, во московските демократски весници стана возможно да се обвинуваат црковните служители за содомски грев. Една новинарка, со навистина спиритистичко чувство одговори на повикот „на духот на времето“, дури и издаде „уметничка“ повест за развратноста на „целибатите“ и монасите.

Дента, кога излезе втората од „комсомолските“ статии на „валканата тема“, во метрото дури и продавачката во киоскот ми повика: „Тука повторно за вас пишуваат!“.

Тоа лето многу залади. Не, климатски, времето беше жешко, необично жешко. Но во односите меѓу Црквата и „општеството“ се почувствува силен студ. Во улога на ладилник, како и секогаш, истапи печатот. Природното одвратување од содомскиот грев, кој им беше припишан на некои архиереи, беше искористено да се оформи во луѓето толкав остар однос и кон целата Црква воопшто. И за да се растопи тој мраз, сепак, треба да се престапи апостолското предупредување и да се поговори на „валканата тема“.

Јас не можам ништо да кажам за оние конкретни луѓе што беа обвинети во весниците. Но, во целина, со жалење можам да признаам: да, и во црковната средина, како и во секоја друга, се среќаваат луѓе, искушувани од таа страст. Во оваа констатација нема ништо необично: луѓето насекаде се луѓе. А црковните луѓе дури и повеќе се искушувани од духовите на злобата и нечистотијата, отколку световните луѓе, кои и така не Го бараат Христа… Дури и посветениот, дури и светиот христијанин може да биде нападнат со тоа искушение.

Прашање: Помислата ми вели да разговарам со братот, кон кого чувствувам привлечност кога ќе го видам…

Одговор: Брате! И јас во мојата младост многупати силно бев искушуван од бесот на блудот и се трудев, подвизувајќи се против таквите помисли, противречејќи им и несогласувајќи се со нив… Оваа борба се отфрла со непрестајната молитва со плач… Да не те победат бесовите, та да обраќаш внимание на братот кој те привлекува, или да беседиш со него, но и ако ненадејно ти се случи да се сретнеш со него против твоја желба, задржи го својот поглед со страв и благопристојност, и не слушај го внимателно неговиот глас… Кажи ѝ на твојата помисла: спомни си за страшниот Суд Божји и срамот што ќе те постигне тогаш“

(Прашања на преп. ава Доротеј и одговори на старецот Варсонуфиј Велики, 7).

Ако веќе се појавија расудувања по таа горлива тема, треба да си спомнеме за тоа, дека различните култури и различните религиозни традиции различно реагираат на тие повици. Како што гледаме, православните луѓе повикуваат на борба со такви помисли. Дури и оној што не се одржал во таа борба – во својата страст гледа грев, пад, повод за целживотно покајание (дури и архиереите, за кои стануваше збор во „комсомолските“ статии, во следните интервјуа јасно сведочеа дека содомскиот грев го сметаат за грев и ништо друго).

Но, на прагот на новиот милениум, кога се заострија дискусиите за тоа, што ново донело Христијанството во светот, треба да се спомне дека токму по прашањето за хомосексуалноста, позицијата на Христијанството се разликува од многуте други „традиции“.

Еве, на пример, традицијата што денес предизвикува толку восхит, особено кај младите. Традицијата на јапонското витештво – самурајството… „Ихара Сајкаку ја напишал познатата изрека: ’Момчето без постар љубовник е исто како жена без маж‘. Младиот човек треба да го проверува постариот во тек на најмногу пет години. Ако за тоа време тој ниту еднаш не се посомневал во неговите добри намери, тогаш тој може да му одговори со взаемност. Со непостојан човек не е можно да се постават добри односи, затоа што тој наскоро ќе го изневери својот љубовник. Ако таквите луѓе си ги посветуваат еден на друг своите животи, тие се ползуваат со взаемна доверба. Но, ако едниот е непостојан, другиот треба да искаже дека не може да ги поддржува односите, и потоа решително да раскине со него. Ако првиот праша – зошто, вториот треба да одговори дека нема да му каже за ништо на светот. Ако оној не се успокои, треба да се разгневи; ако настојува, треба да го прекине наместо.

Освен тоа, постариот исто така треба да ги проверува вистинските намери на младиот. Ако младиот останува верен во тек на пет или шест години, може да се смета дека тој ја оправдува довербата…

Мажеложништвото во нашата провинција го воведе Хосино Рјотецу и макар што тој имаше многу ученици, тој секого од нив ги поучуваше лично. Едајоси Сабуроѕаемон беше човек, кој ја сфати смислата на мажеложништвото. Еднаш, кога Сабуроѕаемон го придружуваше својот учител во Едо, Рјотецу го праша:– Како го разбираш мажеложништвото? – Тоа е нешто истовремено пријатно и непријатно,– одговори Сабуроѕаемон. Рјотецу беше задоволен од неговиот одговор и рече:– Ти можеш да го кажеш тоа, бидејќи некогаш силно страдаше. По неколку години некој го праша Сабуроѕаемон да му ја објасни смислата на овие зборови. Тој одговори: ’Да се дава сопствениот живот во името на друг човек – еве го основниот принцип на мажеложништвото. Ако тој не се запазува, тогаш тоа е срамно дело. Ако тој се запазува, во тебе нема да остане ништо што не би можело да се пожртвува во името на својот господин. Затоа велат дека мажеложништвото е нешто истовремено пријатно и непријатно‘“1.

Но, тоа е навистина далечен Исток; оној Исток, до кој Христијанството дојде сосема неодамна (а православното Христијанство единствено со св. Николај Јапонски во 19 век). Но, да си спомнеме за светот, на чија смена и за чие исцеление дошло Евангелието. Античкиот свет.

Веќе многу векови, почнувајќи од епохата на Ренесансата, во европските школи се предава цензурирано-украсена претстава за Антиката. Елада – тоа е храмови од бел мермер, дружба меѓу боговите и луѓето, блискост со природата, поетска природност… И така сето тоа во контраст на црноризото монаштво, темното Средновековие, кое дошло на смена на античката едноставност и човечност… Едноставно станува нејасно – како можела Антиката да се прероди во Средновековие…

Ваквата заблуда се раѓа од причина, што дури и добро образованите луѓе, своите познавања за античката митологија ги ограничуваат со книгата на Кун, кој ги адаптирал грчките митови за деца. И, секако, од книгата Кун не е можно да се сфати – зошто Христијанството му објавило војна на тие мили и прекрасни сказни.

Превод: М-р Георгиј Глигоров
(продолжува)


1 Ямамото Цунэтомо. Хагакурэ. // Книга Самурая: Юдзан Дайдодзи. Будосёсинсю; Ямамото Цунэтомо. Хагакурэ; Юкио Мисима. Хагакурэ Нюмон. Спб., 1999, сс. 114-115.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz