Светот на идолопоклонството

hristosvoslava

Денешното Свето Евангелие е вистински чудесно. Тоа задира во корпусот на социјалните прашања и проблеми. На прашањето за вработувањето и за односот на работникот кон самонаречените господари на светов, кон храната и облеката, човекот на овој свет одговара идолопоклонички. Од човекот на овој свет се изнудува пагански однос спрема возглавителите на техничката цивилизација, банките и лихварите, државите и државниците и сопствениците на големите индустриски корпорации. Бараат да ги обоготворуваат по урнек на старите пагански цивилизации и култури. Синдромот на златното теле – идолопоклонството, се случува секогаш кога луѓето и народите отпаѓаат од Бога и ја растураат заедницата и општењето со живиот наш Бог. Одбивајќи во трудот да му принесат слава на Господа триипостасниот, ропски им служат на идолите делкани во камен, на култно разбраните индивидуи од светот на културата, политиката и бизнисот. Господарите нè убедиле и себеси се увериле дека без нив ќе умреме од глад, дека голи ќе смрзнеме од студ и дека тоа што живееме и дишеме воздух е заслуга на нивното милосрдие и хуманост. Единствениот филантроп го закопале длабоко во подземјето на своето битие, во името на псевдохуманизмот.

А денеска од Писмото чувме како Христос ги поучуваше своите ученици, а преку нив и нас сите. Дали птиците небесни ораат, сеат и жнеат? Не ги храни ли Бог!? Дали Соломон во зенитот на својата слава се беше облекол пораскошно од цветот на кринот? Се трудеше ли кринот, предеше ли, шиеше ли? Пораката е јасна и разбирлива. Не може да им се служи на двајца господари, на Бога и на мамонот. Луѓето и народите еднодушно и не без учество на сета совест своја, не без учество на сиот разум свој, смерно и благородно го слават и му се поклонуваат на творецот на космосот, на творецот на животот, на создателот на човекот и на сите живи суштества на планетава Земја. Тоа треба особено да важи за државниците и водачите на народите. Тие, попрво од сите, треба слава на Бога да му принесат и нас да нè научат како треба да го славиме таткото на животот и дарителот на секое добро. Та дури потем да се грижиме за храната и за облеката.

Да се потсетиме уште еднаш што ни вели Господ за тоа. Пред сè, треба да се грижиме за царството небесно и за исполнувањето на Божјата правда, па дури потем да покажеме грижа за телото наше и за сето она што му е потребно на телото. Ако е така, возљубени мои, не ни останува друго, освен длабоко да ги наведнеме главите наши пред Господа и во сето смирение, победувајќи ја гордоста своја, егоцентризмот свој, да го признаеме и да го прославиме во својот живот – живиот Бог. Потем, да испросиме од него животодавни и творечки сили за творење на секакво добро дело, па да му ги вратиме пак нему, умножени со благодарност.

Амин.

Отец Стефан Санџакоски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz