За Тајната на Преображението

apostoli-preobrazenie

(Мт. 17, 1-9; Мк. 9, 2-10; Лк. 9, 28-36)

Празникот на Христовото преображение е библиски настан којшто претставува уште едно откровение на живиот Бог во три лица. Токму како и она откровение при Христовото кршевање во водите на реката Јордан. Зашто, следејќи го евангелскиот опис, Синот се преобрази и заблеска со нетварната светлина на Својата слава пред апостолите. Се објави Светиот Дух во вид на светол облак што го засени врвот на Тавор. А се чу и гласот на Бог Отец, Којшто пак посведочи дека Исус е навистина Христос, Син и Помазаник Божји, Кого треба во сé да Го послушаме. На тој начин Господ на апостолите им се соопшти голема тајна, велејќи им сето тоа што го искусија да го сочуваат и да го запамтат, и никому ништо да не зборуваат сé до Неговото воскресение.

Која е функцијата на тајната? Зошто Спасителот им го кажа ова во тајна? Зарем тајното учење им е наменето само на избраните? Тоа секако не. Сите сме еднакви пред Бога. Тајната секако не е заговарање на некаков елитизам, иако сите гностички ереси на овој начин погрешно ја толкуваат Христовата мистагогија. Смислата е во Христовата наука соопштена во тајна го има подобието на квасец, како што и во една друга евангелска парабола посведочи Спасителот, квасец ставен во избрани садови да стаса пред да се раздаде како нова твар на човештвото. Таа тајна е наменета за сите луѓе и за спасение на секоја човечка душа. Само на овој квасец на божествена вистина потребно му е време за да се подготви. Таква е и смислата на целата човечка историјата, која трае за да нé подготви за повторната средба со вечноста, со Царството небесно. Тајната го дава тоа време.

Восхитен од несекојдневниот настан, апостолот Петар побара благослов од Учителот да направи три сеници, три колипки, велејќи: „Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш да направиме тука три сеници: една за Тебе, една за Мојсеја и една за Илија“. Тој побара да останат тука, заедно со пророците, со детска наивност покажувајќи ја сладоста на заедницата со светите и со Најсветиот Господ. Какво умиление го беше обзело неговото срце за да побара нешто навидум толку неочекувано и бесмислено. Никаде повеќе да не одат. Да останат тука, на Тавор, засекогаш. Но зарем и срцето обземено од сладоста на молитвата кон Господа не реагира на ист начин? Огреано со умилението од заедницата во името Божјо, човечкото срце жеднее таа состојба да трае до бескрај. Молитвената прегратка како таворска колиба да ги засолни сите човечки страдања, надежи, болки, радости и утехи. Од оваа перспектива реакцијата на апостолот Петар не делува повеќе неразумно, туку само премногу човечки. Затоа беше потребно време. Затоа Бог промисли да ја предаде оваа вистина во тајна. постепено. Чекор по чекор.

Самото пак преображение беше уште еден чекор поблизу до спознанието на Божјата слава. Зашто Оној, Кого Го гледаа како човек, што живее со нив, што поучува пред нив, што страда за нив, се покажа пред очите на тројцата апостоли во славата на Своето Божество. На тој начин овие тројца ученици, а од нив и сите други, па и сите ние, се уверивме дека навистина Синот Божји како вистински Бог и како вистински Човек, како Богочовек живееше со нив на земјата. Со тоа Тој покажа дека и секој човек, на целата човечка природа ѝ се дава можност да се преобрази во истата таа слава, за да биде по благодат вечно славна со Својот Бог, Кој е беспочетно и бескрајно славен.

Светоста на светите, сведоштвата на мачениците, подвизите на преподобните, па и на секој наш личен подвиг не е цел самиот за себе, зашто ние вистински постоиме само во Литургиска заедница, та преку плодовите на тој духовен живот да го преобразуваме светот во нас и околу нас. Преображението Господово е образец на Литургиската заедница. Сите ние сме повикани на различни начини да дејствуваме во благочестието и нашиот живот во овој свет е неразделен од соборното спасение, што е повторно една од поентите на Христовото преображение. Неговото присуство, присуството на светите апостоли и пророците имено на тоа укажуваат. Зошто Господ можеше да се качи Самиот на Тавор, да поразговара со Мојсеј и Илија: да зборува со нив за Своето страдање, за крсната смрт, како што вели Евангелието, а светите апостоли и сите луѓе преку нивното посредство да не бидат учесници и сведоци на преображението.

Меѓутоа поентата на ова евангелско собитие е токму соборноста на спасението на целото човештво. Токму затоа и ние, постојано исполнувајќи ги заповедите Христови, треба да знаеме дека духовниот подвиг не ни е даден за со него да се насладуваме, и тој не е самиот за себе цел. Не треба да градиме палатки и сеници на духовно или интелектуално уживање, на задоволството заради заедницата во мудроста Божја, туку преобразувајќи го тоа задоволство, преобразувајќи ја таа инспирација од гледањето на нетварната светлина на славата Божја, треба секаде и на секој начин љубовно да се раздаваме заради Христа.

На гората на преображението покрај Спасителот стоеја Мојсеј и Илија. Нивното присуство ја покажува целовитоста на библиското предание во ова чудесно откровение. Господ зборуваше со нив изобразувајќи го на тој начин единството на Стариот и Новиот Завет во божествениот Домострој. Но освен тоа, Тој ни покажа дека во креативниот Домострој на Бог Тројца учествува и човекот, преку своето благодатно единство во светоста. На човештвото му се објавува сè. На човекот му се дава удел во сé. Она што беше неможно за човечкиот разум и сетила, стана возможно заради милоста Божја да ни се открие. Она што според Стариот завет му беше неможно на човекот: “не може човек да го види Бога, а да остане жив”, заради непристапноста на Божјата суштина, сега му се нуди на човекот во целото благодатно величие на блесокот од таворската несоздадена светлина. Зашто и сам Бог од надумната љубов кон човекот стана Човек. Подобно на ова, Бог се преобрази за да ни Го покаже патот кон нашето преображение. Ја покажа светлината на Својата слава, за да ни покаже со каква светлина ќе нé прослави во Своето Царство. Светлина која не е создадена, која не е проста енергија.

Бог ни посведочи за Себе, сведочејќи за достоинството со кое нé обдари кога нé создаде според Својот образ. Колку е важно затоа, тој образ да стане и остане совршен во нас. Образот на неговата љубов во нас. Образот на Неговото трпение во нас. Образот на милосрдието. Бог ни се откри не само за да Го гледаме, туку и за да се угледаме на Него. Апостолите паднаа ничкум од тој призор. Петровата ревност, Јакововото трпение, Јовановата љубов му направија метанија на божественото откровение како сивол на преображението (метаноијата) на секоја добродетел во нас, таму, во подножјето на Тавор и секаде на светот. Амин!

Митрополит Методиј Златанов
Каскади

Оставете коментар

1 Comment on "За Тајната на Преображението"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] За Тајната на Преображението […]

wpDiscuz