Свети Јован Рилски

Преподобниот Јован Рилски се родил во 876 г. во селото Скрино, на падините на Осоговска планина, крај реката Струма. Рано останал сираче. Како дете бил пастир кај некои богати луѓе. Еднаш изгубил една од кравите и теле. Момчето долго плачело и се молело, Бог да му помогне. Кога ги нашол кравата и телето, заради голема бура, реката Струма веќе била надојдена. Младиот пастир се помолил, на водата ја ставил својата горна облека, напишал на неа крст, го зел на раце телето и поминал со него, како по копно, на другиот брег на реката, каде што била и кравата. Богаташот, скриен во шумата, кога го видел тоа чудо, го наградил момчето и го отпуштил од својот дом.

На 25-годишна возраст Јован го раздал својот имот и заминал од родното село. Прво отишол во манастирот „Св. Димитриј,” под врвот на ососговската планина – Руен. Таму примил монашки постриг. Свети Јован добро знаел, дека без да помине низ основните искушенија и борба со страстите во општожителен манастир, без правилно духовно раководство и без да се научи на послушание и смирение, не е можно некој да премине кон повисоки духовни подвизи, какви што се осамувањето, тихувањето и воопшто – пустиножителството. Со текот на времето тој чувствал сè поголем копнеж за осамен живот. Затоа, излегол од манастирот и се подвизувал на висока и гола гора, хранејќи се само со диви растенија. Неговата колиба била направена од гранки. По кратко време, разбојници го нападнале ноќе и откако го претепале, го изгониле оттаму. Тогаш тој нашол длабока пештера и се вселил во неа. Таму наскоро пристигнал и неговиот внук, свети Лука. Местото било толку пусто, што преподобниот Јован појавувањето на Лука прво го сметал за демонска измама. Но, кога разбрал дека момчето бара душевно спасение, со љубов го примил. Сепак, тие недолго живееле заедно: братот на преподобен Јован ги нашол подвижниците и присилно го зел својот син. На патот кон дома, момчето умрело, каснато од змија. Братот се покајал и барал простување од преподобниот.

Дванаесет години свети Јован поминал во пештерата, а потоа преминал во Рилската пустина и се вселил во шупло дрво. Тој многу постел, се молел и плачел; се хранел само со трева. А, еве како луѓето разбрале за светиот пустиножител: Еднаш стадо исплашени овци трчало по стрмнините, додека не застанало на местото каде што живеел преподобниот. Пастирите, кој го следеле стадото, зачудени го гледале пустиникот: „Кој си ти?” – го прашале. – „Од каде си и како си дошол тука? Каков живот живееш и кое е твоето родно место?” Тогаш свети Јован им одговорил: „Според зборовите на апостолот, мојот живот е на Небесата, од каде што го очекувам Спасителот, нашиот Господ Исус Христос (Фил.3:20). Татковина ми е горниот Ерусалим (Откр.21:10). А, местото и градот кои овде ме воспитаа, не е ваше да ги дознаете. Но, бидејќи дојдовте тука, дозволете да ве нахранам со пустинска храна.” Сите јаделе и се наситиле. Некој од нив скришно зел од сланутокот за подоцна. По патот кон дома тој им предложил на пријателите, но во украдените мешунки не се нашло ни зрно. Пастирите зажалиле и се вратилие. Старецот со радост им простил, велејќи: „ Чеда мои, така благоволил сесилниот Бог: тука да расте и тука да се јаяде.” Оттогаш почнале да доведуваат кај преподобниот болни и опфатени од нечистиот дух, кои тој ги исцелувал со молитва. Откако станал прочуен, подвижникот заминал од саканата шуплина /во дрво/ и се населил на висока и тешко-достапна карпа, каде 7 години поминал под отворено небо. Неговата слава се пронела далеку од Македонија, дури и зад границите на Бугарија. Бугарскиот цар Петар (927-969) сакал да се види со него. Но, преподобниот Јован напишал писмо, во кое, заради своето смирение, ја одбил средбата со царот. Подоцна пустиникот прифатил под свое раководство монаси, кои изградиле манастир со храм во пештерата, во која порано живеел преподобниот Јован. Тој мудро го пасел своето словесно стадо и се упокоил на 18 август 946 г., на 70-годишна возраст.

Пет години пред својата смрт, тој своерачно го напишал „Заветот до учениците.”

По неговата смрт, свети Јован бил погребен близу до Рилскиот манастир, чиј основач е токму тој. Набргу потоа, Петар наредува неговите свети мошти да бидат пренесени во градот Средец (Софија). Византискиот писател Георги Скилица сведочи дека во Средец, преку моштите бил излекуван византискиот император Мануил I Комнин (1143–1180).

Во 1183 г., за време на една од унгарско-византиските војни, унгарскиот крал Бела ІІІ го презел Средец и ги пренел моштите на свети Јован во својата престолнина Гран (Остергом). Според преданието, местниот католички архиепископ тврдел, дека не му е познато дека постои таков светец, за што свети Јован го казнил со немост. Откако се поклонил пред светите мошти и помолил простување, говорот му се вратил. Вознемирени од тоа чудо, во 1187 г. Унгарците ги вратиле моштите на светецот во Бугарија.

Извор: Свиток

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz