Својствата на суетноста и гордоста

Големиот познавач на длабочината на човечкиот дух, преподобниот Исаак Сирин во своето 41-во слово вели:

Оној кој го чувствува и препознава својот грев е поголем од оној кој со својата молитва воскреснува мртви, оној кој се удостоил да се види самиот себеси е поголем од оној кој се удостоил да ги види ангелите.

Токму кон тоа познание на самите себеси води разгледувањето на прашањето кое е поставено во насловот. Гордоста, самољубието и суетноста, а можеме да додадеме и: високомерието, надменоста, арогантноста – сите тие се различни видови на една основна појава – „свртеност кон себеси“. Од сите тие зборови, со најтврда смисла се одликуваат два: суетноста и гордоста, кои, според „Лествица“ се како дете и возрасен човек, како зрно и леб, како почеток и крај.

Симптоми на суетноста, на тој начален грев се: нетрпението на прекори, жедта за пофалби, барањето на лесни патишта, непрестајното ориентирање кон мислите на другите за нас – што ќе кажат тие? Како ќе им се чини ова што го правам? Што ќе си помислат? Суетноста оддалеку го гледа набљудувачот кој се приближува и гневливите луѓе ги прави ласкави, лесномислените – сериозни, расејаните – сосредоточени, гурманите – воздржани, итн.; сето тоа додека има кој да ги гледа. Таквата ориентација кон набљудувачот се објаснува со гревот на самооправдувањето, грев кој често незабележливо се прикрадува дури и во нашата исповед: „грешен како и сите… имам само мали гревови… никого не сум убил, ништо не сум украл “.

Свети Јован Лествичник вели дека бесот на суетноста се радува гледајќи го умножувањето на нашите добродетели: колку повеќе имаме успеси, толку повеќе постои храна за суетност. „Кога го запазувам постот, суетам; кога за криење на мојот подвиг, го покривам – суетам за своето благоразумие. Ако се облекувам убаво, суетам, а преоблекувајќи се во тенка облека, суетам уште повеќе. Ако почнам да говорам – станувам завладеан од суетност, ако го зачувам молчението – уште повеќе ѝ се предавам на суетноста“. Во душата на човекот само треба да се појави високо добромислие за себе, како што е суетната свртеност кон себеси, и веднаш најдрагоцените движења на душата, се стопуваат како снег на сонце. Се топат, умираат; значи – благодарејќи на суетноста во нас умира она што е најдобро во нас, односно, преку суетноста се убиваме, и реалниот, едноставен, добар живот го заменуваме со призраци.

Засилената суетност раѓа гордост

Гордоста е крајна самоувереност, таа се одликува со отфрлање на сѐ што не е свое, таа е извор на гнев, жестокост и злоба, отфрлање од Божјата помош, „демонска тврдина“. Таа е „бакарен ѕид“ меѓу нас и Бог (Ава Пимен); таа е непријателство кон Бога, почеток на секаков грев, таа е во секој грев. Оти секој грев е волно предавање на себеси на својата страст, свесно газење на Божјиот закон, дрскост кон Бога, иако „оној кој е субјект на гордоста има крајна потреба од Бога, оти луѓето не можат да го спасат“ („Лествица“).

Од каде се зема таа страст? Како започнува? Од што се храни? Какви степени поминува во својот развој? Според каков знак можеме да ја препознаеме?

„Невин сум за крвта на Овој Праведник; мислете му вие!”
„Невин сум за крвта на Овој Праведник; мислете му вие!”

Последното е особено важно, оти гордиот обично не го гледа својот грев. Некој разумен Старец го предупредувал еден од браќата да не се гордее; а братот, ослепен од својот ум, му одвратил на Старецот: „Прости ми отец, но во мене нема гордост“. Мудриот Старец му одговорил: „Да, а со што ти, чедо мое, можеше подобро да ја докажеш својата годрост, ако не со тој одговор!“

Во секој случај, ако на човекот му е тешко да бара прошка, ако тој е осетлив, се сомнева, ако го помни злото и ги осудува другите, тогаш, сите тие несомнено се знаци на гордоста.

Во „Слово кон јазичниците“ на св. Атанасиј Велики има едно вакво место: „Луѓето паднаа во стремеж и копнеж кон себеси, започнаа да го претпочитаат сопственото созерцание пред созерцанието на Бог“. Во тоа кратко определување е скриена самата суштина на гордоста: човекот за кого досега центар и предмет на стремеж беше Бог, се оттргна од Него, падна во „самобендисаност“, се засака и се возљуби себеси повеќе од Бога, претпочитувајќи го наместо божественото созерцание – созерцанието на самиот себе.

Во нашиот живот тоа обраќање кон „самосозерцание“ и „самобендисаност“ стана наша природа и се јави небаре во облик на моќен инстинкт за самосочувување, како во нашиот телесен, така и во нашиот духовен живот.

Како што злочестивиот тумор често се зародува со повреда или со продолжително раздразнување на определено место, така и болеста на гордоста често започнува или од неочекуван потрес на душата (на пр. голема тага) или од продолжително високо лично самочувствие, како резултат, на пример на успех, среќа, постојано ползување на својот талент.

Често во гревот на гордоста паѓа таканаречениот „темпераментен“ човек, оној кој се воодушевува, кој е страстен, талентиран. Гордоста е извесен вид на еруптивен гејзер, кој со својата активност им попречува и на Бога и на луѓето кои пребиваат во него. Човекот кој пребива во гордоста е полн со себе, апсорбиран, опиен од себеси. Тој не гледа, не чувствува ништо друго, освен својата гордост, својот талент, од кого се насладува, од кого добива полна среќа и задоволување. Со таквите луѓе едвај да може да се стори нешто додека тие самите не издишат, додека вулканот на гордоста не се изгасне. Во тоа е опасноста од секаква надареност, од секој талент. Имено, високите квалитети на човекот треба да бидат урамнотежени со полна, длабока духовност.

Во обратните случаи од оние кои нѐ донесуваат во опасност од гордост, односно во моментите на преживување на тага – резултатот е ист: човекот е „апсорбиран“ од својата тага, светот кој го опкружува бледнее во неговите очи; тој не може да мисли за ништо, не може ниту да говори, освен за својата тага; тој живее преку неа, се држи за неа, на крајот на краиштата, како за единствено нешто што останало во него, како за единствена смисла на својот живот.

Честопати таа сосредоточеност на себеси се развива во тихи луѓе, во покорни, молчаливи, во луѓе на кои од детството им бил потиснуван нивниот личен живот, и таа „потисната субјективност изродува, како компензација, егоцентрична тенденција“ (Јунг, „Психолошки типови“), во најразлични пројави: чувствителност, сомнеж, кокетирање, желба вниманието да се привлече врз себе, на крајот, дури и во вид на директна психоза на карактерот, опсесии, мании, заблуди за некаква своја величина.

Така, сосредоточеноста на себе го отргнува човекот од светот и од Бога; тој, така да се каже, се отцепува од општото стебло на светоглед и се преобразува во струганица, завиена околу празнина.

Презвитер Александар Елчанинов
Извор: Православен пат бр. 31, СПЕ

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz