Имало некој цар во некоја земја, мошне добар и дарежлив…

kliment-ohridski

Сакам да ви кажам една поучна приказна: Имало некој цар во некоја земја, мошне добар и дарежлив, кој ги сакал сите еднакво, како свои деца, и за сите се грижел еднакво, но се грижел и за нивните души. Но и таа земја изобилуваше со блага, како што рече Давид: „Кај нив се намножија плодовите од пченица, вино и елеј“. А делото на тој цар беше да им дава на сите што имаа потреба. Тој даде и заповед: оние што имаат да им даваат на оние што немаат, како што пишува во Дела (апостолски): „Сите беа како една душа“. И на сите им даваше според нивната потреба. Таква беше таа земја и таков беше царот. А тој цар имаше седум мошне убави ќерки. Сакајќи да ги провери своите луѓе, тој даде заповед да дојдат сите и да им оддадат почит на неговите ќерки, откако ги подреди по возраст – најмалата подалеку, а најголемата – до себе.

Едни им оддадоа почит на сите еднакво и му угодија на царот, а други постапија лошо: на најмалата ѝ оддадоа почит добро, а другите – само ги поздравуваа и ги одминуваа. Кога добриот цар го виде тоа, својата милост ја претвори во гнев, и на слугите им нареди да ги тргнат од пред неговото лице. Но не само тоа, туку нареди и да ги предадат на мачители, за да ги мачат. Дали царот постапил неправедно?

Возљубени, сакате ли да дознаете кој е тој цар? Оние што имаат бистар ум веќе разбраа, но заради мнозинството ќе кажам јас. Царот е добриот Бог на сите. А земјата, која изобилува од сите богатства, е Црквата. А сите вие знаете колку добра има во неа. Душите на целиот свет се спасуваат во неа. Тука се Законот и Пророците и Самиот Господ, Кој заради нас слезе и стана човек, заради нас се распна, умре и воскресна. Потоа ги испрати Своите апостоли. Преку нив нè повика во Своето царство. Он постојано повикува преку светите евангелисти: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“. И пак: „Оној што доаѓа при Мене, нема да го испадам надвор“. Има ли нешто поголемо од оваа добрина?

А седумте ќерки се седумте недели од светиот пост, коишто Господ заповеда да ги почитуваме повеќе од сите денови во годината, со пост, молитва и милостина. Затоа, ако ѝ оддадовме добра почит на првата седмица, најмалата, која е подалеку од Царот, како ќе ги одминеме сите други? Што ќе Му одговориме тогаш на Господа на страшниот ден суден? И како ќе се оправдаме што не сме сакале да ги држиме чисто и другите посни денови? Но, ве молам, браќа, не мислете и не говорете дека не можете сето тоа да го примите така. Ова оправдување е лошо и е полно со вина. Ако ја поминавме во пост првата седмица, по толку прејадување и препивање, тогаш колку повеќе, откако сме свикнале со доброто, ќе можеме да го минеме целиот пост и да Му угодиме на Бога, да ги спасиме своите души и да ги осветиме! Јас не ве принудувам да постите и да бдеете повеќе од своите сили, туку секој според своите можности и сили.

Но воздржувајте се најмногу од животни грижи и од пијанство, од завист, од клевети, од злопамтење, од блуд и од алчност. А вие, богатите, двајте милостина повеќе отколку во другите денови, та со чиста совест да пристапите до Христовите тајни и да го примите пречистото тело и вечниот живот. Давајте им добар дар на бедните, кои непрестајно Му се молат на Бога за сите. Овие работи не се тешки, ако сакаме. Само да не бидеме мрзливи и небрежни, за да не го загубиме трудот, што го примивме во првата седмица.

Свети Климент Охридски
Поука на првата Недела од Постот

Оставете коментар

1 Comment on "Имало некој цар во некоја земја, мошне добар и дарежлив…"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted
wpDiscuz