Свети Кипријан и Света Јустина

На 15 октомври (2 октомври ст.ст.) Црквата го празнува споменот на свештеномаченикот Кипријан и светата маченичка Јустина. Кипријан бил маѓепсник, гонител на христијаните и слуга на демоните. „Исцелител со помош на демоните и најгорчлив прогонувач Христов“ (св. Григориј Богослов). Но, тој не го правел ова свесно, туку од незнаење, затоа што мислел дека не постои сила поголема од онаа на ѓаволот. Кога подоцна сфатил, поради едно искуство кое подоцна ќе го раскажеме, дека Христос е посилен, и го поразил и засрамил ѓаволот, тогаш ги запалил своите маѓепснички книги, примил крштение, а подоцна бил ракоположен прво во ѓакон, па во презвитер, и на крај во епископ. Уште повеќе, се удостоил да пролее и крв Христа и ради да се нарече свештеномаченик. Од слуга на темнината и лагата, станал проповедник на Светлината и „голем ревнител за вистината“.

Јустина пак, била „благородна и добродетелна девица, чиста невеста Христова, извајана, непорочен принос, осветен, неосквернет, градина затворена и запечатена, вруток сочуван само за Христа“ (св. Григориј Богослов). Таа, скромна и неосквернета, станала предмет за посакување на еден паган, кој пак не можел да ја присвои за себе, та прибегнал кон сатански начини за да ја добие. Toj го молел Кипријан (кој во тоа време сè уште бил маѓепсник) да го промени нејзиниот ум со помош на магии, и за ја привлече кон него. Кипријан, кој претходно многупати го сторил ова и бил убеден дека силата демонска ќе ја завладее, сметал дека лесно ќе ја заврши работата. Но, и покрај неговите напори, овој пат не успеал во својата намера. Јустина, поради чистотата на нејзиниот живот и силата на нејзините молитви, ги изгонила демоните кои не можеле ни најмалку да ѝ наштетат. Тие се вратиле победени и посрамени, и му објасниле на Кипријан дека биле немоќни да сторат било што, зашто девицата била заштитена од сила повисока од нивната. Ова го изненадило Кипријан, и станало причина за тој да ги напушти своите идоли и магии, и да го спознае и искуси животот на Црквата, истовремено ослободувајќи се од ропството на ѓаволот и чувствувајќи ја вистинската слобода, „слободата на децата Божји“.

Свети Кипријан и Света Јустина
Свети Кипријан и Света Јустина

Оној кој Му служи на Христа и ги пази Неговите заповеди, се труди да ги победи и преобрази своите страсти, и бива ослободен од ропството на страстите и ѓаволот, и се здобива со внатрешна слобода, која е единствена вистинска слобода. Делото на Црквата е да ги укинува делата на ѓаволот. Христос, втората ипостас од Светата Троица, стана совршен човек за да го искупи човекот од власта на ѓаволот и смртта.

Бавењето со магии го прави човекот роб на ѓаволот. Се разбира, оние што се занимаваат со магии велат дека има разлика меѓу бела и црна магија, добри и зли духови. Но, ова не е вистина, зашто според учењето на Црквата не постои нешто како добри и зли демони; сите демони се зли. Во почетокот сите тие биле ангели, оти Бог не создал ништо зло. Поради нивната гордост, тие го искусиле падот од небесата, ја изгубиле нетелесноста, се здобиле со материјална телесност и станале мртви духови што ги убиваат сите оние коишто им пристапуваат. Според светоотечкото предание тие се зли и безбожни духови. Послабите демони се борат за душите на луѓето преку помисли, желби и сл., додека оние, потелесните, се борат против телото преку страстите телесни, и на тој начин ја заробуваат душата човечка.

Денес сме сведоци на многу сатанистички дела, служење на сатаната. Свети Никодим Светогорец пишува дека има неколку вида на магии кои можат да се поделат на три основни вида:

  1. ткн. сатанизам, преку кој луѓето заедничарат со демоните
  2. гатање, јасновидство, „гледање“, со што животните, птиците, сонцето и месечината се користат за пророкување на иднината на луѓето
  3. астрологија, којашто за жал, заробува многумина поради големото внимание што ѝ се придава преку средствата за јавно информирање кои пак, лажно ја претставуваат како наука; астрономијата е наука, а астрологијата е обмана.

Многумина посетуваат астролози и други бајачи и гатачи од љубопитство, други пак, за да најдат решение за нивните проблеми, а трети за да ја дознаат својата иднина. Но, мора да сфатиме дека ѓаволот не ги решава проблемите, туку создава многу други проблеми и искушенија. Никој не ја знае иднината, освен Бог. Црквата е таа којашто има одговор за сите поголеми човечки проблеми, која ги решава проблемите, која дава одговор на егзистенцијалните прашања, како на пример, оние за смисолот на животот, тајната на смртта, постоењето на рајот или пеколот итн. Главната причина поради која мноштво луѓе стануваат жртви на сатанистите, спиритуалистите и маѓепсниците е нивниот игнорантен став кон животот на Црквата и богатото православно Предание, како и недостигот на доверба во љубовта и грижата на Бог Троица. Како православни христијани ние имаме живо и богато предание кое, за жал, арогантно го игнорираме и презираме, талкајќи наоколу и просејќи да храна од сомнителни извори и гревовни плеви.

Денес сме соочени и со следново: постои еден вид на магиско разбирање на нештата. Луѓето сакаат да ги решат своите проблеми на магиски начин, без ни малку труд. Дури и црковните Таинства се примаат како магиски церемонии кои ќе ги решат сите наши грижи без да се вклучиме и ние во нив, со лична борба. А, ѓаволот се изгонува преку молитва, преку светотаински опит во Црквата и благодатна аскеза; односно, преку наша лична борба во преобразување на страстите и здобивање на личносна заедница со личносниот Бог на Црквата.

Нашата доверба во љубовта и промислата Божја и опитот на животворното Црковно предание нè ослободува од тиранијата на страстите, владеењето на ѓаволот и стравот од смртта.

Протопрезвитер Георгиј Папаварнава

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz