Трето послание до нас, самите: Старио (старецот)

„Вие ме остаревте; вие пораснавте, јас остарев.“

Дедо Јован Костадиновски

Во времето на социјализмот или подобро кажано, во времето кога нашиот народ „немаше“ маки, кога сѐ беше глатко, „сервирано“, кога сите мислеа дека сѐ е во ред, дека тоа вечно ќе постои. Кога сите ги имаа накривено капите, кога сите се пензионираа во фирмата каде започнале да работат, кога ги оставивме овците и козите, кога ги заборавивме селата, полињата и горите, кога заборавивме на Бога бидејќи не ни требаше, кога заборавивме на православието бидејќи го имавме југославието и титовието, кога на сите ни беше „добро“ и не му ја мислевме за утре… Кога не ни требаше ука и наука, кога не ни требаше образование, тогаш, исто така, заборавивме и на родителите, на бабите и дедовците, на вредностите семејни, на домашниот храм, на домашната црква, на домашните светители, заборавивме на вредностите… тие повеќе не ни требаа, бидејки надвор имавме сѐ што ни е потребно.

Па така Таткото, се претвори во Старио.

Порано децата, во некои случаи, не ги ни знаеа вистинските имиња на татковците, за нив имаше само едно единствено тате, татко, тато… голем проблем, да не речам голем ќотек ќе следеше ако некој таткото го именуваше на име или нагалено.

Уште полошо што во зборот Старио, не се гледаше како нешто позитивно, туку напротив, нешто старо, негативно, нешто исполнето со потсмевање, со погрдување, едноставно го пратиле дедо в планина

Денес сето ова е дополнително избуричкано. Денес ги мешаме старите со старците, татковците со чичковците, дедовците со старите, поповите со владиците, монасите со поповите, колегите со чичковците…

Но, во што е поентата?

Поентата е во индивидуата и во нејзините вредности.

Дедо Добри

Слушајте ги и почитувајте ги вашите татко и мајка, вашите родители за да ви биде добро и за да поживеете долго на земјата. Учете од таткото севезден како од стар, почитувајте го старио како татко. Почитувајте таткото како родител, како загрижник, како човек кој се грижи, како човек кој работи, како човек кој плаче и се смее за вас, како човек кој живее за вас, како човек кој обелел заради вас.

Почитувајте го кумот, нункото како духовен татко, како мост меѓу вас и Бога, како човек кој ве принел на Бога во вашето вистинско раѓање, вашето крштение.

Почитувајте го вашиот духовник, вашиот свештеник, вашиот владика, како молитвеници за вас, луѓе кои се прифатиле за светиот путир и за светиот крст, за светото евангелие, кои се откажале од многу нешта катадневни ваши, токму за вас самите.

Почитувајте Го Бога Отецот, како Еден Троичен Создател на сѐ што дише и постои, како сила, како моќ која бдее над нас постојано, нѐ држи живи, ни дава вера и надеж сила, ни вдахнува постоење, нѐ закрепува со дух и енергија да опстоиме, како вселена, како себитие без кое ке нѐ нема од светот и векот.

Почитта према Бога е невозможна без почитта према Таткото, па макар го нарекле стар со почит. Ако го викаме таткото старио, одма Бога ќе Го наречеме Горнио. Не си играјте…

Подеднакво исто е и за старците по манастирите. Нивната вдахновеност, љубов, поука, совет, барање, желба, потреба, начин, намера, однос, насоченост, проникливост, далекувидост, длабочина еднаква на намерата на биолошкиот татко, еднаква во височините да се достигни љубовта на Бога и спасението.

Времињата си врват, минливите вредности си врват, сѐ е минсливо освен Бога, силата Божја, силната вера во Бога и сѐ што е воплотено со Бога.

Почитта кон старите, кон родителите, кон соседите, кон колегите, кон сограѓаните, кон истомислениците, кон непријателите, кон луѓето не е ништо друго, освен почит кон Бога. Кога велиме здраво, добро утро, добар ден, кога поздравуваме, Го поздравуваме самиот Бог преку нас самите со нашите мисли, ако се добри.

Кога пцуеме, кога навредуваме, кога понижуваме, кога се потсмеваме, кога напаѓаме, особено кога го правиме тоа кон нашите најблиски, се оддалечуваме од самиот Стварател и добрините Негови.

Да се смириме и воплотиме како ближни, да ги оставиме нервозите и невелите настрана. Прво од нас самите… Никој не може да го замени таткото во неговите вредности, како што никој не може да Го замени Бог за вистината на постоењето на нас самите, па и на нашите тактовци. Само и само единствено за името на Бога.

Старо, прости ми…

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.

Кочовски Ѓорги

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz