Свети свештеномаченик Јован Кочуров

Пред 99 години, на 31 октомври (13 ноември) 1917 година започнала една нова страница во руската историја на светоста, исполнета со голема мака, односно светоста на новомачениците од 20. век. Почетокот на новите богоборни прогони на Црквата и христијаните во Русија е поврзан со мачеништвото на рускиот свештеник Јован Кочуров, чијшто спомен го празнуваме денес.

Отец Јован бил роден на 13 јули 1871 година, во семејството на отец Александар Кочуров и матушка Ана. Откако ја завршил Рјазанската семинарија, ги започнал студиите на Петербуршката духовна академија. По стапувањето во брак, како млад свештеник бил испратен на мисија во Америка, каде активно учествувал во градењето на православната катедрала во Чикаго. За три години, преку неговата мисија, кон Православната Црква привел 87 унијати и 5 римокатолици. Ревносно проповедал, мисионерел, богослужел, служел бденија, но и различни црковно-социјални здруженија и кружоци, за што бил произведен во протојерејски чин.

Св. свештеномаченик Јован
Св. свештеномаченик Јован

Пред почетокот на Октомвриската Револуција во 1917 година, бил вратен во Русија. Најпрво бил поставен на педагошка служба во машките и женските гимназии во Петербург, за подоцна да биде вратен на пастирска служба во црквата на св. вмч-чка Екатерина во Царско Село, близу Петербург. Само шест дена по доаѓањето на власт на Болшевиците, до смрт бил претепан на улиците на Царско Село, од страна на болшевички морнари. На тој начин станал првомаченик на рускиот безбожен јарем, пророкувајќи ги, преку својата смрт, несреќите и гонењата што допрва следеле.

Само 5 месеци по неговото страдање, кога бројот на убиени свештенослужители се зголемил, и веќе биле убиени 15 свештенослужители, во црквата на Московската духовна семинарија била отслужена првата „заупокоена Литургија во слава на новите свештеномаченици и маченици“ од страна на св. Патријарх Тихон, во сослужение на 4 архиереи и 10 архимандрити и протојереи. На оваа Литургија Црквата се молела „за упокојување на рабите Божји, убиени поради верата и Православната Црква“, и веднаш после првопостраданиот архиереј, Митрополитот Владимир, било спомнато името на првопостраданиот протојереј Јован.

По молитвите на руските новомаченици, свештеномаченици и исповедници од 20. век, Господи Исусе Христе, помилуј нѐ.

Тропар на св. свештеномаченик Јован Царскоселски, гл.1

Распламтен од љубовта кон Бога,
за Христа и ближните животот свој маченички си го положил,
поради тоа од Него венец на правдата си примил;
моли Го себлагиот Бог, свештеномачениче Јоване,
Црквата Света во светот да ја запази
и да ги спаси душите наши.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz