Целта на порнографијата

pornaddiction

Порнографијата ги деградира жените (оние феминистки „со цврст став“ кои што го тврдат спротивното, паѓаат на најголемиот машки трик во историјата). Ја менува невронската архитектура на мозокот и буквално го менува начинот на размислување на консументот. Ги спречува мажите да развијат зрели, стабилни емоционални врски со жените. Порнографијата ја засилува илузијата дека сексот е добро над кое консументот ја има потполната контрола. Во еден напис од колумнистот Козмо Лендсмен, во списанието за култура ,,Спектатор”, наведува дека порното започнува да им влијае на средовечните мажи со истите ефекти кои ги пројавува и врз помладата популација.

Ако ја погледнеме сегашната ситуација, изгледа дека сексот го има изгубено целосно своето значење, одвојувајќи се не само од дарот на создавањето нов живот како негова суштина, туку и од самата врска помеѓу мажот и жената. Но, од друга страна, сексот денес добива поголемо значење отколку било кога.

За да се сфати овој парадокс, најпрво, треба да спомнеме дека порнографијата денес станува битна подеднакво и за мажите и за жените. Женскиот пазар за порнографија има нагорен тренд, тврдење кое што можеме да го поткрепиме со феноменот на „Педесет нијанси на сиво”. Но ова не значи дека ефектите од порнографијата се еднакво распределени. Додека бев студент, во период од две години, секој ден возев велосипед покрај пристаништето во Абердин, на мојот пат до факултетот и обратно. Така имав доста прилики да ги набљудувам одблизу човечките лица на оние жени кои што го продаваат своето тело за пари или хероин. За волја на вистината, не сум голем приврзаник на постмодерната феминистичка теорија која што тврди дека жените ја добиваат назад својата моќ преку сексот и продавањето на своето тело, но овие жени што се проституираа за наредната доза на хероин, мене не ми изгледаа баш најмоќно.

Зошто порнографијата има таква привлечност? Сепак, таа буди во нас некои брутални и незадржливи нагони кои што како краен резултат нудат незадоволство и паѓање во очај. Културата заситена со порнографија индиректно врши притисок на жените нон-стоп да бидат поврзани со „фонтаната на младоста” и цело време да бидат достапни за себичните сексуални побарувања на мажите. Иронично, но таа исто така наметнува и невозможни побарувања од мажите: потреба да се испуштаат тони и тони на семена течност со издржливост на 18-годишник, нешто што постепено станува цел на животот. Без разлика на различните морални начела помеѓу нас, самата физиолошка димензија на таквиот чин изгледа невозможна и одбивна. Сепак, суровата култура на порнографијата сеуште нѐ движи „нанапред”.

Како се дојде до тоа сексот да биде поставен на централна позиција во човековото постоење? Дали е во прашање само некоја рециклирана форма на хедонизам? Доколку би прочепкале во делата на Августин, Паскал и Фројд, можеби би можеле да го пронајдеме одговорот: „Сексот е нашето одвраќање од смртта”! Е сега, ова наше одвраќање (дистракција) создава одредени психо-социјални мутации во општеството со негативни последици. Да ја поставам оваа теза колку што е можно повнимателно: очигледната растечка побарувачка на мажите за младешка (сексуално недозреана) естетика кај жените (и во спротивна насока), доведува до загрижувачко формирање на предуслови за тивко навлегување на педофилијата во мејнстримот (популарната култура). Исто така, како помалку опасна појава, но штетна и сериозна на свој начин, денес сме сведоци на опсесија со младоста и патолошко негирање на природниот процес на стареење.

Ако размислуваме во таа насока, можеби пак, нашата опсесија со сексот не е воопшто опсесија. Можеби е всушност опсесија со самата смрт. Барајќи начин да ја избегнеме, ние се трудиме да останеме вечно млади или пак гледајќи „сексуални атлети” се лажеме дека и „ние го можеме тоа”. Сепак, без разлика на естетиката кон која се стремиме, сексуалната активност како цел за зачувување на митот за вечната младост секогаш ќе биде следена од законот на исчезнување (распадливост, смртност), со што ќе станеме сведоци на сопствената лажливост. На крајот на краиштата, не е битно колку оргазми сте имале, или колку интензивни се… на крајот, сепак ќе умрете.

Карл Л. Труман

Оставете коментар

2 Comments on "Целта на порнографијата"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] начин, без да сфати, ќе се уништи себеси посетувајќи нецеломудрени сајтови. Ако падне во оваа мрежа, човек треба да заборави на […]

[…] земено, ја искусил моќта на сексот, или поконкретно, моќта на порнографијата, тешко дека ќе биде сангвиничен по прашањето на […]

wpDiscuz