Дали треба да одам кај свештеник или кај психотерапевт?

Прашање: Доколку имам некаков проблем, ве молам, кажете ми дали треба да одам кај свештеник, или кај психотерапевт?

Одговор: Секако, велам дека треба да појдете кај свештеник. Но, за жал, забележувам нешто во нашиот свет: сѐ почесто гледам како ние, свештениците, го немаме најдено православниот начин на примање на човека, на негово ислушување, разбирање, воскреснување.

Како човек кој живее на Запад, каде Црквата илјада години ја нема, и каде што духовноста доживеала „банкрот“ – во 20-от век овој дамнешен банкрот на духовноста стана целосно видлив. И сега, просветлените од Западот сѐ повеќе трагаат по православието, по православието кое е толку неразбрано во земјите од коишто потекнува, со што сите ние сме во положба во каква што биле Евреите кои го изгубиле преданието што еднаш им било откриено. Ова ви го велам токму за да не се случи од Господа да бараме само тие од Западот да ја најдат вистината, туку и нам да ни додаде во ризницата на нашето наследство.

Имам впечаток дека оваа наука на психологијата е исто така еден вид на Милост Божја во светот во кој Бог веќе не постои и има човекотворна црква, човекотворно свештенство на некој начин – иако не сакам да го користам зборот „псевдо“, иако можеби во случајов, треба. Што е психологот (психотерапевтот)? Тоа е некој кај кого човек оди за да си го олесни бремето и да му каже сѐ, и за кого знае дека нема да му суди, и поради етичко-професионални причини нема да открие ништо од она што му било кажано. Отци, свештеници! Ова е наша привилегија! Ние мора да бидеме способни не само да ги замениме психотерапевтите, туку и да ги надминеме во секое очекување што нивните пациенти го имаат од нив. Зошто? Затоа што ние го имаме Таинството, ние Го имаме Бога со Кого можеме да влијаеме врз луѓето. Ова ви го велам за барем малку да зачекориме во Божјото Таинство, а оттаму – не знаеме до каде сѐ може да стигнеме! Сум видел бројни воскресенија, десетици семејства како се креваат од мртвите на Западот, како и тука!

Значи, би рекол дека секако, човек треба да појде кај свештеник, но простете ми, браќа свештеници, јерарси, мора да признаеме една вистина: толку сме лоши, толку сме го изгубиле нашиот повик, што луѓето се збунети и одат секаде и кај секого кај кого што можат. Ќе ви го кажам и ова: психологијата, како што знам, започнала со Фројд и продолжила со Јунг, и на човекот му предизвикала многу проблеми. Но, повторно, ако погледнеме историски, ќе увидиме дека дури и преку психологијата човекот трага по својот вистински идентитет; и дека има многу психолози кои откриваат некакви вистини кои, ако погледнеме повнимателно, ќе забележиме дека ѝ биле  познати на Црквата а, за наш срам, ние не живееме според нив, не ги применуваме во нашите животи.

Велам за наш срам – знаете, јас верувам дека сите ние сме како една личност, дека мојата исповед е и твоја исповед, мојот живот е и твој живот, дека сите ние споделуваме една иста судбина, и би сакал да ве повикам сите вас, како една личност, да бидеме обновени во Духот. Ова не го велам за вие, лаиците, да ги судите свештениците, туку да се молите за нас, за Бог да нѐ просветли, така што ние ќе можеме да ве просветлиме вас. Ова се однесува на моите браќа свештеници, за да знаеме во каков ужасен пад се наоѓаме.

Затоа, треба да учиме од левицата и од десницата, од отците, психологијата, од светот на праведните, но и од светот на грешниците, од сите страни. И, со Божја помош, мора да сфатиме и да се покаеме, како што се вели во (книгата на) Откровението на една од Црквите: „Спомни си од каде си паднал, и покај се, и врши ги поранешните дела; ако не… скоро ќе ти дојдам и ќе го преместам светилникот твој од местото негово, ако не се покаеш.“

Архимандрит Рафаил од Есекс

Оставете коментар

1 Comment on "Дали треба да одам кај свештеник или кај психотерапевт?"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

dali da odime kaj svestenik ili kaj psihijatar. Jas mislam deka i edniot i drugiot samo te soslusuvaat,nitu eden od niv ne moze da ni sudi,Sevisniot e toj sto ke ni sudi koga ke dojde vreme za toa. No mislam deka crkvata i svestenicite traba da bidat poprisutni bilo vo ucilistata ili vo edukativni programi na TV kade ke ne zapoznaat i poucat za mn.raboti sto ne gi znaeme,da ne gresime za podocna da ne bideme osuduvan.

wpDiscuz