Општо слово за Светите

Во издание на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ-ОА излезе од печат новата книга на протопрезвитер д-р. Јован Таковски, „Свети Климент Охридски – Собрани дела – слова, беседи, житија“. Во прилог издвојуваме една од многубројните душеспасителни беседи на Светиот Отец наш Климент.

Браќа, Христос нашиот Бог секогаш го очекува нашето спасение и не престанува постојано да нè повикува во вечното и небесно Царство преку многу учители и свети книги, велејќи ни да живееме во чистота и правда, извршувајќи ги заповедите на Господа, за да можеме, по заминувањето од овој свет, пак да влеземе во Царството небесно, од кое бевме испаднале поради непослушноста Адамова. Ако Адам, нашиот прататко, беше ја исполнил Божјата заповед во рајот, тогаш би живееле вечно без смрт и без стареење. Но преку соблазната на ѓаволот, бевме осудени на смрт поради невоздржување. Затоа, браќа, да не се мамиме живеејќи го овој лажен и смртен живот, бидејќи овде сè е распадливо и брзо минува. И богатите, и роднините, и пријателите, сите ќе останат овде, а ние ќе заминеме со гревовите: телото наше ќе се положи во гроб, за храна на црвите, коските наши ќе оголат, а душата, според делата, ќе отиде да го чека општото воскресение. Кога Господ ќе дојде да суди, душите на праведните ќе бидат во светлина, а на грешните – во темнина. Господ ќе дојде и на сите ќе им даде според нивните дела. Тогаш душата пак ќе биде заедно со телото.

Затоа, браќа, да не се лажеме и да не се величаме себеси како бесмртни, но да оставиме секаква злоба и телесни угодувања, и споменот на светиот (името) со милостина и со добри дела да го прославиме, а не со опивање, блудствување и со бесовски игри. Оти оној што во овој свет ден се опива, тој уште повеќе го разгневува Бога, а на празникот почит не му оддава, туку на демоните радост им приредува, опивајќи се. Возљубени, да се отрезниме од прелеста на овој свет, како што Му ветивме на Бога на светото Крштение, велејќи пред многу сведоци во црквата: „Се одрекувам од сатаната и од сите негови дела и од сето служење нему“. Мнозина го прекршуваат ова ветување, творејќи дела ѓаволски, затоа судот за нив ќе биде тежок, бидејќи тогаш нема да има можност за покајание. А делата на сататната, од кои сме се откажале, се овие: поклонување на идоли, верувањето во среќа и во полаза [прва посета наутро, празноверие според кое среќата преку денот ќе ни зависи од тоа кој нè посетил наутро (в. Речник на македонскиот јазик II, с.в.)], во гракањето на птиците, лекување на болести со баење и со вериги, братоомраза, клеветење, разбојништва, кражби, грабежи, завист, гнев, горделивост, пијанство, блудствување, омраза, јарост, скржавост, немилосрдност, среброљубие. Ова се делата на сатаната. Ако ги оставиме овие лоши дела, тогаш ќе влеземе во Царството небесно. Со овие ѓаволски дела самите ние го навлекуваме на себе гневот Божји.

Браќа, ако, пак, се откажеме од делата сатански што сме ги правеле, Бог ќе нè помилува и нас кои сме правеле дела ѓаволски. Но, ве молам, додека имаме време во овој живот, да побрзаме нашето ветување кон Бога да го исполниме, љубејќи Го Него со сето срце, и ближниот како самите себе, со братољубие просветлувајќи се, и цветајќи со гостопримство. Така ќе влеземе во радоста бесконечна и во бесмртниот живот, во неискажливата убавина. И овој светител (името), богатството и славата на овој живот не ги сметаше ни за што и, откако ги замрази телесните угодувања, ги уништи сластите, богатството им го раздаде на сиромасите, го придоби она што е нераспадливо, привремените работи ги замени со вечните и, откако ја уништи телесната убавина, се пресели во вечните живеалишта, слушајќи го гласот со кој Христос нè вика при Себе: „Не бојте се од оние што гo убиваат телото, а на душата не можат зло да ѝ направат, туку бојте се повеќе од оној што, по убивањето, има власт да ја фрли во огнот“. Вам ви зборувам, браќа, вие од него бојте се. Бидејќи, браќа, каква полза има човек да го собере и целото богатство на светот, а ја загуби душата своја, или се лиши од царството Божјо?

А тоа ќе биде тешко за душата. Со што ли ќе ја искупиме таму душата своја од маките, ако овде не се одречеме од злото, или во скржавост живееме? О, браќа, сето наше богатство ќе остане овде, и од него нема да има душевна помош. Затоа да се потрудиме за нашето спасение додека сме живи. На животот и на маките на овој светител (името) чесно почит да им оддадеме, зашто тој сјае во славата Божја повеќе од сонцето, и чудесниот Господ во негов спомен им прави многу чудеса и исцеленија на оние што ги почитуваат Неговите светители.

И ние, браќа, да го следиме примерот на сите свети со добри дела и со молитви, со постење и со милостина, со смирение и чистота, и со други добри дела, во мир и со љубов, оти Самиот Господ рече: љубете се еден друг, како што ве возљубив и Јас, и заради вас се воплотив, и бев гладен и жеден, и необлечен заради вашето спасение, за да ве облечам и вас во облека нераспадлива.

Слушајќи го ова, браќа, бидете милостиви, оти сето тоа го вложувате во рацете Божји, очекувајќи милост од Него. Секогаш да бидеме подготвени, оти не знаеме кога ќе дојде смртниот час. И, ако ве најде ова зло без покајание, тогаш ќе беше подбро и да не се раѓате, оти таму нема да имате можност да се покаете. Поради тоа, браќа, да бидеме подготвени пред смртниот час, за да се спасиме. На нашиот Бог нека Му е слава во вековите, амин.

Икона, детаљ: Св. Климент Охридски, зограф Кирил Златанов

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz