Светот на предметите

Денешното Свето Евангелие, како и секое слово Божје, е натопено со вечни и бесмртни содржини. Денес Христос на своите ученици и на народот собран околу него им ја раскажа чудесната парабола за богатиот човек и нивата што беше родила многу. Во евангелската простота на параболата се кријат несогледливо длабоки содржини и пораки упатени до сите христијански поколенија. Да ја чуеме содржината на параболата. На некој богат човек нивата му родила многу. Домаќинот длабоко се загрижил, бидејќи немал во што да ги собере плодовите. Потем решил да ги урне старите амбари и да соѕида нови, со капацитет доволно голем за да го собере сето жито и сите добра. И откако го направил тоа, сладострасно ѝ рекол на душата: „Душо, имаш многу добра, приготвени за многу години. Почивај, јади, пиј и весели се“.

Богатиот човек од Евангелието е парадигматичен за ситуацијата во која западнал човекот на модерниот свет. Современиот човек, како и богатиот од параболата, им се предава исклучиво на телесниот леб и на сопствените страсти. Подавајќи му се целиот на телесниот леб, му се подава на овој свет и на похотите, останувајќи вечно гладен и со празни силоси. Модерниот човек упорно врши насилство врз себе, неуморно повторувајќи ги зборовите на богатиот: почивај, јади, пиј и весели се. Човекот се стреми кон хедонистички живот олицетворен во формулата: земи сè што ти нуди животот.

Евангелие за богатиот

Православната аскетска антропологија забележува поместување на човечкото природно битие во противприродна состојба и внатрешно поместување на светот, кое е условено од неа. Еколошкиот амбиент влијае врз обезобразувањето на човекот. Ги затрувме реките и на рибите им го одзедовме животот во нив. Го затрувме воздухот во трката по богатство и ги усмртивме птиците. Ја затрувме душата со духовни смогови. Таа е монструозно нагрдена и воздивнува притисната од гревовите и болестите што се закануваат со смрт ако ритамот на природното и историското време не го преобрази со ритамот на божественото време. Непрегледното потрошувачко богатство е проследено со збунувачко сиромаштво на морално и религиозно чувство. На врвот од своето богатство, човекот не знае како да се однесува. Како некое дете затрупано во подароци, современиот човек е фатен во стапицата на предметите. Тој е опседнат од поседуваното. И токму поради тоа изобилие на предмети сè помалку се врзува за предметите. Како и неговиот автомобил, ниту еден предмет не е направен да трае, туку да биде заменет со подобар. Ништо веќе не е трајно. Тогаш се поставува прашањето: што ќе ми се сите овие богатства, што да правам со нив? Но, крајот на параболата нè соочува со вистинскиот одговор на поставеното прашање. Да го чуеме. Бог му рече на богатиот: „Безумнику, ноќеска ќе ти ја побарам душата твоја. Она што си го приготвил, кому ќе му остане? Така бива со оној што собира добра за себе, а не се богати во Бога“.

Возљубени мои, токму во оваа едноставна прикаска е содржана сета вечна вистина за нас и за нашето постоење во светот. Кога ќе ги чуеме овие чудесни, отрезнувачки и веробудителски зборови Христови и кога низ призмата нивна ќе се обидеме да се видиме себеси однатре, ќе сфатиме дека алчноста од која беше обземен човекот од Евангелието е алчноста според која сите ние јавно или тајно живееме. Врз тие законитости сакаме да го поставиме сиот наш живот. А таквиот живот е строго егоцентрично насочен. Тој му е својствен на човекот разбран како индивидуа, која гради свој сопствен свет така што одбива да го признае постоењето на други светови надвор од нејзиниот свет. А колку ќе беше добро богатиот човек од Светото Евангелие да речеше: „Господи, ми даде многу повеќе одошто ми треба! Знам дека постојат луѓе што страдаат, немајќи го она што мене ми претекува. Ним ќе им го поделам вишокот, во твое име и во твоја слава, Господи. Зашто, незаслужено си ми дал повеќе одошто ми треба“. О колку ќе беше убаво така да размислуваше богатиот!

Зад сите Евангелски кажувања стои пораката: вишокот од срцето ваше разделете им го на сиромашните и немоќните. Со тоа ќе покажеме подготвеност – не со збор, туку со сиот свој живот, со сиот свој ум, со сето срце свое, со дело – дека сме Го возљубиле Господа, нашиот Бог, а ближниот наш најмалку колку самите себе.

Амин.

Отец Стефан Санџакоски

Оставете коментар

1 Comment on "Светот на предметите"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

Svojata dusha da ja chuvame,toa e edinstveniot nash imot,seto ostanato ne e nashe , se ke mora da ostavime koga od neboto povik ke dobieme,samo svojata dusha ke ja zememe,pred sudot Bozji ke ja izneseme, da se vidi kakva e.A koga na grobishtata ke otideme,ke vidime kade se frla nashata slava i bogatstvo i ubavite jadenja i obleka, i site ostanati zadovolstva zaradi koi Bog i dushata sme ja izgubile.

wpDiscuz