Светол вторник

Прекршување на лебот

Во тоа време, Петар стана со единаесетте, го подигна гласот свој и им рече: „Луѓе Јудејци и вие сите што живеете во Ерусалим, знајте го ова и внимавајте на моите зборови: овие луѓе не се пијани, како што мислите вие, зашто е третиот час од денот: но тоа е претскажано преку пророкот Јоил: »И ете во последните дни«, рече Бог, »ќе излеам од Мојот Дух на секое тело и ќе пророкуваат синовите ваши и ќерките ваши, и младичите ваши ќе имаат виденија и старците ваши ќе сонуваат соништа; и во тие дни врз слугите Мои и слугинките Мои ќе излеам од Мојот Дух, и тие ќе пророкуваат. И ќе покажам чудеса на небесата и знаци долу на земјата, крв, и оган, и чад. Сонцето ќе премине во темнина, а месечината во крв, и тоа уште пред да настапи големиот и славен ден Господов. И тогаш, секој што ќе го призове името Господово, ќе се спаси.«

Дела 2, 14-21

Но Петар стана и отиде бргу до гробот, и кога се наведна, го виде внатре само покровот и се врати, чудејќи се сам во себе за она што станало. Во истиот ден двајца од нив одеа во едно село, по име Емаус, кое беше оддалечено од Ерусалим шеесет стадии; и зборуваа помеѓу себе за сите овие настани. И кога разговараа и се запрашуваа еден со друг, Сам Исус се приближи и одеше со нив; но очите им се замрежија за да не Го познаат. А Он им рече: „Какви се тие зборови што ги разменувате помеѓу себе одејќи и зошто сте нажалени?” Едниот од нив, по име Клеопа, Му одговори и рече: „Единствен туѓинец ли си ти во Ерусалим, та не си разбрал, што стана во него овие дни?” И ги праша: „Што?” Тие Му одговорија: „Она што стана со Исуса Назареецот, Кој беше пророк, силен на дело и на слово, пред Бога и пред сиот народ; дека нашите првосвештеници и управници Го предадоа да биде осуден на смрт и Го распнаа; а ние се надевавме оти е Он Оној што треба да го избави Израилот; но и покрај сето тоа, денес е веќе трет ден, откако стана ова. А и некои жени од нашите нè исплашија; тие биле рано на гробот, и не го нашле телото Негово; и кога се вратија, рекоа дека им се јавиле ангели и дека им кажале оти е Он жив. Отидоа на гробот и некои од нашите и најдоа исто така, како што рекоа жените; но Него не Го виделе.” Тогаш им рече: „О, безумни и тврди по срце, да верувате во сè што рекле пророците! Не требаше ли така да пострада Христос и да влезе во Својата слава?” Па, како почна од Мојсеја и од сите пророци, им зборуваше што е кажано за Него во целото Писмо. И тие се приближија до селото, во кое одеа; а Он се направи како да сака да продолжи. Но тие Го задржаа, велејќи: „Остани со нас, оти денот превали и наскоро ќе се стемни!” Он влезе и остана со нив. А кога седеше со нив на трпеза, зеде леб, го благослови, го прекрши и им подаде; тогаш им се отворија очите и тие Го познаа; но Он стана невидлив за нив. И си рекоа еден на друг: „Зар не гореа срцата наши, кога ни зборуваше по патот и кога ни го објаснуваше Писмото?” Па во истиот час станаа, се вратија во Ерусалим и ги најдоа собрани единаесетте и оние што беа со нив, каде што говореа дека Господ навистина воскреснал и му се јавил на Симона. И тие кажаа за она, што им се случи по патот и како Го познаа, кога го прекршувал лебот.

Лк. 24, 12-35

+++

Јудеите се обиделе светлоста на Христовото Воскресение да ја замаглат со лага: „Учениците го украле“. Меѓутоа, таа нискост било лесно да се совлада, и вистината победила. Сепак, дури и после ова не престануваат oбидите да се замагли сонцето на Воскреснието. Но, ова не треба да нѐ смутува! Што може да се очекува од таткото на лагата, ако не – токму лага? Мнозина од неговите соработници тој ги поучил, и тие пишувале цели книги против Воскресението. Таа магла е расеана по книгите. Вие, пак, не земајте лоши книги во раце, и нема да се помрачите. Ако и се случи да наидеш на таква книга, и да ја прочиташ, како противотров прочитај некоја добра книга, за да ти се освежат градите и главата. Но, непријателот има и друга магла што ја сее во твоите помисли. A таа веднаш ќе се развее како чад пред ветрот на патот на здравото христијанско расудување. Размисли разборито за сѐ што се случило и лесно, како на дневна светлина, ќе увидиш дека сите пророштва се оствариле преку силата на Воскресението Христово. Ваквото убедување за тебе ќе биде тврдина од која, штом ја утврдиш, лесно ќе ги одбиваш и победуваш непријателите на вистината.

Св. Теофан Затворник

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz