Улогата на духовникот (2)

Продолжеток на првиот дел од предавањето на митрополитот Лемесоски Атанасиј за улогата на духовникот од циклусот предавања на Универзитетот во Левкосија, Кипар.

Потребно е многу внимание за да се одржи нашата средба со духовникот на ниво на молитва, да не достигне ниво на муабет; на пример, разговараме за нашата канцеларија, за нашите работи, за нашите деца, за снаата, за зетот, за свекрвата, како што правиме муабети со нашите сосетки. Ако имаме проблем со која било личност, тогаш само наведуваме дека имаме проблем со свекрвата, на пример, се нервирам кога ја гледам, и тоа е доволно. Нема потреба да кажеме дека доаѓа, ѕвони, влегува внатре, седи на фотелјата итн. Така започнуваме едно брборење без врска. Страшна работа!

Порано слушав, кога бев помлад, разни духовници кажуваа колку е тешко да исповедаш, и читав во книгите дека е потребно многу сила, а на едно место прочитав дека се потребни челични нерви. И си велев, добро, зошто челични нерви, што прават? Седат во фотелја и, колку убаво, слушаат еден куп случки од луѓето и разговараат. Каде го најдоа заморот и челичните нерви? Е, кога ми дојде и мене редот да седнам и јас на таа столица, тогаш видов дека навистина не само челични, туку не знам какви нерви се потребни за да го издржи човек тој товар на гревот, на секој поединечно и на неговото незнаење, но и на неговото празнословие, за жал.

Затоа, бидејќи многумина од вас се исповедате кај мене и бидејќи овој поднаслов зборува за пристапот кон духовникот, треба да разбереме дека не му пристапуваме на духовникот како на човек, односно за да станеме пријатели. Нашиот духовник нема време за пријателства или не треба да воспоставува пријателства. Духовникот е тој кој е жива Божја икона, кај кого ќе одиме за да му ја кажеме нашата помисла, нашиот проблем и од него ќе ја примиме информацијата на Божјата волја. Тоа да нѐ интересира и да не бараме ништо друго, затоа што не е можно да ни се даде. Може, се разбира, на почетокот, колку што има време еден духовник, да направи една посета, да поседи еден час повеќе и сл. Но, кога ќе се умножат луѓето, како е можно да ги прави сите тие работи? Невозможно е! А уште повеќе кога ние бараме плус време, особено часови, тогаш бездруго нема да може да одговори на тоа и ние ќе се нажалиме, а и духовникот ќе се нажали, затоа што знае, бидејќи ние сме духовно незрели, ѓаволот ја користи неговата спреченост да одговори на тие наши барања и му прави штета на човекот. Иако би бил доволен и еден збор за да се спаси некој, сепак секој не го прифаќа тоа и, гледате, се случуваат разни жални ситуации.

Исповед
Исповед

Разбирам дека живееме во епоха во која речиси сите имаме психолошки проблеми и многу лишувања. Лишени се децата од љубовта и грижата на нивните родители, лишена е сопругата од љубовта на нејзиниот сопруг и обратно, лишен е малиот од заштитата на големиот, сите имаме лишувања. Тешко можеме да најдеме интегрален, совршен човек. Меѓутоа, треба да научиме да ја имаме нашата надеж во Бога, да ја очекуваме помошта од Бога, од Бога да го очекуваме исполнувањето на нашите потреби, а не да очекуваме од човек, бидејќи другиот човек не е возможно да нѐ исполни. Знаете дека падот на Јуда, според светите Отци, се случил затоа што и тој се разочарал од Христос, бидејќи очекувал други работи, односно очекувал Христос да дигне востание против Римјаните, да стане израилски Цар и апостолите да ги направи министри. Кога видел дека Христос ги нема на ум тие работи и дека отишол на доброволна жртва, тогаш тој се запрепастил, па си рекол што е ова? Ние сакавме овде да го обнови израилското Царство, а Тој оди да се предаде. Значи не е ништо. Тоа разочарување било резултат на погрешниот пристап кон Христос.

Од погрешниот пристап тргнуваат многу работи. И воопшто, кога ѝ пристапуваме и на Црквата, дури и на Бога, и бараме од Бога работи што нема да ни ги даде, затоа што не ни се од полза, тогаш се разочаруваме. Кога очекуваме од Бога да исполнува сѐ што Му бараме, да нѐ има секогаш здрави, пресреќни и насмеани, и никогаш да не се разболеме, и да не умреме, и сите наши работи да одат совршено затоа што Го љубиме Бога, тогаш бездруго ќе се разочараме. Затоа што, сите кои сакаат да живеат побожно во Исус Христос, ќе бидат гонети, „и ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат“, рече Христос, „и во светот ќе имате маки“. Значи, ни вети дека во светот ќе имаме маки, ќе имаме гонења, а не ни го вети тоа што ние погрешно го очекуваме. Истото се случува и при пристапувањето кон некој духовен човек.

Се сеќавам, дојде еден и ми вели дека не сака веќе да се исповеда кај мене, затоа што, вели, сака духовник со кого ќе бидат пријатели, ќе прават муабети, ќе му доаѓа дома, ќе прават прошетки. Е, многу убави работи се тоа доколку некој духовник има време да го прави тоа. Но, мислам дека таквиот има повеќе потреба од добри пријатели, а не од духовник, бидејќи таквите работи, прошетки и сл. ги прават добрите пријатели. Ако еден духовник почне да ги прави овие работи, што за жал ние духовниците сме ги правеле и тие грешки, тогаш сѐ се расипува. Се сеќавам на еден духовник од Света Гора кој му велеше на Старецот: „Јас ќе земам малку духовни деца, нема да земам многу да се исповедаат, за да можам да одговорам на сите и сите да ги собирам редовно да јадеме заедно, да се собираме и да имаме така, на некој начин, едно општење и заедница”. Го слушнавме и рековме камо среќа, да даде Бог, да се направи една таква ангелска заедница. Но, Старецот му рече: „Внимавај, затоа што ако има и жени таму внатре, тогаш брзо ќе се распадне таа работа!”. Каков беше резултатот? После две-три средби, откако секоја ги разбрала тајните на другата, започнале погрешни разбирања, недоразбирања, озборувања, подозренија дека духовникот му дава поголемо значење на еден, а на друг не, па се случила таква конфузија, што на крај духовникот беше близу до расчинување. Се случија такви збрки што ниту сатаната не можеше да ги отплетка. А зошто сето тоа? Затоа што сме болни и погрешно им пристапуваме на Црквата и на духовните отци, а и нашите духовни отци од неискуство мислат дека треба да одговорат на сите потреби на луѓето, иако не се обврзани на тоа.

Тешко мене ако имам две, три илјади луѓе што се исповедаат кај мене, и јас да треба да им се јавувам по телефон на секои 15 дена или на имендени и да ги прашувам како се, да им честитам итн. Тогаш, би требало да имам еден компјутер што постојано ќе ми врти телефони. Разбирате, не одат тие работи така. Значи, да научиме да им пристапуваме на духовниците со правилни претпоставки. Од нив да го очекуваме изразувањето на Божјата волја. Да очекуваме од духовникот да дејствува слободно, ако процени дека е потребно време, тогаш ќе ни даде време, ќе ни даде денови, ќе ни даде години. Но, ако процени дека е доволен само еден збор, тогаш е доволен, за да можеме да напредуваме правилно. Од моето мало искуство видов дека оние луѓе што правилно им пристапија на своите духовници, тие со најмалку посветено време, напреднаа. А други, со многу посветено време, имаа речиси нула напредок или многу малку. Значи, не е времето, туку начинот е тој што има големо значење.

Треба да разбереме и дека еден духовен човек, како човек, има ограничени знаења и бездруго ќе прави грешки ако одговара на секакви прашања вон духовниот живот. Значи, како светите Отци, така и Светото Писмо, правеле грешки кога зборувале за теми што не се допираат до теологијата и до духовниот живот. На пример, ако ги читаме делата на светиот Василиј Велики, ќе видиме дека тој го напишал толкувањето на Шестодневот со научните знаења од таа епоха, кои 90% се сите погрешни, барем во однос на денешните факти. Меѓутоа, тоа не кажува ништо, односно не значи дека светиот Василиј Велики не е светител бидејќи изрекол грешки во Шестодневот, ниту, пак, Светото Писмо кое мислело дека сонцето се движи, а не земјата, и правело грешки. Светото Писмо и светите Отци не се ниту астронаути, ниту космолози, ниту математичари, ниту физичари, ниту биолози, ниту хемичари, ништо од сите тие работи. Кога зборуваат за тие работи, тогаш големи се шансите да прават грешки. Меѓутоа, кога зборуваат за духовниот живот и за опитот на Христос во нивното срце, тогаш зборуваат непогрешливо. Во прашањата за догмите и за теологијата се изразуваат непогрешливо. Во останатите теми постои голема веројатност да прават грешки, и затоа да не ги прашуваме.

Како што мене еднаш еден ме праша каква марка автомобил да купи, а јас од некаде имав чуено дека таа и таа марка е добра и му реков земи ја неа, за да куртулам, затоа што настојуваше. Отиде, го зеде тој автомобил и сѐ додека го имаше ме колнеше мене, додека на крај не го продаде со илјада тешкотии, затоа што не можеше да се продаде тој автомобил. Е, што да правам и јас? Се разбирам ли јас во автомобили? Моја работа ли е да кажувам кој каков автомобил да купи? Да ме прашаше колку бројаници да врти (да се моли), ќе му кажев. Да ме прашаше колку да се причестува, ќе му кажев. Да ме прашаше како да ги победи страстите, ќе му кажев. Но, која марка автомобил да купи, јас не знам. Тоа е погрешен пристап. Да му кажеме на духовникот: „Отец, дај ми благослов таа и таа работа да ми оди добро“. Тоа е во ред и е благословено. Но, не да бараме работи кои се надвор од духовниот живот. Тоа е погрешна стартна точка, што ќе има погрешни резултати.

Митрополит Лемесоски Атанасиј
Превод: отец Атанасиј Арсоски
Извор: Православен Пат, бр. 32

Оставете коментар

1 Comment on "Улогата на духовникот (2)"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted
Navistina,covek ubavo i dlaboko da razmisli za ulogata na duhovnikot vo zivotot na Hristijanite,posebno na onie koi ziveat vo zaednica so crkvata,e golema.Ke kazam nesto za nasite duhovnici od mojata parohija-kolku sto mozat ne sovetuvaat,ako imam potreba ,se razbira ako sum padnata so duhot ili imam storeno golem grev,odma odam,me prima ,me sovetuva ,mislam deka ne treba cel den da besedime,dosta e pola cas i jas da si zaminam preporodena ,a se razbira- moram da izvrsam i poslusanie ili da go napravam toa sto toj me posovetuval,inaku kade ke mi bese krajot?Poradi seto ova -da ne praznoslovime i da ne… Read more »
wpDiscuz