Свети Прохор Пчински

Свети Прохор Пчински е роден во Македонија, во областа Овче Поле, од благочестиви родители Иван и Марија. Тие благородни, богобојазливи луѓе имаа и голем имот но секогаш го поставуваа Божјото пред световното, духовното пред материјалното и даваа и им помагаа многу на сиромашните, но беа бездетни. За тој свој недостаток тие непрестано се молеа на Бога. И Бог ги услиша нивните искрени молитви и им дарува машко дете, а тие му го ставија името Прохор, во чест на ученикот на св. Јован Богослов, св. Прохор. Кога нивниот син единец порасна, родителите сакаа да му најдат жена и да го оженат, за да имаат наследници на имотот. Но, тој, научен од нив да го бара најнапред, Царството небесно, не сакаше да стапи во брак и затоа отиде во црквата да се помоли на Бога за да му го открие патот на спасението. Тој ден на Литургијата се прочита Евангелито каде Христос говори: „Кој го сака таткото или мајката повеќе од Мене, не е достоен за Мене. Кој остави… или жена или деца… заради Моето име ќе прими стократно повеќе и ќе наследи живот вечен!“ (Мт 10, 37).

Св. Прохор ПчинскиСвети Прохор се трогна од тие зборови, заплака во душата и се помоли на Бога да го постави на патот кон спасението. И штом излезе од црквата се упати во планината. Како што еленот се стреми кон водни извори (Пс. 41, 2), така и свети Прохор се устреми кон горската пустина од каде може непрестајно да пие од непресушливиот извор на живата вода, та се насели во горската пустина Нагоричанска во Жеглиговскиот крај, каде најде пештера и покрај него мало изворче. Храната му се состоеше од диви плодови, треви и корења, и притоа јадеше едаш во седмицата. И кој би можел да ги опише сите неговите подвизи, во непрестајна молитва, солзи и трудови, во зимен мраз и летна горештина лежејќи на гола земја наместо на постела. Навистина испосник, навистина пророк, навистина маченик, кој лежи врз студен камен! И засветли со добродетелите како сјајна ѕвезда од исток и запад со благодатта на пустиножител. На тоа место свети Прохор помина 32 години, без да види човек.

Еднаш, по Божјо допуштение, кога старецот седеше пред неговата пештера, дотрча една исплашена срна и старецот ја праша: „Чедо, зошто си изморена?“ Диоген пак, ловецот, ја гонеше таа срна. Но кога дотрча Диоген и ја виде срната како спокојно лежи пред нозете на светителот се засрами, се исплаши од старецот, па почна да бега. Тогаш светителот повика кон него: „Диогене, не бегај, врати се, зашто и јас сум човек како и ти.“ Тогаш Диоген уште повеќе се исплаши, кога го слушна своето име од старецот, и со страв падна пред неговете нозе барајќи благослов. Старецот го благослови и му рече: „Диогене, да одиш во Цариград за да станеш цар. Но кога ќе се искачиш на престолот, спомни си за мене, старецот, дека ти го прореков тоа!“

Потоа Диоген си замина зачуден од светиот старец, но набргу ги заборави тие негови зборови. А срната стана и тргна длабоко во гората; светителот реши да ја следи. СкитајќИ така по гората, тој најде друга тесна пештера и се всели во неа, говорејќи: „Бог да го благослови ова место“. Овде светиот старец продолжи со своите подвизи жеднеејќи за богопознание и непрестајна заедница со Бога. На тој негов пат кон духовното совршенство и обожението имаше и многу ѓаволски искушенија. Еднаш на светителот во пештерата му се јави во видение лав. Светителот се смути но веднаш пред лавот застана ангел Божји и лавот во истиот момент исчезна. А свети Прохор Му заблагодари на Бога зашто го испрати својор ангел да му помогне.

На тоа место светителот помина други триесет години. По Божја промисла, светителот го предвиде свото заминување од овој свет, се прекрсти, ги виде светите ангели кои дојдоа во пештерата по неговата душа, се помоли за светот и се престави пред Бога на 14 октомври / 1 ноември. И му почиваше таму неговото нераспадливо тело.

Тогаш свети Прохор му се јави на Диоген, кој веќе се беше зацарил во Цариград под името Роман Диоген (1067–1071), и му рече: „Ти ја заборави претходната положба, како што ме заборави и мене, старецот! Поразен од ваквото сновидение, царот веднаш испрати луѓе да го најдат местото и да ги донесат моштите на светителот. Тие ги најдоа моштите, ги пренесоа до реката Пчиња, направија кивот, го украсија со злато и намислија да го пренесат во Цариград. Но моштите останаа неподвижни. Светителот се јави на сон на царот и му рече: „Нема да можеш да ме однесеш оттука!“

Гледајќи дека таква е волјата на светиот, император на тоа место основа манастир на свети Прохор; архиереите го осветија и ги положија моштите на светителот оддесно на олтарот, каде сега има параклис. И веднаш потече миро од моштите на светителот од кое слепи прогледаа, сакати проодија, а болни оздравеа. Постави и игумен во манастирот, и јеромонаси и јероѓакони, и монаси. Им даде и метоси за да можат самите да се прехрануваат. И прекрасно чудо, од гробницата на свети Прохор продолжуваше да истекува свето миро и да им дарува исцеление на сите, кои со вера пристапуваа да се поклонат неговие свети мошти.

Да се удостоиме и ние со исцеление и спасение на душата, како и со телесно здравје, по молитвите на преподобниот Прохор Пчински. Слава Му на Бога во сите векови! Амин!

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz