Застанавме ли на страната на Сатаната?

Кавказ

Во стварноста, војната не започнува кога луѓето ќе започнат да пукаат едни на други. Таа започнува кога одредени убедувања, испраните мозоци или вестите го помрачуваат разумот на луѓето, и тие престануваат да гледаат што е најважно во луѓето околу нив. Тие престануваат да сфаќаат дека во личноста што е до нив – или не до нив, туку, релативно говорејќи, [личноста што се наоѓа] „на другата страна на барикадите“ – има многу повеќе нешто што треба да љуби, одошто да се мрази.

Нешто ужасно се случува со нас и сега, кога престануваме во нашите ближни да го гледаме она што е најважно, најдлабоко, најизворно. Како последица, Сатаната се весели. На демоните им даваме прилики за радување, прилика за лумпување, – кога, во Пасхалниот период некому велиме „Христос воскресне!“, а истовремено, на други им пишуваме ужасни нешта на Фејсбук и се радуваме дека некој некому „му го спуштил“, итн. Адот торжествува.

Додека Неговата Светост, Патријархот Кирил, сите ги повикува на мир, кон недозволување на насилство, кон недозволување на тоа некој да земе оружје во рацете; додека свештениците, јерарсите, како Митрополитот Онуфриј, ги преколнуваат луѓето да не се однесуваат безумно, да го сопрат крвопролевањето, ние го поттикнуваме крвопролевањето внатре во себе. Се покажува дека ние сакаме крвопролевање.

Во нас нема желба едноставно да престанеме, да не се истураме еден врз друг сулфурна киселина од зборови, емоции и смутови. Ние немаме желба да сфатиме дека, во оваа ситуација – кога луѓето се мразат едни со други – нема „вистинска“ страна. Никогаш нема да има победници во оваа борба меѓу нас, во нашите семејства, или на Фејсбук. Ние не сме поделени врз принципот на „добро“ или „лошо“, туку според принципот на Сатаната – „подели и владеј, и исмевај ги Христијаните кои меѓусебно се мразат“.

Тешко ми е да го слушам сето ова, да минувам низ сето ова. Секако дека и јас читам новини на интернет и по друштвените мрежи, но се присилувам себеси да не ги читам коментарите [од читателите]. Ги следам настаните, но постојано се обидувам, после прочитувањето на информација за некаква трагедија или несреќа, да го свртам моето срце кон Бога, сфаќајќи дека светот во зло лежи. Ние, Христијаните, мора да се потсопреме себеси, да се промениме, да престанеме со брукање и стигматизирање едни со други. Ние мораме да се вратиме кон молитвата, вклучително и [молитвата] за нашите непријатели (односно, за оние кои ние ги сметаме за наши непријатели). Во спротивно, целосно ќе заборавиме на Христа, на љубовта, на проштевањето, па дури и на разумот што Господ ни го дарувал. Да направиме една проста работа: обидете се во мислите да ги промените местата со другите. Ставете се на местото на личноста со која не се согласувате, и обидете се да го гледате светот преку нивните очи – очи кои не сакате ни да ги видите. Застанете на страната на оние луѓе чија позиција ви изгледа целосно неприфатлива и ужасна. Сторете го ова барем за да почувствувате зошто оваа личност ве гледа на таков начин. А потоа замолете ги другите да се стават себеси на ваше место, и да разберат зошто вие ги гледате на таков начин. Можеби тогаш ќе престанеме да се гледаме еден со друг со омраза.

Не гледам друг начин. Започна една граѓанска воја, и истата не е поврзана со политичката сила на било која од страните, туку со внатрешниот расцеп со Христа. Застанавме на страната на непријателот и ги предадовме своите позиции. Името на непријателот е Сатана. И звучи богохулно доколку, во една ваква состојба, можеме да речеме: „Христос воскресна!“

Треба да го прекинеме крвопролевањето и да ги слушаме пастирските зборови на Патријархот, кои не се насочени само на луѓето со оружје; и ние треба да ги чуеме тие зборови. Сопрузите и сопругите, пријателите, членовите на Црквата, парохјаните кои се караат додека зборуваат за политика – сите мора да ги чујат. Кренете бело знаеме еден за друг и престанете да војувате. Само мирот што ќе го создадеме во себе и околу себе може да прекине нешто.

Протојереј Алексиј Умински

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz