Суд пред Судот

Пазете се од луѓето, зошто тие ќе ве предадат на судовите, и по синагогите нивни ќе ве бијат. И ќе ве одведат пред управници и цареви заради Мене, за да сведочите пред нив и пред незнабошците. Кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате, зошто во тој час ќе ви биде дадено што да кажете, бидејќи не сте вие што ќе говорите, а Духот на вашиот Отец ќе говори во вас.

Матеј 10, 17-20

Пред очите на разумот ми поминуваат безброј слики на лица познати и непознати во некоја фотографска техника чија брзина ми дозволува да се задржам на нив определено време, но недоволно долго, ниту целомудрено да оценам од кого треба да се пазам. Речено е генерално од луѓето, па тргнувајќи од мојата целосна заслепеност да поверувам дека постојат нечии очи и срце поразлични од оние што ги познавам, а се подготвени да напакостат, тогаш навистина ќе се пазам од луѓето. Но, не од она што ќе ми го сторат, и онака тоа ќе биде дел од благодатта да се помине низ искушенијата како и Јагнето, туку само да не им се придружам.

Ќе ме предадат на судовите. Кој суд би осудил некој со крстот на челото, освен оној кој слугува на Лукавиот и неговата идеја да ги сотре сите души копнежливи по Господа. И ќе ме бијат по црквите нивни незасрамени од мирисот на воздухот и еуфоријата помеѓу камењата, за кои се убедени дека го привлекуваат и задржуваат Духот. И се сомневам дека ударот од камшикот повеќе ќе боли од помислата дека тоа можеше да биде дом на нашиот Татко.

И ќе ме одведат пред моќници за да сведочам пред нив и незнабошците. Кој е Исус ќе запрашаат, Кој се осмелил да се прогласи цар на царство, а се огрешил на нивните ритуали да започне од најниско на скалата како обичен подлец и дури по години докажување и прогрес да заслужи таква функција? Кој е Тој, Кој краде од нивните слуги, ги нарекува деца и им нуди наследство за кое нема да плаќаат ниту закуп, ниту крв, ниту ќе продаваат тело? Кој е Тој, Кој лекува болести и човечки немоќи, а не го користи срцето како стока во продажбата на органи или рацете како место за вбризгување на дрогата? Кој е Тој, Кој има милозлив поглед и нежна рака и сака да допре насекаде по пустошот идеално осмислен за да се владее во светот? И каде е Тој сега?

Нема да се грижам како или што ќе им зборувам, бидејќи во тој час ќе ми биде дадено што да кажам. Ќе им речам дека Тој е Богочовекот на Кој не му се потребни избори за да се прослави како Цар на Небото. Тој измоли место од Таткото за сите Негови кои после појадокот на изворот на жива вода ќе предремат до дрвото кое раѓа дванаесет пати. Тој е Лекарот на души повеќе отколку тела, Кој сам чука на портата да провери дали сите чеда се добро. Тој сега е сеприсутен, во сите очистени човечки храмови, кај покајниците со шамивче кон солзите и до тврдокорните со силен Глас против стапиците на сатаната кои мора се заобиколат.

Бидејќи нема да бидам јас што ќе говорам, а Духот на нашиот Отец ќе говори во мене. Ќе стојам како кип од мермер со замрзната гордост која ќе сака да се истрча пред Духот и каже посилна мудрост. Или како санта вечно нестоплив мраз кој победил и еден Титаник, па преполн со историска сила да се излее пред судиите и ги потопи заедно со нивната пресуда. Ќе молчам со сиот оган во мене, многу силно притиснат од неговиот пламен кој неконтролирано беснее да се ослободи од мене, од казаните и дури и од молњите, за да ја опожари судницата и нејзината неправедност. Ќе плачам од лутина со заби скрцкани во бес незапирлив, со гнев веќе собран во грлото и потреба да се вреска против неумието и самодоволноста, со можност да се предизвика земјотрес кој судството би го проголтало. Но, нема да бидам јас тој што ќе говорам, а само Духот на нашиот Отец ќе говори од мене.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz