Темелната заповед: Да се љуби

19 недела по Педесетница

Темелна, изворна заповед е – да се љуби. Мал збор, но со него се искажува сеопфатен чин. Лесно е да се рече: „Љуби!“, но не е лесно да се дојде до потребната мера на љубовта. Не сосем е јасно ниту како да се достигне. Поради тоа Спасителот ја вооружува оваа заповед со други правила што ја појаснуваат: „Љуби ги другите, како што се љубиш самиот себе; како што сакате другите да се однесуваат кон вас, така и вие однесувајте се кон нив.“ Вака посочената мера на љубовта е, би можеле да речеме, бескрајна. Зашто, има ли мера на љубовта кон самиот себеси? Има ли добра што не би си ги посакале другите да ни ги направат?

Меѓутоа, оваа заповед не е неисполнителна, како што можеби ќе ни се причини на прв поглед. Сето ова се состои во тоа да достигнеме совршено сочувство за другите, да дојдеме до состојба при која нивните чувства ќе ги пренесеме во себе, и ќе го чувствуваме тоа што тие го чувствуваат. Кога ќе го достигнеме ова, веќе нема да биде потребно да ни се укажува што во конкретен случај би требало да правиме за другите. Самото срце ќе ни укаже на тоа. Доколку се потрудиме во себе да го одржиме ваквото чувство, тогаш ќе ни пристапи егоизмот со намера да нѐ врати во нас, самите, да нѐ заклучи во нас, самите. Тогаш е тешко и со прст да мрднеме за другиот. Тогаш не ни е грижа за него, па макар тој бил и на смртна постела. Велејќи: „Љуби го ближниот како самиот себеси“, Господ сакал ближниот, наместо нас, да влезе во нашето срце. Доколку таму, по старо, се наоѓа само нашето „јас“, немој да очекуваш добро.

Свети Теофан Затворник

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz