Св. Лука Воено-Јасенецки: Светител на XX-иот век

Свети Лука Воено-Јасенецки (27 април 1877–11 јуни 1961), во светот Валентин Феликсович, се родил во гр. Керчи во семејството на Феликс Станиславович. Во семејството имало уште два сина и две ќерки. Таткото му бил католик, а неговата сопруга Марија Дмитриевна ја исповедала православната вера. Како што си споменувал во своите мемоари свети Лука немал никакво религиозно воспитание, но религиозноста ја неследил од татко му. Уште во неговото детство во срцето имало љубов кон Бога и ближните.

Во детството Валентин пројавувал уметнички способности. Во 1889 година целото семејство се преселило во Киев. Истовремено учел во гимназија и во уметничко училиште, а потоа, некое време се обучувал во приватната школа за живопис на професорот Книр во Минхен. По долги барања и размислувања за понатамошниот живот во 1898 година се запишува на медицинскиот факултет при Киевскиот универзитет „Св. Владимир“.

Како подарок од директорот на гимназијата добил Нов Завет, како упатство за понатамошниот живот, и се трудел да си го објасни Христовото учење, сакајќи искрено да работи за Бога и за луѓето. Откако беспрекорно го положил државниот испит на универзитетот во 1903 година, тој неочекувано за сите, објавил дека сака да биде селски доктор и да им помага на сиромашните.

За време на руско-јапонската војна работел како хирург во составот на медицинскиот одред на Црвениот крст во воената болница во Чите. Се оженил за медицинската сестра Ана Василевна Ланска, која работела во Киевската воена болница. Потоа неговото семејство се преселило во: гр. Ардатов – Симбирска губернија, подоцна во с. Горен Љубаж и гр. Фатеж – Курска област. Во 1907 година во семејството се родил првенецот Михаил, во 1908 година ќерката Елена. Во 1909 година Валентин Феликсович отпатувал во Москва и се запишал на хирушката клиника на Дјаконов, а потоа во институтот за топографска анатомија и оперативна хирургија. Во 1916 година ја одбранил докторската дисертација „Регионарна анестезија“.

Тринаесет години работел како селски доктор, без слободни неделни и празнични денови. Во тие години му дошла мислата да го изложи своето искуство во посебна книга „Основи на гнојната хирургија“. Тој составил план и наеднаш помислил: „Кога оваа книга ќе биде напишана, на неа ќе стои име на епископ“. Така Господ го водел Својот угодник. Да стане свештеник, монах или епископ тој не ни помислувал. Понатаму свети Лука ќе напише: „Нам непознатите патишта на нашиот живот, целосно Му се познати на Сезнајниот Бог уште додека се наоѓаме во мајчината утроба“.

Во 1915-1916 година работел во болница за ранети. Во почетокот на 1917 година неговата сопруга Ана Василевна заболела од туберкулоза на градите и целото семејство се преселило во Ташкент (во семејството во 1919 и 1914 година се родиле уште два сина). Од март 1917 година станува главен доктор во Градската болница во Ташкент. Во октомври 1919 година по лажно обвинение Валентин Феликсович бил уапсен. По неколку дена, на 38 годишна возраст починала неговата сопруга. По нејзината смрт Валентин Феликсович своите деца ги оставил на чување кај медицинската сестра Софија Сергеевна Белецка, која била нивна мајка за време на сите години додека татко им бил во прогонство или затвор. Во животот на човекот, кој е раководен од Бога, има малку случајности. Некој тоа го нарекува чудесен случај, а некој Божја промисла. Еднаш кон крајот на 1920 година, Валентин Феликсович настапувал на епархиско собрание со говор против „обновленците“. Таму присуствувал и Епископот Ташкентски и Туркестански Инокентиј (Пустински) кој неочекувано му рекол: „Докторе, вие треба да станете свештеник!“ И познатиот доктор со длабока вера одговорил: „Ќе бидам свештеник, ако тоа Му е угодно на Бога“.

Примајќи чин во тоа време, тој осознал дека оди на страдања и смрт. Во почетокот на 1921 година примил ѓаконски, а по некое време и свештенички чин. Ташкент бил изненаден: познатиот професор на медицина, основачот на градскиот универзитет, во време на воинствено безбожие станал свештенослужител. Во време кога некои плашејќи се го оставале чинот, научникот, хирургот го примил. Се обиделе да го клеветат, но не успеале; тој бил почитуван од сите. Во мај 1923 година силниот Епископ Уфимски Андреј (Ухтомски) тајно го потстрижал за монах со името Лука. На 31 мај 1923 година јеромонахот Лука бил ракоположен за Епископ Ташкентски и Туркестански. Истата година бил уапсен и почнал многугодишниот прогон. Владиката најпрво бил испратен во Енисејск, потоа во Туруханск и во селото Плахино. Во јануари 1926 година се вратил во Ташкент. На 6 мај 1930 година свети Лука Воено-Јасенецки повторно бил уапсен и бил изнесен приговор за прогон во Архангелск, од каде што бил ослободен во мај 1933 година.

Епископот Лука тргнал по многу страдален и жален пат на исповедништво и мачеништво. Бескомпромисното и ревносно служење на Бога и луѓето и смиреното носење на крстот го воздигнале до висината на светоста. Додека бил во прогон, тој не го оставил својот докторски долг, соединувајќи ги пастирската и медицинската активност, спасувајќи ги душите и телата на луѓето. Во 1934 година била објавена неговата монографија „Основи на гнојната хирургија“, која станала светски позната. Неколку години професорот Воено-Јасенецки ја раководел главана операциона сала при Институтот во Ташкент. На 24 јули 1937 година, бил уапсен по трети пат. Од март 1940 година бил во прогонство на Голема Мурта, каде работел како хирург (110 км од Краснојарск). Од октомври 1941 станува консултант на сите болници во Краснојарскиот крај и главен хирург. Тој секојдневноправел по неколку сложени операции и ја продолжувал научната работа. Кон средината на 1942 година рокот на неговиот прогон завршил. Есента 1942 година бил востоличен во чин Архиепископ и назначен на Краснојарската катедра. Во 1944 година Владиката ја возглавил Тамбовската епархија.

Св. Лука го пишува познатиот богословски труд „Дух, душа, тело“. За научните медицински трудови му била доделена Сталинска премија од прв степен, поголемиот дел од истата Владиката ја дал за помош на децата кои пострадале во војната. Во 1946 година Архиепископот Лука бил назначен за надлежен архиереј на Кримската епархија и ја продлжил својата лекарска и педагошка активност. Се претставил пред Господа на 11 јуни 1961 година на празникот на Сите руски светители. Десетици илјади луѓе се простиле од него. Господ го прославил Својот угодник со многу чуда. Во 1966 година биле отворени неговите нетлени и чесни мошти, кои денес се наоѓаат во Свето-Троицкиот Соборен храм во Симферопол. Во 2000 година на Јубилејниот Архиерејски Собор на Руската Православна Црква бил вброен во Соборот на светителите, како светител и исповедник. Споменот на свети Лука се празнува во денот кога се празнува Соборот на руските новомачениците и исповедниците, на 29 мај по стар стил и 11 јуни по нов стил.

превод: ѓакон Кире Георгиев
Извор: Православен Пат бр. 32, СПЕ

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz