Трпение до крај

Света Гора

А кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен.

Матеј 24,13

За жал, убавината на зборот трпение не пронашла разбирање и гнездо во светските толкувања сè повеќе склони кон меч. Со понижување и иронична сомилост се погледнати трпеливите и не им е дадена шанса блеењето пред колачите да го трансформираат во зборови. И кој всушност може да се помири и го претрпи светот на штета на својата самоутврдена и на игли неудобно заседната правда? Немој да ме погледнуваш прекорно бидејќи ќе ти ги ископам очите кои не ја процениле доволно умешно структурата на бог од мене. Немој да ми газиш на мозолчето од ногата кога невроните ми се врвка истенчена за да не го почувствуваш здивот на лавата од сè уште невиден вулкан. Немој да се спориш со моите одлуки веќе запечатени со суета за да не го изблујам по тебе сето горчило насобрано од петици. Немој да ме прегрнуваш бидејќи боцкам како кактус по милувките кои не можат да го смират ова срце среде револуција. Немој да ми го одземаш богатството од виделина, тоа е мојата постела и немирен сон за кој сум одлучил да гризам и јадам човечко месо до ненаситка. Немој да го повикуваш моето име кога стресот не ми дозволува да слушам звуци и дури и оние кои спокој значат.

За радост, убавината на зборот трпение се граничи само со мирисот на палмовите гранчиња со кои се поздравуваат Семоќните на престолот. Трпеливите немаат свое тело, одамна го распнале и се претвориле во душа чии струни се затегнуваат до бескрај произведувајќи мелодија со леснотрепетни смиренија. Земјотресот нема да ја потресе нивната свесност дека и пукнатините да се рашират и земјата да се оддели, за нив сепак ќе има престојувалиште на Небото. Неправдата ќе им биде причина да се насмеат на сатанските евтини илузии да го направат ближниот волк на човека. Дрските и бучни оратории ќе ги слушаат со внимание насочено кон утехата на Заштитникот од храмот, Кој егоистичните брборења ќе ги претвори во шумни капки на прекрасен водопад во подножјето на Света гора. Ќе ги прикриваат солзите кога нивните постапки полни со добрина ќе бидат видно изменети и презентирани со злоба, и ќе ги ослободат при молитва кон Таткото каде ќе ги покаат запрашувајќи се каде погрешиле. Ќе престанат да бараат одговор за однесувањето на грешниците и угодниот престој на земјата како награда наместо казна, и да ги отфрлаат помислите за задоцнета правда длабоко верувајќи во Судот кој не заборава никого и ничие дело. Секогаш создаваат комора во себе наменета за гневен отпад која е херметички затворена и неповратна, и чии остатоци при пописот на денот не остануваат складирани туку исфрлени заедно со каколот.

А кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен. Облечен во бела облека, среде вечно насмеани лица и светли денови од утрото. Ги нема веќе загрижените погледи на оние кои со своите дела ги предизвикуваа трпеливите. Гневот ќе биде потопен во огненото езеро и никому нема да недостасува. Каков ќе биде животот без потреба од трпение? Нема да им завидувам на соседите бидејќи живеалиштата на сите ќе ни бидат на сончевата страна. Ќе има само една аполитичка партија чија главна и единствена програма ќе биде континуиран соживот со Бога и сонаследниците. Ќе нема потреба од конкуренција кој како е облечен и најаден, каква марка и имиџ е облеклото и храната, во колкави количини се конзумирани… Ќе нема разлика меѓу староста и младоста, немоќта и силата, пропадливоста и убавината, мудроста и избрзаноста, па ниту потреба од меѓусебно трпение. Можеби ќе има статус и скали во хиерархијата во поредокот, но верувам ниту грам презир кон скалилата надолу, ниту грам љубомора кон скалилата нагоре. Херувимите ќе ги љубат ангелите, тие ќе ги почитуваат серафимите, тие ќе им помагаат на почетниците во светло, а сите заедно пак ќе му воскликаат на Бога и Агнецот. И конечно, не верувам дека ќе се случи, ниту пак надежта, верата и љубовта би дозволиле да се случи, но ако некој би се почувствувал незадоволен, верувам дека трпеливо ќе ја отвори портата од Рајот и ќе престојува позади неа каде порано беа кучињата и блудниците, сè додека не сфати дека всушност е веќе спасен.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz