Свети Јован Шавтели, епископ Генатски

Еден од помалку познатите светители кои ги празнуваме денес е светиот Јован Шавтели, епископот Генатски. Тој е еден од најзначајните грузиски светители – химнограф, философ, беседник, поет и духовник. Се подвизувал помеѓу од втората половина на 12-от и раниот 13-ти век, за време на владеењето на благоговејната царица Тамара. Од неговиот живот се зачувани многу малку детали, но се знае дека се образувал на Гелатската Академија, на западот од Грузиското Царство, каде што се учел на богословие, древна и арапска историја, философија и литература.

Монашки потстриг примил во манастирот Варѕија, во јужна Грузија, каде што и отшелнички се подвизувал, водејќи крајно аскетски живот, созерцувајќи ги тајните на Живоначалната Троица и достигнувајќи духовно совршенство. Гледајќи на неговата ревност, Бог го дарувал со дарот на убаво пишување и говорење.

Кога мажот на светата царица Тамара, Давид Сослан пошол во битка со султанот Рукн ал-Дин, царицата се повлекла во манастирот Одзрке да измоли Божји благослов и да го сочува своето христијанско царство. Со неа се молеле и католикосот на Грузија, Теодор Картлиски, и голем број монаси и свештеници, меѓу кои бил и св. Јован Шавтели, кој се издвојувал како мудар богослов и философ.

Еден ден, за време на неделната Литургија во манастирот, се случило чудо: Христа-ради јуродивиот Евлогиј, кој исто така бил присутен во манастирот, а кого го сметале за болен и луд, клекнал коленопреклоно, ги кренал рацете кон небесата и извикал: „Слава Му на Бога! Семоќниот Христос! Не плашете се од Персијците [се мисли на Селџуците], туку распуштете се во мир, оти милоста Божја слезе врз домот на Тамара!“

Тогаш светиот Јован ѝ се обратил на царицата: „Ваше Височество! Севишниот ни ја откри победата во оваа војна преку овој Христа-ради јуродив!“ Блажениот Евлогиј, пак, му открил на св. Јован дека цело време глуми дека е луд, само за да го сокрие дарот кој го добил од Бога. И сега, штом другите узнале за овој дар, тој избегал од манастирот, бегајќи на тој начин од човечка слава.

Св. Јован Шавтели ја напишал „Химната на Богородица Варѕиа“, како благодарност кон Мајката Божја за грузиската победа над Селџуците, но и „Абдул-Месија“ (од арапски, слуга Христов), позната ода во која се воспева вистинскиот Христијанин, и како пример се посочуваат епизоди од животите на св. цареви Тамара и Давид.

Светиот отец наш Јован Шавтели се упокол во длабока старост, и многу наскоро по неговото блажено упокојување бил прогласен за светител. По неговите свети молитви, Господ Бог да нè помилува.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz