Три чуда со чесниот појас на Пресвета Богородица

cesniot-pojas

Чесниот појас ни подари дванаесет деца

Ние сме 14-члено семејство. Јас, мојата жена Анти, и дванаесетте деца што ни ги даде Бог. Главно и најголемо чудо на чесниот појас се нашите 12 деца.

Кога Анти беше бремена со првото дете, се соочи со сериозни здравствени проблеми. Дојде терминот за породување, но таа немаше породилни болки. Лекарите ни рекоа дека бебето е мртво и дека треба час поскоро да се абортира, за да не го загрози животот на мајката. Но, мојата сопруга ја положи својата вера во Бога, го читаше Канонот кон Пресвета Богородица и постојано се молеше со бројаницата. На крајот, детето ни се роди живо и здраво. Но, пред тоа се случи нешто друго: една побожна жена, кога чула за нашиот проблем, дојде в црква и ми подари парче осветено на чесниот појас на Пресвета Богородица. Ми рече да ѝ пренесам на жена ми да го носи секаде со неа, и дека сѐ ќе биде добро. Анти така стори, и сѐ беше во ред.

Другите бремености на жена ми беа полни со искушенија, но со благодатта од чесниот појас на Пресветата сите завршија добро. Сега имаме 12 деца: шест сина и шест ќерки.

Уште нешто важно: жена ми има проширени вени на нозете, и лекарите ѝ советуваа да не раѓа, зашто секоја бременост би претставувала опасност за бебето и неа. Но, таа ја предаде грижата за нејзиниот и животот на нашите деца во рацете на Пресветата, и Богородица никогаш не нѐ изложи на никаква опасност

Отец Никола, Патмос

Ја снема болката во грбот

Во август 1995 година ја посетив Света Гора, поточно манастирот Ватопед. По отслужената Вечерна, свештеникот ги извади моштите за да ги целиваме, а исто и чесниот појас на Светата Мајка Божја. Кога завршивме, го замолив да прочита молитви за мое здравје, зашто долги години имав болка во грбот. Ги стави врз мене неговиот епитрахил и појасот на Пресветата, и започна да се моли. Додека се молеше, почувствував како носам огромна тежина на грбот, која се зголемуваше со текот на молитвата. На крајот, кога заврши молитвата, болката исчезна. Од тој момент, па сѐ до ден денес, јас немам болка во грбот. Едноставно, исчезна.

Би сакал да ја изразам мојата бескрајна благодарност кон Пресветата за чудото што го направи исцелувајќи ме од болката во грбот.

В. Папахристопулис, Атина

Добивме дете после 7 години!

Бевме во брак 7 години и немавме деца. Се обидувавме на најразлични начини да зачнеме дете, ги посетивме сите познати лекари во Атина и Солун, но сѐ беше безуспешно. На крајот, отците од манастирот Ватопед ни испратија парче облека благословено на чесниот појас на Пресвета Богородица. На 31 август 1993 (денот кога по новиот календар се празнува споменот на Чесниот појас), родивме здраво машко бебе.

На ниту еден начин не можеме да ја изразам нашата благодарност и љубов кон нашиот Создател, кој чини големи и чудесни дела, и продолжува да нѐ благословува нас, недостојните слуги негови. Повторно сум бремена и овој пат лекарот ми кажа дека носам близнаци. Ве молам да го запишете ова чудо во редот на чуда што Пресвета Богородица ги има извршено.

Димитриј и Марија, Ксанти

Оставете коментар

1 Comment on "Три чуда со чесниот појас на Пресвета Богородица"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

Veruvam vo Majkata Bozja! Kade i kako mozam da se pomolam za zdravje!
AMIN!

wpDiscuz