За искушението наречено „лош свештеник“

Прашање: Имавме добар свештеник; но, тој беше префрлен во друга парохија. На негово место дојде еден друг, кој ги растажува нашите души. На богослужбите тој е невнимателен и брз; кога разговара со некого, зборува само за обични нешта; ако и започне да зборува за Бог, тогаш зборува ограничено и делумно. Како да се спасиме од ова искушение?

Одговор: Вие сте самите виновни. Недоволно го користевте добриот свештеник, и Господ ви го зеде. Кажете ми, дали станавте подобри поради минатиот свештеник? Сега се двоумите дали да речете „Да“. Но, јас оддалеку ќе ви кажам дека не сте станале подобри, судејќи по фактот дека го осудувате новиот свештеник, не знаејќи да ги исконтролирате вашите чувства во однос на него, онака како што треба.

Навистина, имавте добар свештеник дури и пред овој добар свештеник кој сега замина од вас, а и тој пред него. Гледате ли колку многу добри свештеници ви испраќа Господ, но вие не станавте подобри поради тоа. И затоа Тој одлучи: зошто да си ги трошам добрите свештеници на овие луѓе? Ќе им испратам еден не толку добар. Така и стори. Гледајќи го ова, вие требавте веднаш да бдеете над себеси, да се каете и да се подобрите, а вие само осудувате и продолжувате да судите, повторно и повторно. Бидете подобри луѓе, и тогаш свештеникот ќе се измени. Тој ќе си помисли: „Со вакви луѓе не смеам да богослужам невнимателно; мора да служам благоговејно и поучно да зборувам“. И тој ќе си ги исправи своите патишта. Најчесто, свештениците брзаат и се невнимателни во богослужбите, и тривијални во разговорите само за да им удоволат на парохјаните.

Велејќи го ова, не го оправдувам свештеникот. Тој нема оправдување, доколку ги соблазнува душите што му се доверени. Но, го говорам само она што во дадениов случај е покорисно за вас. И најважното нешто веќе ви го кажав: не судете, туку бдејте над себеси и подобрете се како во молитвата, така и во разговорите, и подобрете го целото ваше однесување. И Тој ќе го поправи него. Само, молете се правилно. Господ рекол, ако двајца на земјата се согласат за нешто и започнат да се молат, прозбата ќе им биде исполнета (Мт. 18,19). Затоа, сите вие, добри парохјани, соберете се заедни и одлучете се да се молите за свештеникот; додадете и пост на вашата молитва и дуплирајте ја милостината; и правете го ова не само ден-два, туку со недели, месеци, година дена. Трудете се и ревнувајте понизно сè додека свештеникот не се промени. А тој ќе се промени; бидете сигурни дека ќе се промени.

Неодамна слушнав за еден сличен подвиг и неговиот плод. Една стара жена, обична селанка, но многу побожна, забележала дека некој кого таа го почитувала започнал да застранува од неговата вообичаена дисциплина на живеење. Нејзе започнало да ја боли срцето поради него. Кога дошла дома, се затворила во нејзината колиба и започнала да се моли, откако Му се обратила на Господа: „Нема да излезам од оваа моја колиба, ниту ќе пробам трошка леб, ни капка вода, ниту пак, ќе ги затворам очиве за одмор додека не ме чуеш Господи, и не го вратиш овој човек назад на добриот пат“. И навистина, таа сторила како што и рекла: ревнувала во молитвата и со скрушено срце и солзи Го преколнувала Бога да ја услиши.

По некое време се истоштила, и силата започнала да ја напушта; но, пак и пак, таа се молела: „Макар и да умрам, нема да се откажам додека Господ не ме услиши“. И Господ ја услишил. До нејзе стигнала потврда дека човекот за кого се молела повторно се вратил на себеси. Таа пошла да се увери во тоа, и гледајќи дека е така, воскликнала со голема радост. Нејзините благодаствени солзи немале крај. Ете ваква молитва треба да имате – иако, можеби не во тој облик, затоа што, можеби вие не сте способни да го сторите тоа што таа го сторила – но сепак, со таква ревност, саможртвеност и истрајност. И без двоумење ќе го добиете тоа што го посакувате. А, доколку одвреме-навреме си велите „Господи, подари му да стане добар тој и тој човек“, онака на поминување, додека сте дома, или во црква, или при разговор, тогаш каков плод може да очекувате од ваквата молитва? Оти, тоа не би било молитва, туку само празнословие.

Ви го кажав најважното нешто. Ќе додадам само уште нешто; но, тоа е од оние нешта што се најтешки за исполнување на начин кој би го осигурал постигнувањето на таа цел. Еве што мислам: можеби е возможно некој од вас, кој е здраворазумен и ужива почит од другите, да му пристапи на свештеникот и да го замоли ги смени нештата кои ве воведуваат во искушение. Нема ништо поедноставно од тоа да се стори ова; но, за ова да вроди со плод, е крајно тешко. Сè во вас треба да дише со најискрена и најревноста љубов – не само она што го кажувате, туку и тоа како го кажувате, зборовите, бојата на гласот. Тогаш може да се надевате дека ќе ја постигнете целта. Но, без оваа љубов, подобро е да не го преземате овој чекор: тој само ќе ги влоши нештата, и ќе создаде најжално пречкање.

Можеби би можеле и да му напишете сè што мислите на сличен начин, но повторно, целата работа мора да биде изведена во духот на љубов која поразува. И на овој начин, како и при директното зборување со свештеникот, е можно да ја уништите целата работа. Затоа не го препорачувам овој начин безусловно. Знам дека може да биде крунисан со успех, но главното нешто е правилната изведба. Многу добри луѓе може да се најдат за да му пријдат на свештеникот, или да му пишат без да се видам со него, и да го изразат сето ова на најучтив начин; но, за да успее човек во ова, потребно е нешто повеќе од претпазливост. Претпазливоста без љубов е боцка што ранува. Знам за ситуации каде луѓето се обиделе на ваков начин, и потоа роптале: „Ние го направивме нашето!“. Би рекол, подобро би било кога не би го направиле тоа.

Нема да речам ништо повеќе за ова – освем, можеби едно нешто: бидете трпеливи. Има и други правни начини, но тоа не се во мојот домен, и ќе ги премолчам.

Свети Теофан Затворник

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz