Светиот берберин

Светиот новомаченик Илија бил берберин во градот Каламата на Пелопонез, многу почитуван од турските власти поради неговата остроумност. Еден ден, локалниот кадија дошол да го посети, и св. Илија го замолил да направи сѐ што може за да се намали данокот што им бил наметнат на христијаните. Според зборовите на берберинот, мнозина христијани ќе биле принудени формално да се откажат од својата христијанска вера и да примат ислам, само за да не ги плаќаат високите давачки. Размуабетени, Илија на шега рекол дека и тој самиот би се откажал од верата и би започнал да носи фес. Еден од присутните Турци го сфатил буквално и му го подал својот фес. Добродушниот берберин, затекнат од таквата постапка, го примил фесот и го ставил на глава, примајќи ислам пред кадијата и сите присутни, на голема жал на христијаните.

Набрзо се покајал и се упатил на Света Гора. Таму нашол духовник пред кого со солзи во очите го исповедал своето отпадништво, и одново ја исповедал православната вера; духовникот го миропомазал и го причестил со светите Тело и Крв Христови. Илија потоа се замонашил, и осум години се подвизувал на Света Гора. Но, не можел да си ја смири совеста поради предавството што го извршил, и добивајќи благослов од својот духовен отец, се упатил назад во Каламата, решен маченички да пострада за Христа.

Св. нвмч. ИлијаВраќајќи се во родниот крај, тој се упатил право на пазар. Кога некој од неговите познаници – Турци му се обратил со потурченото име (Мустафа), прашувајќи го што го немало толку долго време, тој му одговорил дека не се вика Мустафа, и дека е православен христијанин. Поради ваквиот одговор бил испратен пред кадијата, каде повторно Го исповедал Христа. После двојно испрашување, бил осуден да биде спален на тивок оган, за подолго да се мачи. На пат кон мачилиштето, еден Турчин го прободел со меч во грбот, но светиот Илија со голема храброст продолжил радосно да ги пее Давидовите псалми. Бивајќи фрлен на клада, речиси веднаш се задушил; неговата коса, брада и монашко расо на чудесен начин останале недопрени од огнените јазици. Сето ова се случило на 31 јануари / 13 февруари 1686 година. Истата ноќ голема светлина го покрила неговото маченичко тело. Локалното христијанско население со страв говорело дека, бидејќи овоземниот оган не му можел ништо на светителот, тогаш Бог ја испратил Својата небесна светлина врз него.

Со голема побожност неговото тело било погребано; самата погребна литија била преисполнета со благоухание што се ширело од моштите на новомаченикот. Подоцна, на неговиот гроб била подигната црква; до ден денес на неговиот празник се прави литија со неговата маченичка глава.

Денес се смета за заштитник на берберите и фризерите. По неговите свети маченички молитви, Господи Исусе Христе помилуј нѐ.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz