Црквата на св. Никола во Анталија

Црквата на св. Никола во древната Мира (денешно Кале или Демре) е лоцирана близу денешната туристичка дестинација Анталија во Турција, каде голем број македонски граѓани решаваат да го поминат летниот одмор. Сепак, за многумина ова е непозната информација, па решивме да пишеме неколку збора како дел од серијата посветена на поклоничките патувања, за да ги заинтересираме да појдат во ова големо светилиште, и да се помолат пред првичното почивалиште на овој голем светител.

+ + +

Свети Никола, големиот светител родум од Патара, кој учествувал на Првиот вселенски собор, а по Божја промисла станал и епископ на Мир во Ликија (оттука и титулата Мир-Ликиски), се упокоил околу средина на IV век, и бил погребан во црквата кој наскоро потоа го добила неговото име. Црквата била разрушена неколку пати, и тоа: во 529г. по Хр. при голем земјотрес, за потоа да биде обновена во 6. век од страна на св. цар Јустинијан; во 7. век од страна на арапските освојувачи, за да биде обновена во 8. век. Токму од овој век датираат и остатоците од денешната црква. Во 1034 г. црквата била повторно осквернета од страна на арапските освојувачи, но во 1043 била обновена од страна на царот Константин IX, при што бил соѕидан и манастирот во нејзина близина. И конечно, во 1087 година, моштите на св. Никола Мир-Ликиски биле извадени од неговиот чесен гроб и префрлени во Бари, Италија.

Кон средината на 19. век, црквата се наоѓала во незавидна состојба. Рускиот цар Николај I Романов директно интервенирал за да се санираат штетите на храмот и во 1862 год. завршила последната поголема црковна реставрација.

Зошто да ја посетите оваа црква?

Постојат повеќе причини поради кои би било добро да издвоите еден ден од годишниот одмор (доколку сте во Анталија) и да ја посетите оваа значајна црква:

1) Најочигледно, затоа што во неа било погребано чесното нетрулежно тело на св. Никола. Во црквата сѐ уште се наоѓа празниот гроб на светителот.
2) Зачувани се повеќе мозаици, композиции на фрески и олтарскиот синтрон (мермерни скалила во олтарот на кои седеле свештенослужителите за време на богослужбите)
3) Црквата „Св. Никола“ е трета по важност византиска градба во Анадолија и е дел е од светското културно наследство во заштита на УНЕСКО.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz