Тагувањето, меланхолијата и клирот

Едно од нештата кои ги сфатив низ годините [кои изминаа] е дека депресијата едноставно е дел од позадинскиот шум за многу клирици. И тоа е така без разлика дали личноста за која се работи е православен христијанин, римо-католик, протестант или евангелист, маж или жена. Ова не значи дека клирикот за кој станува збор е онеспособен, далеку од тоа. Голем број на клирици кои јас ги познавам, а кои се депресивни, делуваат многу добро и често се сметани за успешни примери на пастири во нивните Цркви.

Но бездруго, тие се во депресија.

Фројд во една прилика објаснил дека депресијата е резултат на губиток на нечиј љубовен предмет [објект]. Во теоријата на психоанализа на Фројд, за љубовен објект се смета некоја личност или проекцијата во која личноста ги вложува своите либидни енергии. И додека терминот „либидо“ денес има сексуален контекст, во фројдовиот случај не било така. Либидото попрво било генеричен термин за психичка енергија (која може, и често е, сексуална во карактер).

Кога тој љубовен објект е изгубен, без разлика дали тоа буквално или фигуративно се случило, личноста поминува низ депресија, или (кажано фројдовски) меланхолија. Роберт Кларк во неговиот краток есеј кој го обработува фројдовската студија за депресија, пишува дека според Фројд, депресијата или меланхолијата е „длабоко болна нерасположеност, прекратување на интересот за надворешниот свет, загуба на способноста да се љуби, потиснување на секоја активност, и намалување на чувствата за самосвест до степен кој се изразува преку понизување и грдење на себе си, и кулминира во заблудени очекувања на казна“. И додека меланхолијата се јавува поради смрт на љубена личност, подеднаво можно е да се појави и кога нешто е изгубено како предмет на љубовта, или кога „некој не може јасно да види што точно е изгубено“.

Тагувањето пак, од друга страна, има малку поинаква содржина. Повторно, како што Кларк пишува, „во тагувањето светот е тој кој е сиромашен и празен; во меланхолијата самото его е такво“. Клинички гледано, Фројд забележал дека меланхоличарите „тежнеат да се обвинуваат себе си за многуте неуспеси на целосно неправеден начин, со обвиненија така формулирани, што поправедно и попрво би требале да бидат насочени кон некој кој пациентот го љуби, или го љубел“.
Оттука, фројдовиот опис на депресијата се однесува на загубата и гневот насочени навнатре и против егото, а кои поразумно, би требало да се насочени нанадвор, кон оние кои нè напуштиле или разочарале (и повторно, ова може да биде буквално или символички). И макар што има многу нешта за кои не се сложувам со Фројд, ми се чини дека токму овој негов увид во депресијата е многу длабок. Дури и се продлабочува сè повеќе кога размислувам за моето [искуство], и туѓите пастирски искуства.

Загубата е неразделива од службата затоа што е неразделива од човечкиот живот во целина, и од христијанскиот живот поконкретно. Тешко е, на пример, да се читаат изреките на пустинските отци и да не се дојде до откритието дека тагувањето е основно за животот во Христа. На пример, авва Пимен вели дека „Оној кој сака да се очисти од неговите гревови, се очистува со солзи; оти, оплакувањето е едниствениот начин кој Писмото и Отците ни го нудат, кога велат «плачи!». Навистина, не постои друг пат освен овој.“ А свети Исак Сирин оди до таму што вели дека „Оној кој Го следи Христа во осамничко оплакување е поголем од оној кој Го слави Христа меѓу соборот на луѓе.“

Но, доколку тагувањето е основно за духовниот живот, тогаш дотолку повеќе за меланхолијата (депресијата) не може да има место [во него], и истата јасно ни посочува дека со тагувањето се случило нешто многу лошо. Повторно, како што Фројд ни посочува, во тагувањето човекот започнува да ја чувствува бедата на светот, односно тагувањето е воочување на реалноста дека иако овој свет е еден голем и прекрасен подарок, сепак е минлив (надминлив и надминат). И до степенот до кој човекот го спознава ова, како што некаде има напишано светиот Григориј Велики, тој е способен „да се обрати во смирение кон Бога и својот ближен“. Тагувањето е она што ни помага да „го зачуваме смирението наспроти оние кои нè навредуваат и со трпение да ја отфрлиме болката поради причинетото зло од срцето“. Тагувањето е, исто така, и основа на нашата љубов кон бедните, и ни овозможува да „го разделиме својот имот на сиромашните, да не го приграбуваме туѓото, да го вреднуваме пријателот во Бога, и во Божјо име да ги љубиме дури и оние кои се наши непријатели“. И преку тагувањето ние стануваме способни да бидеме, и да ги водиме другите да бидат уште повеќе „ново создание кое Господарот на народите го гледа со грижливо око меѓу другите, велејќи: »И така, кој е во Христа, тој е ново создание; старото помина, ете – сè ново постана« (2Кор 5,17)“.

И додека тагувањето и депресијата се слични, тие не се исти. Уште полошо, доколку не сме внимателни, може мошне лесно да ги замениме едно со друго. Незрело е да се очекува од клирот, или самите клирици да очекуваат од себе живот на безрезервна служба доколку самите тие (односно ние) не разјасниле дека таквата служба е различна во тонот и содржината од депресијата. Мислам дека сите ние – и клириците, и лаиците – си дозволуваме да ги замениме тагувањето и меланхолијата. И тогаш многу лесно, кога советуваме разделување [од овој свет, обестрастување, м.з.], ние всушност започнуваме да ја негуваме депресијата.

Бивањето гневен на себе си, изолираното согледување на сопствените падови и неуспеси, без при тоа да сме свесни за поширокиот контекст на неодминливите падови (и свои, и туѓи), е вовед во начин на живеење кој е душевно и духовно неодржлив. Мене ме погоди забелешката на свети Григориј Велики дека „личноста која тагува е способна во смирение да посегне кон Бога и ближниот“. Од друга страна, да се разбере смирението како подвид на депресијата, според мене значи да не се разбира смирението. Точно, како резултат на моите гревови и беззаконија, јас ја одвраќам благодатта Божја од мене (сп. Рим 3,12). Но дали јас знам дека дури и да не бев грешен, ќе бев, како создадание, одделен од благодатта Божја?

Вистинското тагување, наспроти меланхолијата, раѓа вистинско смирение. А што е тоа вистинско смирение? Мислам дека свети Григориј Нисски нуди ретко добар опис:

„Ова е вистинско совршенство: да не се избегнува порочниот живот затоа што, како робови, многу се плашиме од казна, да не правиме добро затоа што се надеваме на награди, како да се работи за наплата за добродетелниот живот во некаков си наемнички договор. Напротив, отфрлајќи ги сите оние нешта на кои се надеваме и кои се зачувани за нас, по ветување, губењето на Божјото пријателство за нас е единственото страшно нешто, а постанувањето Божји пријател е единствено вредно за удостојување и посакување. Ова е, како што кажав, совршенство во животот.“

Многу клирици одважно се борат да станат пријатели Божји и Негови ближни. Но новните борби често се поткопани од нивната, но и туѓата, забуна на меланхолијата и депресијата. Размислувајќи за ова, се прашувам: „Зарем не би било полезно за клирот, но и за сите нас кои Го љубиме Христа, кога би створиле малку повеќе простор за разделување, и кога би започнале да ги согледуваме сите помали (и поголеми) загуби во животот како благослов, а не како клетва?“
Николас Реј во неговиот есеј за теоријата на депресија на Фројд, пишува дека за Фројд тагувањето „не е, или барем не е само еден процес на помнење; тагувањето е напор на разделување, бавно прекинување на врските со она што го нема. Болното одделување од спомените и очекувањата поврзани со изгубениот објект ги остварува душата, имајќи ја разделбата во предвид.“

Гледајќи го разногласието и поделбите со кои се соочува Православната Црква во Америка, како и патењето на моите пријатели – клирици, се прашувам дали во еден момент прекинавме со тешката задача на тагување кое Отците, но и Фројд го опишуваат? И, доколку е таков случајот, каков е патот понатаму?

Отец Григориј Џенсен
Авторот е презвитер во Грчката Православна Црква во Америка, и доктор по психологија

Оставете коментар

1 Comment on "Тагувањето, меланхолијата и клирот"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

Дали може да напишете нешто како да се ослободиме од депресијата, односно како да се соочиме со загубата на љубената личност која нé напуштила. Ви благодарам ако напишете барем неколку збора.

wpDiscuz