Утеха во тагата

Премилостивиот Господ, љубејќи нè нас и сакајќи да нè спаси и зачува, за да не залутаме, да не бидеме робови на своите страсти, ни испраќа нам различни таги, болести и беди, за така ние, сфаќајќи ја нашата суета и не наоѓајќи утеха, да се обратиме кон Него, врвот на нашите желби.

Нашето срце рането од различните опасности и таги, несвесно умира за светот, т.е. за страстите, барајќи утеха во подоброто. Веќе тагата го предизвикала срцето да умре за светот, односно за похотливоста, љубовта кон парите, славољубието. Душата, уплашена од бучните искушенија, ита кон Бога со смирение, барајќи да се скрие од болката на тагата, под заштита на Неговата Промисла; така очистена, со чисти мисли за Него доаѓа до познание на себеси, во осаменоста го гледа ужасот од своите гревови и почнува со плач, кој преставува врата кон најдлабоката точка во животот на новиот човек. Ние, во нашата лудост, се сметаме за среќни и на врвот на среќата тогаш кога ќе се здобиеме со богатство, чест, слава и почит; но Бог знае подобро од нас.

Кога Он гледа дека состојбата на нашите души е оштетена од страна на подемот на овие работи, тогаш ни ги одзема овие благослови, како мудар татко, кој одбива да му даде својот син штетни, наместо корисни работи.

И како што се добри работите од овој свет, сами по себе се штетни за нас, неблаготворни, бидејќи нè водат нас во раскош, или гордост, ако ние ја положиме нашата надеж во нив; а потоа Господ ќе ни ги одземе, во Неговата милост кон нас, за да не погинат нашите души; поради што ние мораме да Му се заблагодариме на Господа за Неговата трпеливост.

Можам да ви кажам со сигурност дека сте на патот на спасението, кога ќе ве посети жалост. Постои крст за секој христијанин, и секој е уникатен. Кога нашиот Господ Исус Христос, Царот на славата, го зеде нашето тело, пострада за нашето спасение, дури до смрт на крст, оставајќи ни пример, дека ние би можеле да го следиме во Неговите чекори и покажувајќи ни, рекол: „Ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе својот крст и нека Ме следи“ (Мт. 16,24). Што е крстот, ако не и жалоста, којашто ни ја испрати Божјата Промисла, на секого од нас, според силата што ја поседуваме за неговото носење?

Гледаме дека Божјата благодат сè прави за наше добро; ни испраќа тага, така што ние, кои живееме во утеха и без грижа, да не постанеме подуени со суета и само-значење, бидејќи тоа се стрели на непријателот, кои можат нас да нè погодат одеднаш; дури и да нè забележиме кога се втурнати во срцето. Но, тагата нè прави смирени; затоа Светиот пророк Давид извикувал кон Бога: Добро ми е што бев понижен … (Пс. 118,71) Пред моето страдање бев застранил … (Пс. 118,67).

Ние мора да ги прифатиме страданијата како испратени од Бога, како тест за нашата вера или казна, и ние не смееме да роптаме и плачеме, чувствувајќи дека тие ни го уништуваат расположението; ние не смееме да ја обвинуваме нашата тага, туку да се обвинуваме и да се прекоруваме себеси за нашата малодушност, бидејќи преку тоа се здобива смирение. Кога ќе ги прифатиме нашите таги малодушно и кога се распаѓаме под нивната тежина, ние само се лишуваме од плодовите на страданието.

Мора да веруваме дека ниту една несреќа не може да се случи, ако Господ не ја дозволи. А, Он ја допушта жалоста од љубов кон нас. Значи, ако ја прифатиш тагата како казна, која покажува дека не си лишен од љубовта Божја, како што Свети Павле напишал: „Сине мој, не презирај ја казната од Господ и не биди малодушен кога те казнува, зошто Господ го казнува оној кого што го сака; го кара секој син што го прима. Ако трпите казна, Бог со вас постапува како со синови. Зашто кој е тој син кого таткото не го казнува? Ако, пак, останете без казна, во која сите станаа соучесници, тогаш сте деца незаконски, а не синови“ (Евр. 12,5-8).

Гледаш, кога сме казнети, тогаш како деца се вртиме кон Господ, и ако немаме казни, тогаш стануваме како сурогати, а не како вистински деца. Значи, кога ќе имаш тага, тогаш знај дека Господ не те заборавил и дека Он мисли на тебе; и можеш да бидеш сигурен дека нема да ти испрати повеќе искушенија отколку што можеш да се справиш, и дека заедно со искушението, испраќа и помош. За жалостите, кои што ти дошле, не обвинувај некој од оние што те навредуваат, зашто Господ е Оној Кој сè казнува, а луѓето се само орудија Божји, преку кои Он работи.

Прифати го тоа со вера и надеж, и принеси ја својата благодарност кон Господа за Неговата неискажлива милост, бидејќи од неа ќе добиеш олеснување и утеха за носењето на твоите жалости, и ако тоа е волјата на Бог, целосно ослободување од нив.

Преподобен Макариј Оптински

Приредил: Петар Петковски, студент на ПБФ „Св. Климент Охридски“, Скопје

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz