Успение – Денот на мајките

Успение на Пресвета Богородица

Секоја година во август, православните христијани низ светот ѝ посветуваат петнаесет дена на Богородица. Успението на Пресвета Богородица (Голема Богородица) е толку важен празник, што на некои места се нарекува и Летна Пасха (Летен Велигден). Токму затоа и постиме две седмици пред овој празник, и поусрдно се молиме со зборовите на Молебниот канон упатен токму кон неа.

Од мигот кога Исус му ја доверил својата мајка на св. апостол Јован Богослов со зборовите „Ете ти мајка“ (Јн. 19, 27), Богородица стана и наша мајка. Таа е неискажливо поголема од сите светители, и има посебно место како мајка на нашиот Господ. Тајната на Богородица е толку голема, што навистина малкумина се оние кои се удостоиле барем малку да ја разберат.

Сеќавајќи се на нејзиниот живот овој август, да се потсетиме и на нашите мајки. Бивајќи модел на жена и мајка, Пресветата е прототип на сите жени. Да се задлабочиме малку во текстот на Молебниот канон, и да видиме со кои зборови таму е опишана, а кои можеме да ги примениме и на нашите мајки.

1. Единствена брза заштитничка на животот.

Молебенот ја нарекува Пресветата „заштитничка на животот“, наша „тврдина несоборива“ и „прибежиште на светот“. Како Божја мајка, Дева Марија имала неверојатна важна улога во водењето, заштитата и воспитувањето на Исуса. Иако бил Бог, Исус сепак бил роден како Бебе на Кое Му била потребна заштита. Восиновени на Богородица, таа е и наша заштитничка, наша поткрепа во овој потресен свет. Секогаш можеме да побрзаме кај неа, за да нѐ заштити и да нѐ доведе во љубовната прегратка на нејзиниот Син.

Кога бев мало дете, несомнено знаев дека секогаш кога се плашев, можев да дотрчам кон мајка ми. Соработувајќи со жените-мајки во мојата парохија, не можам, а да не бидам воодушевен пред нивната сила и издржливост. Толку многу се трудат да балансираат во нивните животи, толку многу жртвуваат за нивните семејства, што навистина ги гледам како заштитнички на највредниот дар: децата.

Штом е така, зарем не ни е јасно дека Богомајката е нашата најсигурна заштита?

2. Онаа чија мајчинска молитва има голема моќ.

Велиме дека мајчинската молитва на Богородица има голема моќ во молењето на Владиката, зашто веруваме дека Исус ќе продолжи да ги слуша нејзините молитви. На крајот од краиштата, Тој ја послушал на свадбата во Кана (Јн. 2,1-12), кога Го замолила да ја претвори водата во вино! Значи, и ние би можеле да го испросиме нејзиното молитвено застапништво пред Нејзиниот Син и Бог.

Иако се обидувам да бидам дарежлив, мислам дека секогаш можам да дадам повеќе одошто им давам на пријателите. Но, доколку мајка ми, сестра ми или тетка ми ме замолат за помош… како би можел да ги одбијам? Ги сакам, и толку многу ми помогнале и толку многу љубов и заштита ми дале во животот – како би можел да им речам „не“? Штом е така, и штом мајка ми и сестра ми и тетка ми можат да се надеваат на мојата поддршка, тогаш треба да веруваме дека и Гиспод ќе ги услиши молитвите на нашата мајка, Богородица, за нас.

3. Место на радост.

Христос им кажал на апостолите дека доколку ги запазат Неговите заповеди, ќе останат во Неговата љубов, а нивната радост не ќе има крај. Иако Богородица молкум стоејќи гледала како нејзиниот Син страда, била исполнета со Неговата љубов, и не очајувала. Можете ли да си ја замислете радоста што ја почувствувала кога Го видела Сина си воскреснат? Нејзиното срце било преисполнето со радост! Тогаш, кој може да биде наша радост повеќе од Пресветата?

Љубовта на нашите мајки е пристрасна на најубав начин! Што и да направиме, тие се радуваат за нас. Се молат за нас, се радуваат на нашите успеси, а се грижат кога на нашите лица недостига насмевка! Но, тие се и место на надеж, зашто секогаш се надеваат дека сепак сè ќе биде добро. Видете, радоста не е секогаш само во тоа да се биде среќен; попрво, радоста е имањето доверба во Божјата волја, верување дека Тој има начин како да ја исполни Неговата волја во нашите животи. Радоста е доверба.

Плаштаница на Пресвета Богородица

Со сите грижи што една мајка ги има, би се очекувало таа да побеле во косите за само една година, доколку не Му верува на Бога, и не Му ги довери животите на нејзините деца. И, макар што Богородица бдее над нас како секоја мајка, таа исто така верува дека нејзиниот Син ќе се погрижи за нас. И таа доверба, таа радост што ја има, им дава уште поголема сила на нејзините молитви пред Престолот Божји.

+ + +

Православната вера е толку природна, вродена. Нашата почит кон Богородица е извор на љубов и почит кон сите мајки, нешто што ги омекнува срцата. Мајките се наши заштитнички, и секогаш ќе ја имаат нашата почит и посветеност, зашто се наше место на радост. А Богородица, како мајка, е секогаш тука за нас, за да нè заштити, да се застапи за нашите молитви пред Бога, и да нè потсети да Му веруваме на Бога.

И така, празнувајќи го празникот Голема Богородица, да им честитаме и на сите мајки во нашиот живот! Честит Ден на мајките!

Сем Вилијамс, координатор за млади во ГПАА-ВП

Оставете коментар

1 Comment on "Успение – Денот на мајките"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] 6. Успение – Денот на мајките […]

wpDiscuz