Трите духовни совети на старец Даниил

konstamonitou

Послушај, чедо мое, и внуши се во моиве зборови. Ако сакаш да станеш вистински и совршен монах, да завладееш со монашкиот живот, кој е вистинско љубомудрие, вештина над вештините и наука над науките, и кој безбедно го води човека до Царството Небесно, важно е на самиот почеток да научиш три нешта. Ако навистина ги пазиш и ги примениш и се поучуваш во нив, сѐ друго што треба да научиш за да ја совладаш науката која реши да ја следиш, ќе научиш лесно. Или, уште подобро, во овие три поуки се содржи, и од нив зависи, целиот Закон, и добродетели, и поуки.

Еве ги трите поуки: првата е – отсекување на својата волја; втората – смирение; третата – послушание. Лесно е човек разумно да ги научи, но од тоа тој нема да има никаква полза. Полза ќе има само ако ги запази. Лесно е за нив да се чита во писанијата на апостолите, на отците и учителите на Црквата, и така да се запознае со нив. Многумина, особено учените луѓе, научниците, учителите, епископите, свештениците, читале за нив, и сѐ уште читаат и учат за нив, дури и другите ги поучуваат во нив. Но, бидејќи самите тие не ги практикуваат, немаат никаква полза од нив. Попрво, тие се повредуваат себеси и другите, оти „Оној слуга, кој ја знае волјата на својот господар и не се приготвил и не постапил според волјата негова, ќе биде многу биен. Кој, пак, не знаел и направил нешто достојно за казнување, ќе биде малку биен“ (Лк. 12, 46-47). Токму затоа нашиот Господ Исус Христос им заповедал на Неговите свети апостоли, а преку нив и нам, на сите поколенија, прво да исполниме нешто, а потоа да поучуваме на него. „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен“ (Мт. 5,16). Гледаш дека Господ не рекол „да ги чујат вашите добри зборови“, туку „да ги видат вашите добри дела“. На ист начин, Тој вели: „Оној што ќе ги исполни и поучи, тој голем ќе се нарече во царството небесно“ (Мт. 5,19). Не вели Тој „Оној што ќе ги поучи“, туку оној кој најпрви „ќе ги исполни“.

А сега, чедо мое, откако станав твој духовен отец, ќе ја исполнам мојата татковска должност, и ќе те научам на овие три нешта. Од твоја страна, ти, како мое духовно чедо, внимавај да не бидеш непослушен; оти, како што нашите прародители беа избркани од рајот поради непослушание кон Отецот небесен, така и ти нема да го наследиш рајот ако не си послушен на советите кои јас, најнедостојниот духовен отец, ќе ти ги дадам. Ако пак, ги запазиш и исполниш советите што ќе ти ги дадам, лесно и сигурно ќе влезеш во царството небесно; та дури и во овој минлив живот ќе ти бидат дадени небесни дарови од Бога. Непослушанието носело, носи и ќе носи смрт, додека послушанието носело, носи и ќе носи вечен живот и небесно, вечно царство.

И ова знај го, чедо мое: оној кој ги слуша овие три поуки навистина е најсреќен човек. Тој Го подражава Христа нашиот Бог, оти Христос на дело ги сведочел овие три поуки. Најпрво, кога Отецот небесен Го испратил во светот, Тој не ѝ се спротивставил на волјата на Неговиот Отец, туку ја исполнил. Второ, иако Бог, се смирил Себеси, „зеде обличје на слуга и се изедначи со луѓето“ (Флп. 2,7). Трето, Тој „стана послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст“ (Флп. 2,8). А Бог Отецот, „високо Го издигна и Му даде име, што е над секое име, та во името на Исуса да ги преклони колената на сè што е небесно, земно и подземно, и секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бога Отецот“ (Флп. 2,9-11).

Така и ти, чедо, ако ја отсечеш твојата волја, ако се смириш и бидеш послушен, ќе напредуваш во сите добродетели, а Бог ќе те издигне и ќе те прослави.

Оставете коментар

1 Comment on "Трите духовни совети на старец Даниил"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

Амин

wpDiscuz