Свети Дионисиј од Закинтос

Во пресрет на летните одмори, кога голем број наши читатели ќе се одлучат да летуваат на грчките острови, објавуваме серија написи поврзани со светињите чии животи се поврзани со овие острови, но и чии чесни мошти се наоѓаат на некои од летните дестинации. Се надеваме дека на овој начин ќе помогнеме можноста за одмор да се искористи и како можност за поклоничко патување и поклонение.

Свети Дионисиј од Закинтос

Нашиот отец меѓу светиите, Дионисиј од Закинтос се родил во 1547 година. Како млад примил добро богословско образование, и ги изучил грчкиот, италијанскиот и латинскиот јазик. Се замонашил на 21-годишна возраст, а веќе на 23 години бил ракоположен за свештеник со името Даниил. Како јеромонах се подвизувал на Закинтос. Подоцна бил избран за Архиепископ Егински, за потоа да ја напушти катедрата и да се подвизува на островот Закинтос. Се упокоил во Господа на 30 декември 1622 година, и бил погребан во манастирот на св. Георгиј, во кој и се подвизувал.

Неговите нераспрадливи мошти биле откриени и од нив се ширел благомирис. За светител бил канонизиран од Константинополската Патријаршија во 1703 година. Освен денот на неговото успение (30 декември), Црквата го празнува и споменот на пренос на неговите мошти на 6 септември (24 август н. ст.) секоја година.

Светител на проштевањето

Свети Дионисиј е познат по неговиот подвиг во проштевањето и љубовта кон сите луѓе, особено поради еден случај што накратко ќе го раскажеме.

Проштевањето на св. Дионисиј
Проштевањето на св. Дионисиј

Еден човек дошол до келијата кадешто светиот се подвизувал, и го преколнувал да го сокрие од гонителите кои го барале. Кога светиот Дионисиј го запрашал зошто го гонат, човекот му кажал дека убил некој човек по име Константин. Она што убиецот не го знаел, а светиот го разбрал од кусиот разговор е дека човекот што бил убиен бил братот на светителот кај когошто убиецот барал прибежиште, Константин. Свети Дионисиј се нажалил од исповедта на убиецот, но го сокрил во неговата келија и не го предал на властите. Наместо тоа, тој го поучувал убиецот на покајание. Според Преданието, убиецот подоцна се раскајал и самиот станал монах во истиот манастир.

Чудотворец

Запишани се многубројни сведоштва за чудата што Бог ги направил преку овој голем чудотворец: исцеленија од разни болести и маки, небесни интервенции во критични случаи на оние кои во последен момент го повикале светиот да им помогне…

Она што е особено интересно е што при нападот на кулите-близначки во Светскиот Трговски Центар во Њујорк на 11 септември 2001 година, во црквата на св. Никола која се наоѓала во подножјето на кулите, која од нападот била ужасно уништена, само две нешта останале целосно недопрени: едно дрвено распетие и книжна икона со ликот на свети Дионисиј.

Светител што оди

Одвреме-навреме се случува кивотот во којшто се чуваат светите мошти на свети Дионисиј, во црквата што го носи неговото име на Закинтос, да не може да се отвори, иако свештеното братство кое служи во црквата се обидува да го стори тоа. Меѓу верниот народ на островот постои Предание дека во тие моменти светиот оди низ островот и твори разни чудеса. Подоцна, кога кивотот конечно може да биде отворен, на обувките кои се положени на нозете на овој светител се гледаат траги од одење и земја, со што уште повеќе се потврдува ова Предание. Всушност, токму поради оваа износеност на обувките потребно е секоја година тие да се менуваат.

Народот на Закинтос постојано сведочи за нови и нови јавувања и виденија на светиот по улиците на овој јонски остров.

[на видеото е прикажана литијата со чесните мошти на свети Дионисиј што секоја година се одржува на 24 август, денот кога Црквата во Грција го слави неговиот свештен спомен]

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz