Стравот на Гергесинците

Бесомачни

(Мт. 8, 28-34; Мк 5, 1-17; Лк. 8, 26-39)

Чудото на исцелувањето на бесните од гергесинскиот крај, возљубени браќа и сестри, нé соочува со прашањето за стравот и љубовта кон Бога. Дали овие две нешта сосема се исклучуваат, како во желбата на Гергесинците на крајот од евангелското четиво, или на некое ниво стравот и љубовта се комплементарни и ни помагаат во градењето на личниот однос кон Бога? Стравот Божји кого често го препознаваме кај најверните и најпобожните луѓе во библиската историја не е просто патолошка состојба. Иако наречен страв, тој всушност не е фобија или некаков трепет на неприпитомено животно пред авторитетот на својот господар. Стравот Божји или благобојазноста (благоговение) е едноставно кажано послушание од љубов. Потполна изостреност на вниманието да не Го изневериме со нешто Оној, Кој има потполна доверба во нас.

Замислете семејство во кое децата немаат ни почит, ни благодарност, ниту пак приврзаност кон своите родители. Замислете семејство во кое децата го одрекуваат постоењето на своите родители. Светот во кој живееме денес во голема мера наликува на вакво семејство. Свет на непослушност и солипсизам.

Сега да му се вратиме на евангелското собитие. Кога нашиот Господ и Спасител Исус Христос пристигна во земјата Гергесинска, во која живееше племе кое некогаш му припаѓаше на избраниот народ Израилев, се сретна со два човека, со легион демони и со крдо свињи. Двајцата бесомачни беа во таква лоша духовна состојба, што предизвикуваа страв и трепет на сите што беа принудени да поминуваат покрај ова место, на кое сега стоеше Спасителот. Случајните минувачи, се разбира, не се плашеа од луѓето, туку од демоните што со нив управуваа, терајќи ги да дивеат, да се кријат по гробовите и со агонијата на демонизираноста да напаѓаат сé што ќе им излезе пред очите. Силата на демоните, значи беше во стравот што го предизвикуваа. Но, кога пристапи Господ, тие познавајќи Го, како духовни битија, сосема го променија својот став. Иако отпаднати во непослушност, одметнувајќи се во потполно проклетство, заедно со својот началник, ѓаволот, тие Го познаа во Христа Создателот и Господарот на сето видливо и невидливо. И, бидејќи испразнети од љубов, бидејќи демони, тие не беа во состојба поинаку да реагираат освен со ужасен страв. Од овој аспект, стравот ни се открива како отсуство на љубов.

Демоните се исплашија и почнаа да Го молат Христа да не ги мачи пред време. Зошто велат пред време? Та тие знаеја дека платата за непослушноста е во вечните маки на идниот век. Сознание кое и ние луѓето го имаме, но во кое често не веруваме. Рајот и пеколот за маловерните, мошне често се само приказни за некоја далечна, неизвесна иднина. Внимателно исчитувајќи ги овие редови во Евангелието, неизбежно е да забележиме дека во однос на послушноста, послушноста од љубов кон Бога, ние луѓето често се однесуваме полошо и од демоните. Тие тоа го прават од страв, а ние понекогаш немаме ни страв, ни љубов. Што имаш со нас Ти, Исусе, Сине Божји! Зар си дошол тука предвреме да нé мачиш?- Во нивната преплашена реакција содржано е и признавањето на Христа, како Син Божји. Тоа е наследство од нивното познание како некогашни ангели. И во тоа, нашата состојба е некогаш понезавидна. Се разбира, ние никогаш не можеме сосема да се поистоветиме во падот со демоните, првенствено бидејќи, за разлика од нив, ние го носиме образот Божји, но според делата на непослушноста и самоугодувањето, сосема им се уподобуваме. Демоните го молеа Господа: Ако нé изгониш, позволи ни да отидеме во свињине! – нешто што многу потсетува на молбата на безимениот богаташ, кој наместо милост и искупување, побара сиромавиот Лазар со прстот да му го разлади јазикот. Какво безумство се крие во самоугодувањето!

И Господ им го дозволи тоа, зашто Неговата намера беше да ги ослободи луѓето од прангите на демонското робување. Како Творец и Искупител на сé што постои, Тој ја покажа власта и над нечистите духови. Власта и љубовта кон своето создание паднато во непослушност.

Демоните влегоа во свињите. Свињите се сурнаа во провалијата и се издавија во морето. Свињарите, пак, престрашени истрачаа да им јават на луѓето во градот што се случи со бесните и со свињите. Нивниот страв е симптом на нивното духовно здравје. Иако за евреите свињите спаѓаат во нечистите животни, очигледно во овој крај Старозаветниот Закон Божји не се почитуваше, а тоа уште повеќе може да се забележи и од реакцијата на Гергесинците. Тие од очевидците разбраа за чудесното исцеление на бесните што Христос го направи, ослободувајќи ги од големата неволја што им се закануваше на сите кои поминуваа по овој пат. Но, тие не се израдуваа заради тоа, ниту Му заблагодарија на Искупителот. Ним едноставно повеќе им беше жал за свињите што се издавија, одошто за луѓето, – нивните сродници, нивните браќа, што беа излекувани. Како резултат на својата оскрбеност, тие Го замолија Христа да си замине од нивниот крај. Ваквата реакција едвај може да се нарече човечка, или разумна. Таа во многу што наликува на реакцијата на Великиот Инквизитор од философската парабола на Достоевски. За овој свет, кој е опседнат со либерализмот, како идеологија на непослушноста, нема место за Христа и за Неговото милосрдие. Тоа е злото на кое лежи светот. Но светот не треба да го поистоветуваме со злото, бидејќи светот е создание Божјо. Со својата љубов кон Бога и благоговејното исполнување на Неговите заповеди, секој ден, со секој едноставен добродетелен подвиг, преку личното преобразување, да ја преобразуваме незавидната состојба на човештвото, која малку се разликува од она што нашиот Спасител го сретна во земјата на Гергесинците. Амин!

Митрополит Методиј Златанов

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz