Трпеза на благодарењето

“Човекот е она што тој го јаде”. Актуелизирајќи ја оваа Фоербахова мисла, отец Александар Шмеман ги раскрива нејзините светотаински значења, упатувајќи на фактот дека од трпезата, односно храната и од човековиот однос кон неа ја исчитуваме не само културната физиономија на една личност или еден народ, историскиот или социјалниот контекст во кој дадениот ентитет егзистира, туку и неговиот севкупен светоглед, неговата онтологија. “Во Библијата, во библиската приповест за создавањето, човекот, пред сè, ни е прикажан како гладно битие, а целиот свет – како негова храна. Дури потоа тој е повикан да се грижи и владее со земјата. Според авторот на првото поглавие од книгата Битие, Бог на луѓето им дал заповед да јадат од сето она што го дава земјата: “Еве, ви дадов секаков вид растение, што дава семе, и какво што има по целата земја, и секакви дрвја, што во себе имаат семе според својот род и вид: тоа да ви биде за храна!” Човекот мора да јаде за да живее. Тој мора да го земе светот во своето тело и да го преобрази во себе, во крв и месо.” Значи, човекот е навистина тоа што тој го јаде. Тој историски гест е сеопфатен свештен чин, во светот како сеопфатна трпеза подготвена за човекот, и тој сосема ја надминува биолошката функција на (ис)храната.

Дури и човечките заедници со најпримитивна религиозна свест, во својот култ, преку принесување на човечки жртви, па дури и канибализам, всушност го изразуваат суштинското значење на трпезата како начин на апсолвирање на светот и животот.

Подготвувањето и земањето на храната е ритуал кој символички го изобразува местото и функцијата на човекот како господар на светот. Човекот владее со светот, но човекот е и дел од светот. Човекот е принесувач и принос. Според образот на својот Спасител, на светот како трпеза на љубовта, човекот е повикан да принесува и да се принесува, да прима и се да раздава од љубов кон Бога и сето Божјо создание.

„О кога би можеле да живеете од благомирисот на земјата и како билки од воздухот, та да ве крепи светлината. Но, бидејќи мора да убивате за да јадете и да го оттргате младенчето од мајчиното млеко за да ја згаснете жедта своја, тогаш тоа нека биде чин на почитување, вашата трпеза нека биде жртвеник на кој се жртвуваат чистите и невините суштества од шумите и ливадите за она што е почисто и поневино во човекот“. Во овие стихови на поетот Џубран Халил Џубран ја пронаоѓаме истата библиска идеја за човекот како гладно битие, длабоко вкоренета во свеста на древните народи. Оваа “свештена глад” ни го открива светот како света тајна на љубовта Божја која е извор и образец на сите созданија како љубовни битија. Човекот е создаден да биде воспитувач на светот. Тоа го изразува и етимологијата на славјанските зборови воспитание и хранение. Нивните значења се вкрстуваат на едно суштинско рамниште. Во коренот на терминот воспитание е глаголот питати – питание, што значи хранење, јадење. Зборот хранение, пак, значи чување, пазење, грижа. Да се воспитува светот, значи да се јаде светот и да се храни светот, и преку таа мистична трпеза на взаемно принесување да се чува светот и да се сочува она “најчисто и најневино во човекот”.

Во етосот на симпотичкото философирање во антиката пронаоѓаме уште еден белег на онтолошката релација меѓу човекот и козмосот преку трпезата, то ест гозбата. Секој симпосион започнувал од јајце (ab ovo). Почетокот на интелектуалната и телесната гозба бил означен со јадење на јајце како символ на суштината на нештата. Козмосот настанал од неиспитливата суштина и гозбата која има космолошка димензија (во насладата со полнотата, со плодовите на идејата и материјата) започнува со јајце. Се разбира, културното “пакување” на атинските и римските гозби во голема мера се разликува од библиското сфаќање на трпезата, но забележлив е архетипот кој ни го приопштува и гносеолошкиот аспект на проблемот. Човекот е гладно битие – гладен за знаење, за познание на архé, гладен за “мудроста на битието”. Вкусувајќи го светот, човекот сака да стекне опит (знаење) за она, то ест Оној, Кој е причина на светот. Преку созданието да го спознае Создателот.

Современиот, рационалистички устроен човечки ум, свесно ја отфрла идејата за трпезата како природна потрага по “Почетокот на секој почеток”. Под влијание на позитивизмот храната и трпезата се сведуваат на нивната биолошка функција. Граѓанинот на новиот Вавилон ја загубил потребата да ја негува дури и најелементарната култура на исхраната. Рестораните за fast food, империјата на McDonalds и неговите епигони секојдневно го “воспитуваат” современиот човек со конфекциската храна испразнета не само од светотаинскиот опит на светот туку и од базичните хранливи состојки. Генетскиот инженеринг во индустриското произведување храна со употреба на човечки хормони го воведува човекот во нов период на дивјаштво кој ја нема дури ни примитивната онтологија на древните канибали. Рудимантираната религиска свест на новите пагани за свој происход го има непријателството меѓу човекот и светот. Човекот е она што тој го јаде. Човекот го јаде она што тој е…

Светот, пак, и понатаму е сеопфатна трпеза подготвена за човекот. Овој библиски мотив на трпеза се провлекува низ целата човечка историја, како централна слика на животот. Таа и денес подеднакво се негува во тивката анамнеза на свештеното предание. Таа е икона на животот при неговото создавање, но и икона на животот при неговото исполнување: “… и ќе јадеш и пиеш на трпезата во Моето Царство”. Таа трпеза е трпеза на љубовта. Трпеза на благодарењето.

Митрополит Методиј Златанов

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz