Свети великомаченик Александар Шморел

Светиот великомаченик Александар Шморел (или св. Александар Минхенски) бил студент по медицина за време на Втората светска војна и еден од основачите на тајната антифашистичка група ,,Бела роза”. Заедно со останатите членови на Бела роза се обидувал да им ја посочи вистината за природата на владеењето на Хитлер и нацистите во Германија на обичните Германци. Бил уапсен во февруари 1943, а на 13 јули 1943 бил стрелан од страна на нацистите во затворот во Минхен. За светител прогласен е на 5 февруари 2012 година, во црквата на Светите Новомаченици и Исповедници од Русија во Минхен. Неговиот ден се одбележува на 13 јули.

Светиот целикомаченик Александар Шморел се родил во Оренбург, Русија, на 16 септември 1917 година. Бил крстен во Руската православна црква. Неговиот татко Хуго Шморел, доктор по занимање, бил Германец кој што бил роден и целиот живот го поминал во Русија, освен за време на студиите во Германија. Неговата мајка Наталија Веденскаја била Русинка, ќерка на свештеник чија фамилија живеела во Московската околија. Неговиот татко, др. Шморел, бил приморан да прекине со службата во Москва поради силните анти-германски чувства за време на Првата светска војна, но потоа бил вратен во Оренбург поради големиот недостаток од лекари кој што се јавил. Со него дошла и неговата сопруга. Набрзо потоа, во септември 1917 година, роден е и Александар. Иако Хуго Шморел бил Лутеранец, сепак дозволил неговиот син да биде крстен во Православна Црква. Кога Александар имал околу една година неговата мајка починала од тифус. Неговиот татко најмил некоја Русинка, Феодосија Лапшчина, за да се грижи за неговиот син. Освен што се грижела за него, таа го носела и во црква и го подучувала за христијанската вера. Во меѓувреме, др. Хуго Шморел се преженил за Елизабет Олсен која што исто така била Германка која што израснала во Русија.

Св. Александар ШморелПо доаѓањето на болшевиците на власт, семејството Шморел пребегнало во Минхен, Германија заедно со дадилката на Александар. Иако живееле во Германија, рускиот останал главниот јазик кој што се употребувал за комуникација во семејството. Во меѓувреме, Александар добил брат и сестра од втората жена на Хуго, Ерих и Наташа. Иако била католик, неговата маќеа сакала да го испочитува споменот на неговата мајка и го подржувала воспитувањето на Александар во православен дух.

Поради неговото руско потекло, Александар не бил баш добро прифатен во германското општество. Дури изгубил и година во училиште. И покрај тоа, неговата маќеа имала верба во него и за причината за овој настан не се посомневала во интелектуалните можности на нејзиниот посинок, туку во анти-руското чувство во рамките на германскиот образовен систем. Веднаш го префрлила во друго училиште и образовниот развој на младиот Александар продолжил нормално. Друг настан кој што го одбележил неговото детство бил еден инцидент којшто се случил додека Александар посетувал настава по веронаука во католички клас. Додека децата се молеле, наставникот забележал дека малиот Александар се молел од десно кон лево (наместо од лево кон десно) и побарал од него да го смени начинот на молење. Но, Александар го одбил тоа одлучно.

Александар ги почнал своите студии по медицина на универзитетот во Хамбург во 1939 година. Иако бил млад човек со многубројни интереси и дарби, Александар одлучно ја избрал медицината како негов животен повик, делумно поради неговиот татко, но и поради фактот што во тоа време, младите луѓе што завршувале медицина биле распоредувани во позадината на борбените линии, далеку од фронтот. Кога требало да даде воена заклетва, Александар за малку не доживеал нервен слом, при што јавно се искажал дека не може да му биде лојален на Хитлер. По Божјата промисла тој не претрпел никаква казна поради тоа, туку бил мирно отпуштен.

Во есента 1940-та, Александар се префрла на студии во Минхен, по што започнува неговата работа во организацијата „Бела роза”. Две години подоцна, Хитлер ја имал скоро целокупната контрола во Германија и врз поголемиот дел од Европа, при што се сметало за вистински подвиг секое спротиставување кон него. Токму такво нешто направиле и Александар Шморел заедно со неговиот пријател Ханс Шол. Двајцата набавиле машина за печатење со која што печателе и разнесувале летоци против војната и против Хитлер.

Во летото 1942 Александар го префрлаат на Источниот фронт, во неговата поранешна татковина Русија. Во него се враќаат спомените од детството и љубовта кон православието. Заедно со неговите пријатели Германци, во нацистичка униформа, редовно учествуваат на Литургија.

Св. Александар Шморел

По враќањето во Минхен во октомври 1942-та, Александар заедно со неговите соработници го удвојуваат трудот во нивната организација. Сепак, на 22 февруари 1943 година е уапсен од страна на нацистите по предавство од некој негов пријател. На 19 април е осуден на смрт, а на 12 октомври е егзекутиран, откако претходно на неговиот парохиски свештеник му било дозволено да влезе во неговата ќелија и да му ја овозможи последната исповед. Бил закопан во близина на местото каде што бил стрелан заедно со другите затвореници.

Во писмото до неговото семејство Александар напишал: ,,Со Божја волја, денес јас ќе го напуштам мојот земски живот тука, и ќе преминам во друг живот кој што никогаш нема да заврши и каде што сите ние заедно повторно ќе се собереме. Нека оваа повторна средба биде вашата утеха и надеж. Ве жалам, бидејќи мојата смрт ќе биде потежок удар за вас одошто за мене. Јас, во длабока вера заминувам, бидејќи верувам дека ѝ служев на Вистината. Никогаш не Го заборавајте Бог!”

По завршувањето на Втората светска војна, во околината на Минхен влегле Американските сили и изградиле база на местото каде што биле стрелани Александар и останатите заробеници. Веднаш до гробиштата каде што бил погребан Александар била изградена воена капела. Во 1992 година, Американската војска се повлекла од базата и ја отстапила на локалните власти.

Долго време парохијата на св. Александар била без постојан храм. Локалната власт на градот Минхен која што им го изнајмувала просторот за вршење на верските обреди по некое време ги избркала од таму. Плановите за градење на нова црква или вселување во некоја постоечка со текот на времето избледеле. Митрополитот Берлински г. Марк на литургиите редовно се молел и повикувал на молитва кон Пресвета Богородица и Сите Руски новомаченици за решавање на овој горчлив проблем.

Св. Александар Шморел, икона

По некое време молитвите вродиле со плод и се случило чудо. Земјиштето на кое што се наоѓала американската база заедно со капелата било дадено на аукција. Иако градските власти кои што ја спроведувале аукцијата на земјиштето не биле благонаклонети кон парохијата, по неколкуте неуспешни обиди за продажба, на крајот, во декември 1993 година, сепак биле приморани да ја продадат токму на руската парохија. Како благодарност кон св. Александар Шморел за кого се верувало дека имал удел во молитвите кон Бога за чудото што се случило, но и како претеча на неговото канонизирање како светец, тој бил вклучен во иконостасот на новоизградената црква заедно со останатите Руски новомаченици.

Свети Александар Шморел е канонизиран за новомаченик од страна на Руската задгранична православна црква, во Минхен, на 5 февруари 2012 година.

Тропар, глас 4

Денес со светлина се украсува нашиот славен град,
зашто во него ги имаме твоите свети мошти, о свети мачениче Александре,
на кого се молиме, за Христос Бог
да нѐ избави сите нас од искушенија,
та собрани денес заедно во љубов на тебе да се сеќаваме,
да се утврдиме во твојата храброст,
стоејќи против безбожничките сили и непријатели.

Кондак, глас 4

Од твојата мајка си ја наследил љубовта кон Христа,
и низ љубовта на твојата негувателка си бил одгледан во стравот Божји, о преславен,
и кон Бога си притекнал потполно, о сечесен Александре,
ти кој ревносно се молиш со ангелите,
за на сите оние кои што го спомнуваат твоето име да им бидат простени гревовите.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz